Почетна Коментар Дали Шекспир црпел инспирација од Плаошник?
Дали Шекспир црпел инспирација од Плаошник?

Дали Шекспир црпел инспирација од Плаошник?

366
0

Кога ќе влезете во црквата Свети Пантелејмон на Плаошник, во голема рамка на пано поставена на северниот ѕид ќе здогледате една необична фреска за која малку се знае во јавноста. Составена од лепени фрагменти откриени од археолозите се гледаат портрети на двајца византиски благородници, а меѓу нив загадочен натпис на старогрчки јазик. Од него дознаваме дека станува збор за кесарот Дука и неговиот штотуку починат син-младиот Димитрија. Над неговата глава се наоѓа Свети Климент кој го благословува. Фреската била нарачана од неговиот татко кој се молел за спас на душата на својот млад, рано загубен син.

Познати се контроверзите околу тоа кој бил кесарот Дука, моќен владетел од 14-тиот век кој управувал со Охрид, а во чие време Охридската црква доживеала голем подем. Сепак, она што погодува е содржината на натписот кој се изделува со својата експресивност, емотивна обоеност и особено занимлива литерарност. Еве ја содржината на текстот:

„Ако стасаш до небото и до облаците, ако ја премериш земјата и длабочината на морето, ако се издигниш до сончевите патишта……умре затворен во темница синот на кесарот Дука, Димитрие, а судбината му го одреди она што му припаѓа… Бев заповедник на војска, оној што ги сотира мажите, момче најдобро, копјеносец и стрелец, а сега ме поседува гробов, затворен и безобличен, сиромав и гол, погребан во празниот споменик каде што се распаѓам, лишен од таткото и преславната мајка, од целото богатство и слава, сам, лишен и од сите работи и од домот. И иако моето тело беше прекрасно и мажевно, станав храна за црвите, што претрпев, кутриот, леле и леле, зошто без потомство имав ваков крај“.

Исповедничкиот тон и молитвено обраќање за спас на душата на својот рано починат син се прекинува и неочекувано преминува во прво лице, од точка на гледање на Димитрие. На почетокот, возвишени тонови на егзалтација и човечки самопрегор, за да на крај, сето тоа кулминира со трагичниот настан на смртта: „иако моето тело беше прекрасно и мажевно, станав храна за црвите“. Чувството на минливост на животот и негова промашеност особено се засилени во последната реченица: „што претрпев, кутриот, леле и леле, зошто без потомство имав ваков крај“.

Литерарниот израз на натписот за предвремениот крај на синот на кесарот Дука во црквата Св. Пантелејмон, потсетува на филозофичноста и продлабоченоста на едно од врвните пера на светската трагичка литература-Шекспир! Во неговото најпознато дело од 16-тиот век, Хамлет ја доловува истата атмосфера:

„…умре, стана прав

Тој што сеел смут и страв

Кога дува, кога снежи

Во дупките на ѕидот лежи…“ 

„ До каква ништожност можеме да паднеме…ги храниме животните за да се нахраниме себеси, а се храниме себеси за да ги нахраниме црвите“ (Шекспир, Хамлет, стр.171 и 132).

Пред да го напише Хамлет и Шекспир како и кесарот Дука се соочил со трагичната смрт на својот единаесет годишен син. Загатката е како мозаикот од фреската. Ни фалат неколку фрагменти за да дојдеме до одговорот. Дали Шекспир црпел инспирација од Плаошник?

Започнувајќи од шеесетите години на минатиот век, па се до најновите истражувања (2000-2010) во Охридско, а најмногу на локалитетот Плаошник, пронајдени се илјадници венецијански монети. Трговските контакти меѓу Охрид и италијанските градови биле на толку високо ниво, што венецијанските монети биле во секојдневна употреба. Заедно со ова, се одвивала и голема католичка пропаганда на Балканот, а посебно во Охрид кое се случува во 15-ти, а посебно во 16-ти и 17-ти век. Се испраќале дипломати, католички свештеници, за да го испитаат теренот за отворање на католичка-латинска црква во Охрид. Таа цел се остварила, за што сведочи и големиот турски патописец, Евлија Челеби кој зборува дека најголеми и најбогати во Охрид биле Патријаршиската црква и Латинската. Оваа католичка црква се наоѓала десно од денешната црква Св. Богородица Перивлепта/Св.Климент, каде што денес се наоѓа Митрополијата на Дебарско-кичевската епархија.

Драмата Хамлет била напишана токму во времето кога трговските и духовните врски меѓу Охрид и Италија биле најјаки. Познато е дека во тој период Шекспир патувал во Италија од каде црпел инспирација за своите драми. Хамлет се одмаздува за убиството на неговиот татко и го убива Клаудиј, а одмаздата за него претставува света, религиска должност. Елементите на одмазда се особено својствени за италијанските драми, а ова влијание го добиваат од католичкото верување дека должностите кон Бога и кон семејството се над државните закони. Во контекст на горе наведеното, дека постоеле цврсти врски меѓу Патријаршијата и католичката црква, не е исклучено мистиката на овие простори да допрела и до Шекспир преку познатите трговци. Кон италијанската драма Шекспир покажувал најголем пиетет.

Дали Шекспир црпел инспирација од Плаошник? Само бесмртните умови прават бесмртни дела. А на овие простори владееле бесмртни луѓе со своите судбини. Некогаш, кога ќе имате прилика да влезете во црквата Св.Пантелејмон, застанете и погледнете ја оваа фреска. Помислете на тоа што оставаме зад себе. Без оглед дали си крал или сирак, крајот на сите им е ист. Смртта е оној голем балансер, и едниот и другиот стануваат храна за црвите!

Почувствувајте го духот на синот на кесарот Дука, како лебди, меѓу Вас, олтарот и сликите на светците! Како духот на Хамлетовиот татко!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *