Почетна Политичка теологија Дебата„Политика и религија“: Секоја власт секогаш кокетира со верските заедници

Дебата„Политика и религија“: Секоја власт секогаш кокетира со верските заедници

297
0

Социолози, политолози, теолози и претставници од безбедносните науки денеска дебатираат на научната дебата на тема „Политиката и религијата“, во организација на Македонското политолошко друштво  и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј во Скопје Никола Јанкуловски информира дека Македонија  уставно е декларирана како секуларна држава и додаде оти во исто време пет верски заедници и цркви се нотирани како институции кои, како што рече, на еден или на друг начин се поврзани со историскиот контекс на државата. Смета дека во нашата држава често пати во пракса лесно може да се препознае блиската врска на религијата и политиката.

Науката, како што рече, треба да даде одговор дали влијанието на религиозните заедници врз верниците е можеби мало, па затоа тие бараат поддршка од политичките структури кои по својата форма се поорганизирани или, пак, имаме сосема поинаков процес во Македонија.

– Во македонската јавност многу малку се зборува за вредностите  на религиите, многу малку се знае за различниот од себе што, пак, според научните анализи е една од причините за генерирање некаков страв што пак се користи како одбранбен механизам. Концептот на секуларно општество во Македонија во ситуација на јаки, влијателни верски институции се губи во основната суштина. Верските претставници честопати ја преземаат улогата и на етнички претставници. Во Република Македонија нема ниту јасна и прецизна слика за перцепцијата на верниците и припадниците на различни верски групи околу степенот на меѓуверското познавање или за тоа колку и како верските заедници придонесуваат во процесот на меѓуверски дијалог, рече Јанкуловски на Богословскиот факултет

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски изјави дека оваа тема е посебно значајна бидејќи во Македонија имаме население кое е со висока стапка на религиозност, по сите мерења, како и општество кое покажува исклучително висок процент на партизираност и политизираност.

Тој смета дека политиката треба  да ги тргне рацете од менаџирање со религиските теми, односно текови и обратно, религијата, пак, да не влијае врз општествените, односно политички текови.

Претседатетелот на Македонското политолошко друштво Марјан Ѓуровски соопшти дека во суштина политиката и религијата се брак од интерес или љубов и страв. Праша дали верските заедници и религиозните групи во Македонија се користат како инструмент во политиката во зависност од дневниот интерес и дали во суштина интересот е влијанието кое сакаат политичките субјекти да го остварат во Македонија или пак интересот е профитот, од едната и од другата страна.

Во изминатите 25 години, како што рече, слободно можеме да кажеме дека секоја власт секогаш кокетираше со верските заедници. Појасни дека кокетирањето со верските заедници и религиозни групи од политичките партии може да има краткорочни поени, но на крајот може да има и ужасно штетни последици. Особено, како што потенцира, треба да се биде внимателен бидејќи последиците можат да бидат во однос на демократското живеење и мултиконфесионалниот и мултиетнички карактер на Република Македонија. Додаде дека верските заедници во никој случај не треба да бидат замена за политичките партии или обратно.

Политиката има потреба од верските заедници веројатно, како што рече, поради недостиг на морален авторитет кој го побарува кај верските заедници и религизони групи.

-Една од придобивките на европската ренесанса кон која стреми Република Македонија е поделбата меѓу политиката и религијата и јасната линија која постои, рече Ѓуровски.

На дебата присустваа академици, претставници на верските заедници, универзитетски професори, студенти…

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *