Почетна Анализа Дали МПЦ сега е чекор поблиску до автокефалност?
Дали МПЦ сега е чекор поблиску до автокефалност?

Дали МПЦ сега е чекор поблиску до автокефалност?

539
5

Македонската православна црква-Охридска архиепископија се наоѓа во најзначајниот момент од својата понова историја во процесот на признавање на нејзиниот автокефален статус. Состојбите во православниот свет, кои беа посериозно разбранувани поради украинското црковно прашање, директно се рефлектираат и врз македонското црковно прашање. Последната средба на двете најзначајни фигури во православието, вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Кирил, која се случи на последниот ден од август годинава, дава надеж дека процесот на конечно решавање на статусот на МПЦ-ОА ќе продолжи да се движи кон крајната цел, а тоа е томос за нашата автокефалност.

Рускиот патријарх што во Истанбул заминал по свое лично барање не успеа да го убеди вселенскиот патријарх во намерата да го „затвори прашањето за автокефалност во Украина“.

Два дена по средбата сѐ уште нема официјални соопштенија, но, според пишувањата на грчките и руските медиуми, сѐ поизвесно е дека средбата не поминала со посакуван резултат за руската страна. Тоа се толкува и поради моментот што веднаш по завршувањето на средбата патријархот Кирил заминал за Москва, без да присуствува на однапред закажаниот заеднички ручек.

Сето ова, според верските аналитичари, значи неотстапување од поставените позиции на Вселенската патријаршија во нејзините обиди да ги реши црковните прашања во Украина и Македонија, кои со децении се отворени и го оптоваруваат православието.

Инаку, Вселенската патријаршија, како што толкуваат познавачите на состојбите, во моментов игра многу важна улога во православниот свет, преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Ако таа ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, тоа за МПЦ ќе значи отворен пат, по кој канонски, практично, ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета дека истиот принцип од Украина сосема е легитимно да го примени Вселенската патријаршија и за Македонија.

„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.

Јасно е дека МПЦ нема да отстапи дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека разликите во ставовите меѓу Вселенската патријаршија (ВП) и Руската православна црква (РПЦ) се дојдени до кулминација, односно дека по оваа средба веќе нема за што друго да се расправа, иако и претходно се знаеја позициите на двете страни.

– ВП не остави простор за повлекување од намерата да даде автокефалност на црквата во Украина. Патријархот Вартоломеј знаеше какви реакции ќе предизвика во Москва и што може да предизвика тоа во православието, како отстапување од принципот на консензус, прекини во општењето и сл. Но ВП си најавуваше дека украинското прашање треба да се реши и дека таа е мајка-црква. Ако сега патријархот Вартоломеј се повлече од ова, особено по средбата со рускиот патријарх Кирил, ќе му се намали угледот во православието. Тој ќе излезе поразен, ќе покаже дека се впуштил во нешто за кое нема сила да истрае, зашто едно е да давате изјави дека проблемот треба да се реши, а сосема друго е да ги земете барањата во процедура, да велите дека сте мајка-црква и да најавувате издавање томоси за автокефалност – анализира Ѓорѓевски.

Според него, се очекува вселенскиот патријарх да остане на ставот, дури и во иднина да издаде томос на Украинската црква, оти ако не се случи тоа, прашање е како другите православни цркви ќе ја третираат ВП.

– Сето ова може да биде добро за МПЦ, оти ВП и нас нѐ вклучува во проблемите што треба да се решаваат во иднина – додава аналитичарот.

Долгоочекуваната средба меѓу двајцата патријарси се случи по период од нецела година, откако Вселенската патријаршија ги презеде одговорноста и предизвикот да биде мајка-црква и да го решава прашањето на автокефалноста во Украина по предлог на украинските државни власти. Руската црква во овој период постојано се противеше на таа иницијатива и организираше средби со повеќе помесни православни цркви за да ги објасни своите позиции зошто ВП не треба да се меша во тој спор. Од овој период е и сигналот што го даде вселенскиот патријарх Вартоломеј, врзано за писмото што Синодот на МПЦ, како и писменото обраќање на нашиот премиер Зоран Заев. Двете обраќања беа со барање да биде признаена автокефалноста на нашата црква како Охридска архиепископија. Тоа дополнително ги вжешти релациите меѓу Москва и Фанар, а потоа беа разменети и серија остри изјави меѓу нив, честопати со закани дека е можен нов раскол во православието ако ВП не се повлече од намерата.

Вселенскиот патријарх за почетокот на септември годинава закажа собор на сите владици на ВП, каде што главна тема се очекува да бидат црковните прашања во Украина и во Македонија. По оваа најава, рускиот патријарх побара средба со г.г. Вартоломеј.

Инаку, средбата меѓу двајцата патријарси траела два часа, а според единствените официјални изјави пред почетокот на состанокот е дека и двете страни се подготвени низ дијалог да ги решат сите отворени прашања.

Проблемите не смеат да се одложуваат

Митрополитот на Вселенската патријаршија за Франција, Емануел, за некои грчки медиуми, по средбата на патријарсите, изјавил дека ВП не се плаши и не може да биде заплашувана од никого, одговарајќи на заканите за можен раскол ако патријархот Вартоломеј не се откаже од намерата на признае автокефална црква во Украина.
– Не сакаме да создаваме раскол, вратата на дијалогот е секогаш отворена, но не можеме постојано да ги одлагаме проблемите – кратко изјавил вториот највлијателен митрополит во ВП, Емануел.

 /Радмила Заревска – Нова Македонија

Коментар(5)

  1. Postoi edna stara pogovorka, koja veli; prvo skokni pa potoa re~и ‘op’. Da ne se zala`uvame VP ke ne priznae samo kako OA, шto на некого повеке му одговара. Site pomesni crkvi mu dadoa poddrшкa na РПЦ, а знаеме дека признавањето не зависи само од ВП, ако другите одбијат да ја признаат автокефалноста на УПЦ – КП, случајот со Американската Православна Црква, која е призната само од РПЦ, е најдобар пример. ВП никогаш нема да се согласи да бидеме автокефална црква како МПЦ-ОА, а само ОА повеке му одговара на Јовановата ПОА. Тоа е истиот случај сега со РСМ. И БПЦ ке ни беше мајка-црква, ама брзо се откажа од мајчинството. Политичарите се листопадни дрва, додека епископатот се зимзелени, кој има уши да слуша нека разбере.

  2. Во случај ситуацијата со афтокефалноста не е така едоставна,туку е повеќе копликувана од внатрешноста.За Прашањето како ќе се вика црквата е одамна решено она што е копликовано е што ПОА е канонски уредена црква со благослов од ВП (или пак не е) и она што е копликовано како ќе се реши припојувањето на ПОА кон МПЦ-ОА која ќе продолжи да постои како ПОА во надворешноста…со двајца архиепископи тоа е проблем што самата СПЦ ја наметна,останува да проценат експертите и времето.
    Прашањето за анализа треба да биде-Каков е ставот на ВП дали Расчинетиот Епископ без држава Вранишкоски ќе биде укинат,т.е дали останува само една претстава која никогаш нема да се случи или пак Архиепископот Стефан.тоа е реалноста и попарата на канонскиве великодостојници.Едниот е без држава и верници а другиот без признание со православниот народ во мак кој стои позади него.

  3. Категоричното “не” од страна на Вселенската Патријаршија за барањето за признавање на црквата на Скопје со име што ќе го содржи терминот “Македонија” или неговите деривати.

    Вселенскиот патријарх. Вартоломеј истакна во воведниот говор на неодамнешнио собрание на Епископи на Вселенскиот престол во Цариград, дека решението које треба да се даде на Црквата во Скопје нема да вклучува терминот Македонија или производ на тоа име.

    На Собранието на Епископи на Вселенскиот Престол присуствуваа и митрополитите на Македонија и Тракија, кои припаѓаат на Патријаршијата.

    Вселенскиот патријарх на саборот на архијереји, се обрати на епископите од Новите Земји, епископите од Македонија : “Светите Браќа кои служите во Македонија, оваа порака на патријархот да ги пренесете на вашето стадо.”

    Епископите на т.н. “новите земји” слушаа со особено задоволство изјава на патријархот, со која става крај на плановите на Скопје, но исто така дава одговор на аспирациите на други цркви, како што Бугарската Патријаршија побрзаа да ја признаа псевдомакедонска црква на РСМ .

  4. Блаженоупокоениот ВП Атинагора, кој пред да стане ВП, долги години беше архиѓакон во Битола, при една посета на наша црковна делегација во 60-те години и рече чувајте ја верата, и каноните, а признавањето ке дојде само по себе. Само не знам со кое право Македонија и Тракија се под јурисдикција на ВП, кога и самата ГПЦ се противи на тоа, и главна причина што на состанокот во Шамбези 2016. архиепископот Јероним не беше таму беше токму таа наметната јурисдикција од страна на ВП. Само не знам дали Господ ќе ни суди според припадноста на која црква административно припаѓаме или пак според делата, т.е. колку љубов сме покажале кон Него, кон ближните и колку милост сме подале на Неговите најмали браќа.

Напиши одговор на Nikolaj Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *