Цветници

Цветници

206
0

Конечно дојде времето да се исполнат Христовите зборови за Неговото страдање и Тој доаѓа во Ерусалим. И, конечно сфаќаме дека Неговото Царство не е од овој свет: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле…“ (Јован 18, 36). Занемува човековиот разум пред овие зборови, а срцето солзи. Кои се тие слуги?

Можноста за постоењето на првосоздадениот свет пропаѓа со Распнувањето на Христос. Овој свет Го отфрли Богочовекот и самиот себе се осуди на пропаст. Неговата историја само монотоно се повторува: од едни Христос е повторно и повторно предаван, од други е повторно и повторно распнуван, а во верните е повторно и повторно предаван и распнуван. Така ќе биде сѐ до дефинитивниот крај на овој свет и воспоставувањето на Царството Небесно наместо него.

Предавници се секогаш славољубивото свештенство и квази верниците; распнувачи и убијци се вообичаено некои кои имаат световна сила; а Богочовекот Христос се Неговите верни (Црквата), кои правилно растат по степените на духовниот развој. Нема ништо ново под сонцето.

Зошто е сето ова вака? И зошто, на пример, истите луѓе што Богочовекот Христос Го прославуваат при влезот во Ерусалим, по кратко, бараат од Пилат да Го распне наместо разбојникот Варава? Затоа што луѓето, од самољубие, сакаат да учествуваат во Неговата слава – посебно кога мислат дека таа слава е од овој свет, но не сакаат да учествуваат и во Неговото страдање. А без Крст, пак, нема ни Воскресение.

Ова однесување се должи на заробеноста на срцето од страстите, на поистоветувањето со овосветските облици на човечко здружување (држава, нација) – наместо пастирскиот пристап кон истите, па сѐ до насладата со, како и зависноста од овој свет и неговите минливи убавини.

Причината е, најјасно кажано, нашата желба за „царство овоземно“ наместо Царство Небесно. Нели го забележуваме внатре во нас тоа суптилно тежнеење, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „земно царство“ за задоволување на нашите страсти – и тоа по наша мерка.

Следствено, причина е и што нашата безбедност, односно задоволувањето на животните потреби го темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него. На пример, кога нашата сигурност првенствено и суштински ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови самочовечко, овосветско – најчесто политичко-бизнис групирање.

Нели забележуваме дека колку повеќе се трудиме, толку повеќе тоа „земно царство“ е сѐ подалеку и подалеку од нас? И нели забележуваме дека ќе треба веќе еднаш да одлучиме на кое царство ќе бидеме слуги – на земното или на Царството Небесно и неговата реалност? Оти на двајца господари не можеме да им служиме – не можеме да Му служиме и на Бог и на ѓаволот.

Црквата Христова и нејзините верни служители не проповедаат и не нѐ подготвуваат за „царство земно“, туку за Царство Небесно – за Царството на благодатта на Светиот Дух.

Во тоа Царство Небесно, кое е, пред сѐ, внатре во нас, се влегува на два начина: или преку волев подвиг на очистување на срцето од страстите – кога Божјата благодат на Крштението ни го покажува местото на срцето каде што нашиот ум треба аскетски, а потоа и благодатно да се соедини со својата суштина и преку неа со Бог; или преку трпение – со благодарност за неволните страдања што Божјата промисла ги допушта во нашиот живот заради наше спасение.

Оние што преку доброволни подвизи или мачеништво ќе влезат преку своето очистено срце во Царството Небесно – внатре во себе, преминуваат од смрт во живот – уште сега, и на Суд нема да излезат. Тие се и слугите коишто ќе Го одбранат Христос, сведочејќи Го во сила.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *