Почетна Репортажа Црквата во Курбиново оставена на забот на времето
Црквата во Курбиново оставена на забот на времето

Црквата во Курбиново оставена на забот на времето

103
0

Едни од најстарите и најзачувани оригинални фрески од 12 век не само што се оставени на забот на времето туку неправедно се скриени и од јавноста, бидејќи речиси и да нема можност вредното културно историско богатство, црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, да може достоинствено да се разгледа и почувствува од секој турист што ќе посака да дознае нешто за нејзината историја.

Малата еднокорабна црква постојано е под клуч, без можност да се допре во нејзината внатрешност, која сега е предмет на реставрација, што се одвива со темпо на задоцнување.
Ако случајно ве однесе патот до селото Курбиново, кое се наоѓа во преспанскиот регион, ќе треба да имате среќа за да ги пронајдете локалните жители, кои, доколку се во можност, би ви ја отвориле портата од црквата, но сѐ друго е предмет на ваша лична перцепција и интерес преку интернет да пребарате нешто повеќе за ова непроценливо културно богатство.
Црквата се наоѓа на околу три километри над селото, во подножјето на планината Баба.

На терен се гледа дека црквата е оградена со метална и дрвена конструкција, за да се заштити од надворешни влијанија и истовремено да помогне при извршување на градежните зафати за нејзина конзервација. Но исто така не може да не се забележи дека одамна таму не се извршуваат никакви зафати.
Тоа го потврдува и околното месно население.
Црквата е споменик на културата и таму само еднаш во годината се одржува црковна церемонија, само за празникот чие име го носи црквата. Другите денови таму нема свештеник што редовно ја посетува и одржува црквата.
Од битолскиот музеј во јули годинава, на нивната официјална фејсбук-страница, објавија дека започнале со подготвителни активности и превентивна заштита на ѕидното сликарство на црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново.
– Според предвидената динамика во фази, во моментот се работи на јужниот ѕид во наосот на црквата, каде што се поставува заштитна газа, која ќе го обезбеди ѕидното сликарство во процесот на инјектирање на ѕидните маси.

Овој процес ќе продолжи и врз другите површини, кои во согласност со проектот се предвидени за третирање. Реализацијата на овие активности е предуслов за започнување на Конзерваторскиот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Ѓорги“ – с. Курбиново, Ресен, прва фаза, што подразбира конзерваторски зафати на архитектурата на самиот објект, кои треба да започнат во најскоро време, односно по завршувањето на тендерската постапка, која веќе е во тек. Заложбите на стручните лица и сите релевантни институции се во насока на комплетна конзервација и реставрација на објектот во најскоро време – соопштија од битолскиот музеј.
Мери Стојанова, директорката на Заводот и музеј во Битола, вели дека конзервацијата на архитектонската градба на објектот доцнат зашто изминатиот период се правеле дополнителни конзерваторски истражувања.
– Не беше готов и проектот за конзервација. Ги добивме и протоколите за работа во услови на пандемија и сега чекаме до крајот на месецот да заврши тендерската постапка и да биде избрана фирма што ќе ги врши градежните конзерваторски работи на архитектурата на црквата – посочува Стојанова.

Според неа, не може точно да се каже до кога би траеле градежните зафати, зашто ќе се работи во неколку фази.
Средствата за реализација на проектот се обезбедени од страна на Министерството за култура, во рамките на Годишната програма за финансирање проекти од јавен интерес во културата за 2020 год., а имплементацијата на проектните активности се реализира под раководство на стручен тим од НУ Завод и музеј – Битола, а во соработка со поголем број научни и стручни лица од земјата.
Во оваа црква во делот на апсидата каде што се наоѓаат и прочуените ангели од Курбиново е и ангелот на благовестието, кој е претставен и на банкнотата од 50 денари.

Инаку, на почетокот на 2018 година тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, најави дека една од најзначајните цркви со најпознатите фрески, „Свети Ѓорги“ во Курбиново ќе биде спасена од пропаѓање, а до крајот на 2019 ќе треба да биде и реставрирана. Посочил дека за таа намена од буџетот се издвоени 2,5 милиони денари, а ако активностите се одвиваат според планираното, сумата ќе достигне 15 милиони денари, како и дека во изминатите години за заштита на црквата во Курбиново беа издвоени само милион денари, што било недоволно.
Алаѓозовски тогаш најави дека конзервацијата и реставрацијата во иднина ќе бидат извршени најпрофесионално и ќе бидат вклучени и меѓународни експерти од областа на византиската уметност.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *