Почетна Анализа Документи за воскресението на Спасителот
Документи за воскресението на Спасителот

Документи за воскресението на Спасителот

275
0

Преку летото во 1844 година германскиот научник д-р Константин Тишендорф проучувал во Рим документи за расцутот на Римската Империја…Во приватната императорска архива, д-р Тишендорф нашол снопче од преписки со натпис „Активност на императорот Тивериус Цезар-судски ресор“. Меѓу останатите документи нашол и преписка со ситен ракопис под наслов „Рапорт на Пилат Понтијски, императорски намесник во Јудеја – до Тивериус Цезар, римски император“. Преписката се однесувала за Исуса, неговото судење, распнување и воскреснување. Дел од овој документ се наоѓа и во Британскиот музеј. Ексклузивно во религија.мк за првпат на македонски го изнесуваме преписот на Пилат со Тивериус Цезар во неговата автентична форма.

НИКОЈПАТ ДОТОГАШ НЕМАВ ВИДЕНО ПОПРИЈАТЕН И ПОМИЛ ЧОВЕЧКИ ЛИК!

Рапортот почнува вака: „Последните настани во мојата провинција Јудеја беа од таков карактер, што јас мислам дека треба да ви дадам детални податоци за развојот на овие настани.

             Помеѓу разновидните гласови, кои доаѓаа до моите уши има таков кој особено го привлекува моето внимание. Велат дека во Галилеја се јавил млад човек кој го учи народот со возвишено достоинство на нов закон…“

Во еден друг рапорт пишувало: „Еден ден кога минував по Силоамската месност, забележав млад човек, потпрен на едно дрво, кој спокојно му зборуваше на мноштво народ од различна возраст. Ми рекоа дека е тоа Исус…Никојпат дотогаш немав видено попријатен и помил човечки лик…Каков контраст меѓу него и неговите слушатели…Му наредив на мојот секретар да се присоедини кон луѓето и да чуе што се зборува. Мојот секретар Манлиус е внук на жандармерискиот наредник на заверениците, кои се настанија во Етрурија, за да го чекаат Каталина. Манлиус од одамна живее во Јудеја и добро го познава еврејскиот јазик…“

Рапортот продолжува: „Таа неограничена слобода, дадена на Исуса да го поучува народот, ги вознемири не сиромашните, но богатите, силните и старешините. Вистината е дека Исус спрема тие последните е жесток во своите искажувања, а тоа, според мене, беше еден политички план да не ја контролирам слободата на Назареецот…Мене ми беше кажано дека може да го снајде нешто лошо, бидејќи нема да биде за првпат, кога Ерусалим ги убивал со камења тие, кои се нарекувале пророци…“

ПОТОКОТ КЕДРОН ТЕЧЕШЕ КРВАВ!

Наближувала Пасха. Решението на јудејските првенци да го убијат Исуса било неминовно. Пилат добил податоци, дека од касата на ерусалимскиот храм биле земени средства, за да се доведат и од провинцијата поткупени луѓе, кои ќе ја бараат смртта на Исуса. Сето тоа зборувало дека наближуваат немирни денови. Исус е на суд. Првосвештениците и старешините ја бараат Неговата смрт. Палатата на Пилт Понтијски добива изглед на опседната тврдина-собраниот народ, подучен, вика: „Распни го!“

Сопругата на Пилат, римјанка од Гуале, со плачење го моли својот сопруг и го предупредува: „Внимавај, не прави никакво зло на тој човек, зашто е свет. Минатата ноќ јас Го видов на сон. Тој одеше по водата…Потокот Кедрон течеше крвав…“

Ветерот ја однесува агонијата на еден распнат. Темни облаци се надвиснуваат над светлиот град Ерусалим. Мноштво луѓе, разединети од некаква бркотија, се враќаат молчаливи, нажалени. Тие носат еден впечаток на преживеана страотија, ужас.

Секретарот на Пилат Понтијски-Манлиус, придружен од неколку војници, го надгледува погребението на Исуса во градината на Јосифа од Ариматеја.

Тој прочуен рапорт на Пилат до Тиберија во Рим завршува: „По некој ден градот се најде поразен. Неговите ученици соопштија по целата област дека Исус воскреснал…како што претскажал“.

За овој рапорт на Пилата спомнува Валерија Тациус, кој живеел во првиот век по Христа. (Acta Pilati-документи од Ватиканската библиотека, стари ракописи, императорска архива).

ИЛИ БОЖЕСТВОТО СТРАДА ИЛИ СОЧУСТВУВА СО ОВОЈ МАЧЕНИК

Црковниот учител Тертулијан, роден во Картагина во 160 година од новата ера, во своите писмени состави споменува за рапортот на Пилат до Цезар Тибериус.

Дионисиј Ареопагит, учен човек и филозоф од Атина, во времето на судењето и распнувањето на Исуса Христа, бил во градот Хелиополис, Египет. Тој запишал дека се случило помрачување на сонцето пред еврејската пасха. Тој на својот пријател Аполофанес му рекол: „Или божеството страда или сочуствува со некој маченик“. Овие искажувања на св. Дионисиј Ареопагит по време се совпаѓаат во страдањата на Христа на крстот.

Во тек од 40 дена, воскреснатиот Спасител се јавувал на Своите ученици одвреме-навреме. Има длабока мисла во тоа повремено јавување на Господа на апостолите: со тоа Тој сакал да ги увери, дека е Тој истиот, каков тие го познаваат, дека не е некакво сениште и халуцинација.

Веста за воскреснатиот Христос дури и од апостолите е примена со внатрешно колебање. Апостол Петар, после зборовите на жените, се втурнува кон гробот, ѕирка и влегува внатре, за да се увери дека телото на Господа не лежи таму. А аспостол Тома не сака да поверува, додека не ја стави својата рака во раните од клинците.

Ништо не ја потврдува со таква сила светата историја за воскресението на Исуса, како беспристрасното проникнување и толкување на смислата на евангелскиот расказ на тоа место.

Зборовите на Божјите пратеници-ангелите: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите, Тој не е овде, а воскресна“ (Лк. 24, 56), им откриваат една реалност, која ги исполнува со страв и ужас и тие брзаат да им соопштат на апостолите што виделе и чуле. Ништо нема двосмислено во поведението на овде активните лица и психолошки и надворешно фактите нè упатуваат кон големата тајна на воскресението на Исуса, кое ја сврти духовната историја на човештвото по нов пат.

Св. Јован Златоуст во 25-та беседа на Евангелието на Св. Јован зборува дека токму за тоа Христос земал храна заедно со апостолите, за да не го сметаат Неговото јавување за сениште.

Воскреснатиот Христос им ветува на своите верни ученици дека ќе ги облече во сила одозгора, за да ја проповедуваат на сите народи Неговата спасоносна наука.

Јавувањата на воскреснатиот Исус на своите ученици го утврдиле и ап. Тома, кој се сомневал, на кој потоа видел и поверувал.

Духовната историја скоро две илјади години ја потврдува верата во воскреснатиот Исус и полнотата на вистината за Исуса и Неговото воскресение, дадена во Светото Евангелие, и до ден денес ги храни срцата на оние што веруваат.

Воскресението на Исуса Христа е најголемата тајна, кое ги поставува темелите на живата Божја Црква и на една прекрасна духовна историја на светот, која го обновува светот со начелата на љубовта и мирот, преку кои се изградува совршениот човек во Божјото царство на земјата.

За жал, денес се повторуваат исти настани, но со силата на воскресенскиот празник да се потрудиме да ги надминеме. И распетието да го претвориме во едно убаво воскресенско спасение. Христос воскресна!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *