Почетна Анализа Делегати на Вартоломеј во Белград подготвуваат терен за признавање на МПЦ
Делегати на Вартоломеј во Белград подготвуваат терен за признавање на МПЦ

Делегати на Вартоломеј во Белград подготвуваат терен за признавање на МПЦ

354
0

Што ќе донесе првата средба на делегации меѓу Вселенската патријаршија и Српската православна црква (СПЦ) е клучното прашање на кое одговор очекува македонската јавност. Дали делегацијата на Вселенската патријаршија (ВП) од Белград заминува со појасна слика за ставот на СПЦ кон македонското црковно прашање е дилемата за која сега засега нема официјален одговор. Освен веста дека првата средба е направена во Белград, засега нема други конкретни официјални информации како поминала средбата меѓу двете цркви. Како претставници од Вселенската патријаршија што се сретнале со патријархот Иринеј и со членови на Синодот на СПЦ се споменуваат митрополитите Јован Пергамон, Емануел од Франција, Максимос од Силиври, Амфилохиј од Адријанопол и заменик-секретарот на Светиот синод, Григориј.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека нема дилеми дека главната тема на посетата на делегацијата на Вселенската патријаршија на СПЦ е прашањето на МПЦ.
– Ова посета покажува дека ВП сака да се реши нашиот проблем и дека таа сака да има поголема улога во сето тоа. ВП знае што може и во Белград веројатно наишла на отпор за решавање на нашето црковно прашање онака како што ние сакаме. Но и покрај тоа, ВП го зема нашето барање во процедура, сега оди таму да го слушне она што веќе го знае. ВП е очигледно охрабрена од придружувањето на Грчката православна црква (ГПЦ) во однос на признавањето на Украинската православна црква (УПЦ) и сега како да има ветар во едра и за други проблеми во православието. Сето тоа е во контекст на нивната желба за поголемо влијание и позиција во православието и во тој бран ние би можеле да дочекаме некоја позитивна одлука. ВП во Белград, очигледно, нема да најде на топол прием. Доказ за тоа е и ставот на епископот бачки Иринеј, во однос на признавањето на УПЦ од страна на ГПЦ. Таму е остро нападнат и вселенскиот патријарх Вартоломеј поради неговите амбиции. Тоа само укажува дека меѓу СПЦ и ВП сега нема добри односи и дека ВП во СПЦ има противник за плановите на вселенскиот патријарх – објаснува Ѓорѓевски.

Според Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, долго најавуваната посета на високата делегација на Вселенската патријаршија во Белград креира доза ограничен оптимизам околу раздвижувањето на црковното прашање во Македонија. Сепак, според него, не треба да ги креваме надежите со тоа дека самата посета ќе оди во прилог на потребата на МПЦ за автокефалност.

– СПЦ е сѐ уште на официјална позиција дека сака повторен дијалог со МПЦ, нешто што на пример го немаше во украинскиот случај каде што Филарет беше екскомунициран и анатемисан од страна на Руската православна црква. Од друга страна, пак, вселенскиот патријарх и покрај последната победа со признавањето на УПЦ од страна на ГПЦ сѐ уште седи на стаклен трон поради големото незадоволство кај другите православни цркви, а тука ставот на СПЦ е многу остар и негативен во однос на украинското прашање. Да не заборавиме дека самиот вселенски патријарх ја поддржа СПЦ, односно Митрополија црногорско-приморска околу црногорското црковно прашање овој јуни итн. Од оваа посета важно е тоа дали владиците на СПЦ ќе успеат да ја разубедат Вселенската патријаршија дека СПЦ овој пат има чесна намера во рестартирање на преговорите со МПЦ, со што македонското прашање има шанси да се врати повторно во дворот на црковен Белград. Постои и опција СПЦ да не покаже ни малку флексибилност околу статусот на МПЦ, а со тоа ќе му даде зелено светло на вселенскиот патријарх дека треба да го земе целосно во свои раце македонското црковно прашање и да го ревидира томосот од 1922 година – посочува Богдановски.

Инаку, минатата година премиерот Зоран Заев испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на претходното барање на Синодот на МПЦ-ОА за признавање на автокефалноста. Изминатиот период Вселенската патријаршија и Руската патријаршија се во битка за превласт во православието. Експертите ги толкуваат постапките на руската црква како намера таа да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.
Македонските владици, пак, сметаат дека сѐ уште е рано МПЦ да дава какви било квалификации, но очекуваат дека процесот ќе се движи во корист на автокефалност за МПЦ.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *