Почетна Коментар Далеку сме ние од тоа…
Далеку сме ние од тоа…

Далеку сме ние од тоа…

113
0

Од денешното евангелско четиво (види: Јован 17, 1–13) за толкување ќе го земеме следниот пасус: „Сега разбраа дека сè што си Ми дал е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил“.

Во зборовите примија, разбраа и поверувааможеме да го забележиме описот на трите степени од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – со дарот на умно-срдечната молитва, и обожение.

Примија ја означува – самата пракса при очистувањето на срцето од страстите. Оти, по што друго можеш да познаеш дека некој ги примил твоите зборови, ако не по послушанието во нивното извршување.

Да разбереш, односно да сфатиш – во духовно православна смисла, го означува просветлувањето на умот – со дарот на умно-срдечната молитва. Оти, какво е тоа сфаќање и разбирање без просветленост на умот? Обично субјективно гледиште, кое може да биде и многу ретроградно и разградувачко во црковната заедница, и насекаде.

Просветлувањето на умот може да се случи само ако успееме енергијата на нашиот ум – расеана преку сетилата, молитвено да ја собереме и соединиме со нејзината суштина во срцето и во Бог. Затоа и велиме: просветлување – со дарот на аскетската умно-срдечна молитва.

Зборот поверуваа – на степенот на обожение, е исто што и познаа; затоа што она што си го поминал го знаеш и познаваш, а во новиот хоризонт што се отворил пред тебе – веруваш. Истото важи за секој од степените.

Зборовите прослави Ме се кажани и напишани исклучиво за наша поука и за наше спасение, како и многу други евангелски зборови на Богочовекот Христос, а не за некоја Негова потреба.

А, зборовите запази ги во Твоето име подобро се сфаќаат во контекст на зборовите Јас ги пазев во Твое име. Гледате, Богочовекот Христос – во ништо помал од Својот Отец, целата слава Му ја оддава на Отецот, и ова е неискажливо.

Денес, секој еден изигрува духовен отец. Да се чуди човек, почнувајќи од себе.

А, зборовите да бидат едно како што сме и Ние, нема да ги толкувам – далеку сме ние од тоа.

Пресвета Богородице, спаси нè!

Пишува:Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *