Почетна Коментар Чувар на македонската црковна вистина
Чувар на македонската црковна вистина

Чувар на македонската црковна вистина

272
2

Речиси секој од нас барем еднаш се нашол во ситуација кога пред пријатели од странство го фалел македонското црковно богатство или, пак, ги носел на тура по манастирите низ земјава. И, секако, сето тоа величење било без верска обврска или одговорност, зашто свесни сме дека во Македонија најголемиот дел верници се повеќе почитувачи на традицијата, отколку што се религиозно едуцирани. Во најголем дел од случаите ние не ни знаеме што се содржат тие духовни светилишта, што сѐ се крие зад старите камења и дрвените порти. Дури стануваме зачудени ако некој од странските туристи знае нешто повеќе од нас, за нашето духовно наследство. Нашето незнаење, пак, често го правдаме со недоволно време окупирано од работните обврски.

Колку сме свесни за тежината на нашето црковно наследство? Дали тоа е клучот на посебноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија?
За да се уверите во тоа треба да посетите некои од македонските манастири каде што има монаштво. Поминете еден ден со овие луѓе и уверете се во нивната посветеност и во нивната љубов и едукацијата што им ја даваат на верниците, но и на секој човек, без разлика дали се декларира како верник, атеист, агностик…

Тие се луѓето што без предрасуда му помагаат секому, без разлика дали со совет во форма на духовна поука или, пак, со помош со престој во манастирот.
Како пример ќе го посочам летниот црковен камп на Бигорскиот манастир, кој станува еден од најатрактивните настани за децата чии родители се одлучуваат да им дозволат да поминат една недела во манастирите заедно со монасите и монахињите. Тоа е уникатен и специфичен настан, кој станува најпрепознатлив белег за едукативната мисија на црквата во Македонија. Особено полезни и привлечни за децата се искрените и поучни разговори со отецот Партениј, преку кои тие имаат можност да црпат од неговото длабоко духовно искуство и да научат многу за животот, љубовта, за разните доблести што го красат човекот. И сето тоа се прави спонтано и ненаметливо.

Токму свети мошти од над стотина значајни светители од христијанството, меѓу кои и честици од светиот крст на кој бил распнат Исус Христос, го градат македонското црковно наследство и наедно се признание за посебноста на МПЦ, како канонска наследничка на древната Охридска архиепископија. Малкумина знаат дека во сите поголеми и позначајни цркви и манастири во Македонија има мошти и реликти од значајни светители, особено од оние што дејствувале на овие простори.
Кој ги чува сите овие духовни реликти? Кој е чуварот на корените на црковниот живот?

Целото тоа духовно наследство, кое со векови се собирало и градело во Македонија, покрај тоа што е доказ за црковниот континуитет на нашата црква, наедно е и огромен предизвик за православните народи да дојдат и лично да се уверат во живоста и историското значење на МПЦ-ОА за целото православие.

Многубројните светителски мошти, кои низ вековите се зачувале во Македонија, како и оние што во поново време се донесени во нејзините храмови, се сведок за богатиот и континуиран црковен живот на нашите простори. Моштите во Македонија и денес се центар на почитувањето на многумина светители. Преку нив верниците им оддаваат достојна почит на оние што со животот и подвигот му угодиле на Бога.

Токму ваквата духовна сила што во себе ја има и ја носи нашата национална црква е и една од причините што соседните цркви имаат зголемени апетити за земање под закрила на нашата црква, а некои од нив се негатори на македонската црковна вистина. Сите реликвии сведочат за исправниот пат на МПЦ во битката за нејзината автокефалност во православниот свет.

Големината на духовноста на нашата црква го дава и одговорот на прашањето зошто МПЦ е залакот што сите би сакале да го грабнат за себе.

Главната придобивка од добивање томос за автокефалност на црквата во Македонија ќе значи и отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која според каноните на црквата е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.

МПЦ-ОА е тврдина и столб на државата, таа е вистината за македонскиот народ и на сите оние што се чувствуваат како Македонци, во земјата и во светот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(2)

  1. Солиден текст,
    Треба да почнете да истражувате и јавно да се објавува за штетата нанесена од балканските народи врз Црквите на О.А,од ограбувањата до спалувањето на многу вредни книги,кое присвојувањето трае до ден денес. и долговековното стремење на македонскиот народ за самостојност…

  2. МАКЕДОНИЈА

    Мој Господе мили Боже
    Овој народ
    да живее дали може ?

    Прости Боже
    што Ти вака зборам
    срце стега , душа боли
    Па си реков дека морам

    Овој народ
    име носи од искона
    овој народ
    војски даде на тримина
    тешки маки в гради збрани
    лични синои на три страни
    Плаче мајка Бога моли

    Зошто БОЖЕ
    Овој народ кроток смерен
    Богу верен
    кому рака му подаде
    бара рака до рамена
    кому врата му отвори
    сака крвој до колена

    Овој народ
    молкума се провикна*
    на зверојте* озлобени
    на волците озабени
    Зошто Боже
    заборави та замижа

    Не дотрајав
    Се измори душа моја
    Прости Боже
    Нека биде волја Твоја

    Стојна Трпелива

Напиши одговор на mac Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *