Почетна Коментар Дела Апостолски
Дела Апостолски

Дела Апостолски

623
0

Нем останува човек пред светоста на личноста и пред недомисливите димензии на подвигот на Христовиот апостол Павле. Видете ја само неговата слобода со која еднаш засекогаш ја запечатува превосходноста на харизмата во однос на институцијата, на плодовите од Духот во однос на овоземната административна организираност на Црквата: А кога Бог, Којшто ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син, за да благовестувам за Него меѓу иноверците – веднаш, не го прашав ни телото, ниту крвта, ниту пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск (Гал. 1, 15–17

Но, превосходноста на харизмата во однос на институцијата не значи и превидување на црковната потреба од административна организираност и од почитување на хиерархијата, редот и поредокот во овој свет и век – особено на тие кои почиваат на литургиската хиерархија, ред и поредок, и се нивно продолжение: А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петар и останав кај него петнаесет дена. Други, пак, од апостолите не видов освен Јаков, братот Господов (Гал. 1, 18–19). Во историскиот период на Икона многу треба да внимаваме и на институционалната организираност на Црквата – да функционира нормално и ефикасно, и да не излегува од рамките што ѝ се дадени во нејзините литургиски основи – зашто таквиот испад е ерес, а вистинската вредност и значење на харизмата јавно ќе дојдат до полн израз во Царството Небесно, во вечноста на Вистината.

Но, неговата слобода и сила во апостолското дејствување не се заснова на вообразба на духовни состојби и на имитација на духовен живот, туку на реален и обожен личен подвиг: Знам еден човек во Христос, кој пред четиринаесет години – со тело ли, не знам; без тело ли, не знам; Бог знае – беше грабнат и однесен до третото небо. И знам дека тој човек – со тело ли, или без тело, не знам; Бог знае – беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, коишто човек не може да ги искаже. Со таков човек ќе се пофалам; но со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости (2. Кор. 12, 2–5). Значи, не само што видел, туку и чул. Ова чул е опис на личен однос, на гледање лице во лице – духовна состојба на обожение, која се проповеда меѓу совршените (види: 1. Кор. 2, 6–8).

И после сета божествена слава со која од Бог е украсен Апостолот, гледајте сега што значи вистински следбеник и пратеник на Оној Кој, крајно снисходејќи, се воплоти и стана човек и Кој, послушен на Својот Небесен Отец, а заради нас и наше спасение, пострада до смрт – смрт на Крст: Зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам; на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бог не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого. А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него (1. Кор. 9, 19–23). Претходно кажаното е најсилното сведоштво за неодминливоста на личносниот пристап при сведоштвото на новозаветната благовест меѓу луѓето, кој му дава сила на оној што љуби смирено да снисходи до поистоветување со љубениот.

naum 1Маски секако носиме сите. Прашањето е: дали преку педагошко-мистагошката маска  (на сите им станав сѐ поради Евангелието) растеме до личност – како свети Апостол Павле, или преку маската со која ја криеме самољубивоста се урнисуваме до безличност?

Господи Исусе Христе, преку Богородица, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *