Почетна Политичка теологија Детектор: Во Македонија осум од 10 граѓани се религиозни
Детектор: Во Македонија осум од 10 граѓани се религиозни

Детектор: Во Македонија осум од 10 граѓани се религиозни

62
0

Во Македонија се почитуваат верските слободи и права, сметаат најголем дел од граѓаните (78,0%) и велат дека никогаш не им била ограничена слободата на вероисповед (89,8%), во најновото истражувањето на јавно мислење на тема „Почитување на верски слободи и права“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа Александар Спасеновски – професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Мерсиха Смаиловиќ, граѓанска активистка и Радмила Заревска, новинар во „Нова Македонија“.

Осум од десет граѓани во истражувањето се религиозни (81,6%), меѓу нив најмногу Албанците (98,4%), потоа другите етнички групи (78,6%), и Македонците (76,5%).

-Заради традиционалноста на нашето општество и некои други фактори, бројот на граѓаните кои за себе сметаат дека се религиозни во многу поголема мера отстапува во позитивна смисла во споредба со државите членки на ЕУ, каде што просекот на религиозно население се движи од 25 – 50%, вели професор Александар Спасеновски.

Повеќето Македонци (43,6%), би прифатиле припадник од друга религија како дел од нивното семејство (34,7%, а повеќето Албанци (44,3%) би прифатиле припадник од друга религија како пријател (30,6%).

Испитаниците сметаат дека треба да има предмет во кој ќе се изучува религијата (56,0%), меѓу нив најмногу Албанци (87,4%) и Македонци (47,4%) го споделуваат тој став.

Според новинарката Радмила Заревска верските заедници треба да направат некои поместување и да го прилагодат верското учење на возраста. -Со изучувањето на религијата прво сопствената, а потоа на другиот треба да создадеме потолерантни генерации, со високи етички и морални доблести, затоа што секоја од религиите не учи на позитивни вредности, посочува Заревска.

За дел од граѓаните верската толеранција останува иста (42,1%), а дел велат дека е поголема (31,9%). Жените сметаат дека верската толеранција се подобрила (35,2%), а мажите (28,5%).

Мнозинството анкетирани имаат доверба во својата верска заедница (66,3%), кај испитаниците од православна вероисповед доверба имаат (62,8%), од исламска вероисповед (79,1%) и од католичка вероисповед (100%).

-Овие тенденции на позитивни одговори кај поголемите верски заедници иницираат истражување за состојбите кај припадниците на малцинските заедници во земјава кои не се уставно споменати и имаат помал број на приврзаници. Верувам дека одговорите ќе бидат исти, вели Спасеновски.

Истражувањето покажува дека државата е подеднакво рамноправна кон сите верски заедници (75,8%).

-Ако се залагаме за секуларно општество тогаш сите верски заедници треба да бидат во таа линија. Особено доколку сакаме заеднички да пристапат кон некои процеси тогаш не треба секоја верска заедница да ги води битките самостојно, истакнува граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ.

Скорешните политички случувања со Бугарија и Грција влијаат и на отворените прашања со македонската православна црква, чие што решавање би требало да се случи идната година предвидува новинарката Заревска. -Преспанскиот договор ќе овозможи олеснување во односите, тие нема да бидат толку ригорозни околу донесувањето на одлуката да се признае македонската црква како автокефална, независна во православниот свет. Единственото решение за ова прашање е во рацете на Вселенскиот патријарх, вели таа.

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Македонија ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на слободата на вероисповед (59,9%), , и доколку станеме членка тие сметаат дека состојбата по ова прашање ќе подобри (55,9%).

Гостите во емисијата едногласно се задоволни за степенот на толеранција на граѓаните меѓу себе и од односот на институциите кон граѓаните независно на нивната верска и етничка припадност. -Не се чувствуваме дискриминирани, и не постојат законски механизми и пречки кои вас ве дискриминираат, тоа е првиот чекор во градењето на едно толерантно општество, истакнува Смаиловиќ, а на неа се надоврзува новинарката Заревска потврдувајќи дека „во Македонија има традицијата на соживот која се пренесува од нашите баби и дедовци“. -Ние треба да го негуваме тој концепт на меѓуверска и меѓуетничка толеранција. Многу европски земји може да угледаат на нас и да го преземат нашиот модел, вели таа.

-Државата и институциите треба да се вложат за да се одржи ова ниво на перцепција на граѓаните во однос на почитување на верските слободи и права, заокружува професорот Спасеновски.

Истражувањето на тема „Почитување на верски слободи и права“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 18 до 21 мај, на 1.108 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *