Почетна Проповеди Да се угледаме на силата и непоколебливата вера на Свети Трифун
Да се угледаме на силата и непоколебливата вера на Свети Трифун

Да се угледаме на силата и непоколебливата вера на Свети Трифун

120
0

Проповед на Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј

На Св. Трифун/14. 02. 2016
Храм „Св. вмч. Димитриј” – Кавадарци

Драги браќа и сестри,

Од преголема љубов кон човечкиот род, Предвечниот Совет на Света Троица одлучува да Го испрати Второто Лице, односно Бог Логосот, Господ Исус Христос, да се овоплоти од света Дева Марија и да постане еднаков во сè, на нас грешните луѓе, освен во гревот. Основната цел, изразена преку љубовта Божја е, избавување на паднатиот човечки род. На родот човечки повторно му се дава можност да ја воспостави првобитната создадена состојба. Таа, пак, се состои во единството и заедништвото со Бога и враќање во Едемската благосостојба.

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, откако ќе наполни 30 години, ќе добие законска можност да се јави како Учител и Проповедник. Он ќе излезе на проповед и ќе го проповеда царството Божјо. Господ Исус Христос најпрво ќе избере Свои следбеници во лицето на дванаесетте апостоли, а потоа, уште седумдесет следбеници коишто ќе го шират и пренесуваат словото Божјо, проповедано од Синот Божји.

Кога ќе ги испраќа на нивната зададена задача да Го проповедаат Словото, им вели: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!” (Мат. 28, 20). Исто така, Господ, знаејќи ја тежината и непријатностите кои ќе ги следат во нивната мисија, ги бодри велејќи им: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази” (Јн. 15, 18). „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се зашто Јас го победив светот” (Јн. 16, 33).

Речиси сите апостоли, освен св. Јован Богослов, својата припадност и својата одданост на словото Христово и на Неговата света Црква ја посведочиле со мачеништво. Не постои поголема и поубедлива припадност и сведоштво за едно убедување, кога човек е подготвен и својот живот, својата младост и сè што поседува во овој свет и век да го презре, да го отфрли и да остане верен на својата вера, на својот Бог. Затоа, и нашата света вера и Црква, покрај што почива врз Божјата љубов, таа се утврдува и зацврстува и на маченичката крв, па затоа еден црковен учител ќе каже крвта на мачениците е семе за нови христијани.

Светата Православна црква, секојдневно прославува по некој Божји угодник. Денес го прославува светиот маченик Трифун. Овој Божји слуга бил роден во Мала Азија, денешна Турција во III век. Уште на млади години бил обдарен од Божјата љубов и силата Божја се изразувала преку неговиот свет живот. Духот Божји бил со него. Затоа, тој бил прочуен како младо момче кое лекувало секакви болести и големо мноштво се обраќало кај него за помош. Тој не поседувал некое образование, наука или други лекарски вештини, бидејќи било обично селско момче, коешто чувало гуски.

Во тоа време, ние знаеме дека, Црквата Христова била прогонувана од страна на римските императори. Некои тоа го правеле пожестоко, а некои помалку жестоко. Историјата вели дека еден император, имал многу убава и умна ќерка. Но, по Божјо допуштање, кога требало да се мажи, во неа влегува нечистиот дух и ја измачувал. Родителот, барал спас и лек за својата рожба. Откако сите медикаменти и лекарства не помогнале, тогаш самиот нечист дух проговорил, дека никој не може да го изгони, освен Трифун. Тогаш императорот наредил, низ целата империја, сите чуени и нечуени Трифуновци да се доведат за да ја излекуваат оваа страдална душа. Кога го нашле Трифун, го однеле во Рим.

Нечистиот дух повторно проговорил, уште три дена ќе можам да престојувам, и затоа, во тој период уште пожестоко ќе те измачувам, бидејќи, со доаѓањето на Трифуна ќе морам да те ослободам. Со доаѓањето на св. Трифун, и по неговите молитви, демонот ја напушта и девојката оздравува.

По овој настан св. Трифун се враќа во Мала Азија, а добиените подароци во знак на благодарност ги раздава по патот на оние коишто имале потреба. По овој император доаѓа друг кој ќе биде жесток гонител на христијаните. Откако ќе разбере дека св. Трифун е христијанин, ќе приреди најразлични методи, убедувајќи го да принесе жртва на идолите и сè со цел да се откаже од Господ Исус Христос. Но, св. Трифун ги поднел сите страдања и маки не откажувајќи се од Христа. Гласно сведочел за Господа Бога, како за вистински Бог, Создател и Спасител на човечкиот род. По долги страдања и маки, маченички го предал својот дух во Никеја, а по негова желба неговото тело е сохрането во неговото село.

Прославувајќи го денеска овој Божји маченик, нашата света Црква и вера нè поучува и од нас бара да се угледаме на силната и непоколеблива вера, како кај апостолите, така и кај овој Божји маченик. Од нас, ниту Црквата, ниту Господ Христос бара и очекува да бидеме маченици. Тоа не се бара бидејќи никој не нè прогонува и немаме потреба од такви подвизи. Но, не треба да заборавиме дека непријателот на човечката душа постојано нè искушува со разни соблазни и интриги за да нè оддалечи од Бога, од Црквата, од правдата, од вистината, од љубовта, и од сè она што нè води кон зададената цел. А тоа е, спасението на нашата душа.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. маченик Трифун, тој нека всади во нашите срца и во нашите души силна и непоколеблива вера. Да можеме сите искушенија достоинствено да ги поднесеме и да го победиме нечестивиот. А преку тоа, да Го прославиме името на Севишниот и да здобиеме вечен и блажен живот.

Амин.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *