Почетна Интервју Добар верник е добар граѓанин и совесен член на општеството
Добар верник е добар граѓанин и совесен член на општеството

Добар верник е добар граѓанин и совесен член на општеството

313
1

ИНТЕРВЈУ: МОНСИЊОР АНТУН ЦИРИМОТИЌ КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ВО МАКЕДОНИЈА

РЕЛИГИЈА:МК: Христијаните кои го слават Божиќ по Грегоријанскиот календар се пред одбележување на овој голем празник. Но, како ретко кога во современата светска историја, западноевропските држави организираат зголемени мерки на безбедност. Дали светскиот мир, особено по настаните во Берлин е пред сериозен предизвик?

ЦИРИМОТИЌ: Светскиот мир не е загрозен со инцидентите како што се настаните во Берлин, Париз и слично. Светскиот мир е загрозен со постојана индокринизација и труење на млади луѓе со лажни ветувања и со омраза. Од друга страна, светскиот мир е загрозен со продавање на оружје од државите на кои им е поважен профит и доминација отколку живот на децата, на младите и возрасните луѓе. Тие што бездушно ги убиваат своите неродени деца, не ги почитуваат ниту животите на другите луѓе. Достоевски има право кога вели: „Ако нема Бог, се е дозволено“, „Ако човекот не верува во Бога кој доброто го наградува, а злото казнува, нормално е да го прави тоа што нему му одговара и со својата себичност и алчност искористува се и секого за своите лични интереси“.

antun-cirimoticРЕЛИГИЈА:МК: На денот на Божиќ веројатно најголем дел од пораките ќе бидат насочени кон апели за мир, љубов, соживот, толеранција и крај на конфликтите. Колку тие пораки стигаат до оние кои навистина треба да пристигнат?

ЦИРИМОТИЌ: Божиќните пораки и апели за мир, почитување на човечкото достоинство, братска љубов и соработка стигаат до сите луѓе.

РЕЛИГИЈА:МК: Колку современиот човек ја сфаќа пораката од раѓањето Христовото?

ЦИРИМОТИЌ:  Ангелите со својата Божиќна песна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето и добра волја“, јасно ја кажаа пораката од Христовото раѓање. Слава на Бога и мир на земјата се внатрешно поврзани и не одат едно без друго. Ако не се слави Бог, не може да има мир на земјата. Вистински мир е плод на праведност и на вистинска љубов во меѓучовечките односи.

РЕЛИГИЈА:МК: Неодамна италијански кардинал изјави дека во светот нема судир меѓу исламот и христијанството, туку дека во позадина на овие настани стојат политички и економски мотиви на главните актери. Дали религијата ќе дозволи да биде злоупотребена за вакви цели?

ЦИРИМОТИЌ:  Исус Христос ја дефинира вистинската религиозност. Таа е вистинска љубов кон Бога и кон ближниот. Некоја религија е вистинска религија доколку им помага на своите припадници да бидат вистински религиозни – да растат и созреваат во љубовта. Бидејќи заеднички именител на сите религии е љубов, тие можат меѓусебно да се дополнуваат, а не да се судираат. Омразата е негација на љубовта, негација на религиозноста и на религијата. Злоупотребата на религиозните чувства кај луѓето е манипулација – злочин против Бога и против луѓето.

РЕЛИГИЈА:МК: Оваа година за Католичката црква во Македонија беше исклучително значајна, особено поради прогласување на Мајка Тереза за светица. Дали според Вас, ликот на Света Мајка Тереза може да биде обединувачки елемент во Македонија?

ЦИРИМОТИЌ:  Света Мајка Тереза е Скопјанка – родена и формирана во Скопје. Со својата љубов кон сите луѓе, без разлика на нивната национална, религиозна и политичка припадност, таа сите не повикува да го следиме нејзиниот пример. Вистинската братска љубов ги зближува луѓето, ги поврзува, им помага да соработуваат и да се чувствуваат како браќа и сестри. Сите луѓе се браќа и сестри, бидејќи на сите им е еден и ист небесен Татко – Господ, кој сите ги создал да се сакаат и да бидат среќни.

РЕЛИГИЈА:МК: Како ја оценувате улогата на Католичката црква во Македонија во ова општество?

ЦИРИМОТИЌ: Католичката црква во Македонија се обидува на своите членови да им помогне да бидат вистински верници, а тоа значи да живеат во согласност со Христовата заповед: Сакај Го Господ со сето срце, а ближниот како себе си. За да се оствари таа цел, Католичката црква има веронаука за деца, за млади и за возрасни, има подготовка на крштение, за исповед, за причест, за венчание. Освен тоа, католичките свештеници служат секојдневно света Литургија и со тоа им овозможуваат на верниците големо духовно збогатување. Со читање на Библијата и толкување на библиските текстови им се овозможува на верниците да ги запознаваат основните верски и морални вистини, а тоа значи правилно да ја формираат своја совест и да постапуваат во согласност со неа.
Добар верник е добар граѓанин и совесен член на општеството. Еден голем физичар рекол една значајна мисла: „Со пламенот на едно дрвце кибрит цел космос станува посветол и потопол.“
Може точно да се измери колку се зголемила светлината и топлината во космосот. Не е можно да се измери светлината и топлината која ја дава на општеството една личност која се определила за добрина – за вистинска љубов. Секоја позитивна личност духовно ја збогатува заедницата во која живее и делува. Преку својата хуманитарна организација Македонски Каритас, Католичката црква им помага на луѓето во нивните телесни и духовни потреби, без оглед на нивната национална, верска или политичка припадност. Единствен критериум е вистинска потреба. Латински збор Caritas значи братска љубов – взаемно помагање. Сите верски заедници во Македонија би требале повеќе да се ангажира за мир, меѓусебно разбирање и соработка меѓу луѓето.

РЕЛИГИЈА:МК: Колку според Вас, меѓуверскиот соживот во земјата во темели на вистинска меѓуверска почит, а колку на неопходна состојба на толеранција?

ЦИРИМОТИЌ: Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиозна земја. Има многу примери за позитивни меѓусебни односи, но за жал, има и тензии и негативни постапки. Личните и партиските интереси се наметнуваат како национални и верски интереси и со тоа се манипулира со националните и верските чувства на луѓето.
Верските заедници би требало заеднички да се ангажираат и да не дозволат да се злоупотребуваат верските чувства на луѓето. Сите граѓани треба да градат подобра иднина за сите. Треба да се гради взаемно разбирање, почитување, доверба и соработка. Искуството покажува дека егоистичен обид да се гради сопствена среќа на сметката на другите има за последица несреќа за сите.

Радмила Заревска

Коментар(1)

  1. Dali ovoj velecasni vo dobri vernici i dobri gradjani i sovesni clenovi na opstestvoto gi vbrojuva i negovite , vo hrasta fratri (bratja) (3000) triiljadi , koi kao katolicki svestenici se obvineti za pedofilija i protiv ko samiot Vatikan vodi sudska postapka. I dali saka da ni objasni do kade e dosla postapkata protiv tie dobri vernici

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *