Почетна Анализа „ДНЕВНИК“: Откриена енигмата за моштите на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир
„ДНЕВНИК“: Откриена енигмата за моштите на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир

„ДНЕВНИК“: Откриена енигмата за моштите на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир

3.33K
1

Хаџи Наке, чие име е наведено на ковчегот со моштите на свети Јован Kрстител и на други светители, кој и денеска се чува во Бигорскиот манастир откако му е подарен во 1833 година, е мојот прапрадедо од село Беличица, вели за „Дневник“ Бранко Богучевски, 41-годишен скопјанец, чии семејни корени се од ова село на падините на Бистра.

Богучевски вели дека сите генерации во неговото семејство се гордеат со подарокот што Хаџи Наке го донел во најпознатото македонско светилиште од Цариград, каде што поминал на враќање од аџилакот во Ерусалим, откако разбрал дека таму се чуваат вредни мошти на повеќе христијански светители.

Hadzi Nake
Потомокот на големиот дарител вели дека неодамна ја прочитал приказната во „Дневник“ за единствените мошти на свети Јован Kрстител во Македонија што биле подарени пред 164 години, но дека не се знае ништо повеќе за човекот што му ги подарил на манастирот. За него единствено има напис на кутијата во која се наоѓаат моштите и која се чува од десна стана на иконостасот во Бигорскиот манастир: „Хаџи Наке од Беличица купил сам свјати мошти од Цариград со кир Антонакиј…“. Но, за други податоци за тоа кој бил и што работел во тој период досега не се познати. Бранко Богучевски ни објаснува дека приказната за донесувањето на моштите од страна на неговиот далечен предок е посебна и водена од љубовта кон христијанството и Бигорскиот манастир.

– Мојот прапрадедо хаџи Наке во тој период е глава на семејството, голем домаќин, чорбаџија, кој се занимава со сточарство и трговија. Семејството во својот посед има многу пасишта, шуми и добиток, дуќани во Гостивар. Тргува и патува по многу градови, Тирана, Солун, Виена.. со што семејното богатство станува значително. Тој и целото семејство се и искрени христијански верници. Добиле и прекар Богуч, што во превод од старословенски би значело богупоштувалец. Во тој период, семејната традиција налагала главата на семејството да оди на аџилак во Ерусалим, на поклонение на гробот на Исус Христос – раскажува тој.

Преговори со султанот за реликвијата што ја донеле темпларите Тој тргнал на пат со уште неколку еснаф луѓе од селото, населено со Македонци-Брсјаци. Стасале до центарот на христијанскиот аџилак. Во Ерусалим, наведува Богучевски, тие ги слушнале приказните за наоѓањето на Светиот крст, за Златниот грал, но и за ковчегот со моштите на светителот што го крстел Исус Христос и на други светители. Приказната е дека тој ковчег бил однесен од витезите темплари при нивното повлекување од Ерусалим и оти се наоѓа во Цариград, во најпознатата христијанска црква „Света Софија“.

– Мојот прапрадедо се решава да оди во центарот на Османлиското Царство да го пронајде ковчегот со моштите. Откако го наоѓа, кај него се јавува желба да го откупи од султанот и да го донесе во Македонија за како земја и како народ да имаме таква вредна реликвија. Не ми е познато колку време чекал да добие дозвола за прием кај султанот, но на крајот му успеало. Султанот го знаел големото значење на моштите за христијаните и решил да преговора со Хаџи Наке за откупот. На крајот, било договорено да бидат платени 30.000 тогашни златници. Мислам дека мојот прапрадедо чекал во Цариград да му бидат донесени парите од Беличица – објаснува Богучевски.

Султанот решил да им обезбеди и турска воена придружба за да бидат сигурни дека на патот до Беличица нема да бидат нападнати и ограбени од банди. Во кивотот, кој е прекриен со стакло, се наоѓаат и повеќе други мошти на значајни христијански светители од различни периоди – на свети Јаков, брат Божји и прв епископ ерусалимски, свети Пантелејмон, свети Евстатиј, света Марина, свети Kирик и Јулита, свети Харалампиј, свети Никита и свети Трифун – реликвии што би ги посакала секоја православна црква.

Синот направил црква во Истанбул

Богатиот чорбаџија имал единствена цел – да ги донесе моштите во Бигорскиот манастир. Во тој период се верувало дека моштите на светителите ќе го чуваат манастирот во кој се наоѓаат. Бил организиран посебен голем пречек, достоинствен за вредниот подарок.

– Оттогаш до денес тие мошти им помагаат на многу луѓе што доаѓаат во манастирот да се молат за здравје, им помагаат на жени што сакаат да добијат дете. Верниците се протнуваат под нив, од нив повремено истекува свето миро, кое служи за лекување – наведува Бранко Богучевски.
Тогаш, на ковчегот бил испишан написот што сведочи за споменот за големиот дарител, кој не штедел свои пари за да донесе вредни реликвии во својата земја. Kивотот оттогаш се чува во светилиштето, а Хаџи Наке својот живот го завршил во родната Беличица, на чии гробишта е и погребан. Меѓутоа, сега е тешко да се открие каде точно му се наоѓа гробот.

– И неговиот потомок, син му Kоста Богуч прави, исто така, големо христијанско дело. Тој од Беличица заминува со своето семејство за Истанбул, каде што добива дозвола да подигне христијанска црква во централното подрачје на градот. Таа црква се наоѓа на Таксим и во неа се погребани тој, неговата сопруга и ќерка им. Најстариот син на Kоста, кој го добил името на неговиот дедо Наке, останува да живее во Беличица, каде што се оженил и го зголемува семејното богатство. Kупувале дуќани во Гостивар, Скопје, Дубровник. И тој бил на аџилак. Тој, всушност е мојот прадедо, бидејќи неговиот најстар син, кој го добил името Kоста Богуч, е мојот дедо, односно татко на мојот татко. Мојот дедо Kоста, како најстар син, добива задача да го води бизнисот во Скопје и во триесеттите години од минатиот век сме се преселиле тука, каде што го чуваме споменот на нашиот Хаџи Нике – вели Бранко Богучевски и додава дека има само неколкумина директни потомци на големиот донатор.

Жртви на масакрот на балистите

Голем број членови на семејството Богучевски што останале да живеат во Беличица биле ѕверски убиени од балистите во септември 1944 година. Масакрот го преживеал само еден член. Во борбата со балистите, бранејќи го селото, загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По завршетокот на борбата со партизаните, балистите убиле 17 жени, деца и старци од селото, а потоа го запалиле до темел целото село.

Soboren-hram1Икона од Ерусалим подарена на Соборниот храм

Интересно е да се наведе дека Хаџи Нике од својот аџилак во Ерусалим донел и вредна икона на Богородица со малиот Исус Христос. Таа сите години се чувала во нивното семејство, а на крајот решиле да му биде подарена на Соборниот храм на МПЦ „Свети Kлимент Охридски“ при чинот на неговото осветување во 1990 година. На неа е напишано дека е подарок од Наке и Ѕвездана Богучевски и се` уште се чува во храмот.

Коментар(1)

  1. Бидејќи гледам дека веста припаѓа на категоријата на најчитани вести што постојано се појавува, си зедов за право да ја искоментирам, иако е прилично стара.
    Точно е тоа дека моштите ги донел Хаџи Наке од Беличица, но сѐ друго е така страшно измислено, како во авантуристички филм.
    Прво: благочестивиот Хаџи Наке не го купил кивотот од Цариград, а кој наводно таму бил донесен од некакви темплари. Тој од Цариград ги откупил само моштите од светителите, меѓу кои секако и оние од св. Јован Крстител. На самиот натпис на кивотот јасно е наведен не само Хаџи Наке како личност што ги подарила моштите на светилиштето, туку и тоа кога тој е изработен. Исто така, историските пишани споменици сведочат дека кивотот е дело на дебарските кујунџии, а тоа се познава и по самата техника и стил на работа, особено карактеристичен за овој крај во периодот од 19 век.
    Второ: многу е жалосно, па и чудно би рекла, за еден новинар каков што е Бранко Ѓорѓевски, а кој се појавува како автор на текстот и важи за новинар – црковен аналитичар, да не се обратил во Бигорскиот манастир и да побара информации од монасите во врска со ова прашање, за да напише еден историски издржан текст.
    Трето: во Бигорски отсекогаш педантно се запишувало и за него е многу напишано, така што не постои простор за вакви авантуристички текстови кои се потполно неосновани.
    Поздрав и секое добро

Напиши одговор на Историчар на уметност Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *