Почетна Анализа Чудотворната моќ на Свети Јован Крстител во нашите манастири
Чудотворната моќ на Свети Јован Крстител во нашите манастири

Чудотворната моќ на Свети Јован Крстител во нашите манастири

320
0

Кога пак денес би го сретнале Свети Јован и би можеле да прашаме што да правиме со себеси и со сите нас и од каде да почнеме, тој сигурно би рекол покајте се, променете се и преобразете се. Секој посебно и сите заедно. И како поединци и како семејства и како општество. Само така вистински ќе го прославуваме Свети Јован и достојно ќе ги дочекуваме сите празници и сите денови. Ова неодамна го истакна Архиепископот Охридски и Македонски, Неговото Блаженство г.г. Стефан во една своја беседа при осветувањето на црквата Свети Јован Крстител во населбата Аеродром во 2014 година.

Денес, кога го празнуваме еден од најголемите празници посветен на најголемиот човек пред Господа кој се родил на планетата земја, според Исусовите зборови, а тоа е Отсекување на главата на Јован Крстител, не можам, a да не спомнам за покајанието како основа на неговото учење, порака која и по 2000 години е се уште актуелна. Во календарот на православната црква, вкупно шест празници се посветени на овој светител. Вкупно шест пати во годината Јован Крстител ни вели: „Покајте се“. Вратете се кон Бога, кон древните традиции, кон себе си. Преиспитајте ги сопствените патишта, преобразете се, бидејќи без врската што ја поставуваме во себе и помеѓу себе, не е можна никаква врска со иднината.

Македонскиот православен верник отсекогаш копнеел да воспостави духовна врска со Бога и неговите светители преку изградбата на многубројни храмови и во духот на толеранција и соживот, од нивно име да ги дарува идните поколенија. За тоа сведочат и храмовите посветени и вдахновени токму на најголемиот пророк и проповедник на идното небесно царство-Св. Јован Крстител. Откако ќе влезете во овие храмови и присуствувате на некоја од литургиите, и внимателно ги слушате молитвите и песните кои се пеат за светецот, ќе почувствувате нешто длабоко, дека присуствувате на нешто многу големо, древно и исконско, и во вас ќе се разбуди копнежот за покајание, очистување, повторно раѓање, обновување, онака како што проповедал самиот пророк пред околу две илјади години.

Ете такво чувство за традицијата и љубовта кон Бога ја имал ктиторот на најголемиот наш духовен храм посветен на свети Јован Крстител-Бигорскиот, монахот Јован Дебранин. Во храмот се наоѓа чудотворната икона на св. Јован Крстител, за која се верува дека има моќ да исцелува и да помогне во секоја мака.  Штом влезете во храмот, од десната страна ќе ве пречека смирениот и достоинствен лик на светецот во блескава, сребрена обвивка. Иконата, според манастирскиот поменик, сама дошла на местото каде што е сега манастирот, а неа ја пронашол монахот Јован како лебди над еден извор. Токму на тоа место, во 1020 година тој ја изградил првата манастирска црква. За кратко време манастирот прераснал во голем и значаен духовно-културен центар на овие простори станувајќи дом на многу испосници, кои трагале по мирно тихувалиште. Покрај другите свети мошти, во манастирот се наоѓа и дел од раката на Јован Крстител во посебен кивот, а иконостасот, генијално дело од македонските мајстори плени со сцени од неговиот живот.

Посетителот најнапред застанува или клекнува пред иконата, а свештенослужителот го става крајот на епитрахилот над неговата глава, додека ја чита молитвата. На брачните парови, кои дошле да се помолат за рожба, епитрахилот им се става околу нивните раце додека се држат еден за друг. По молитвата, посетителите ги бакнуваат: епитрахилот, раката на свештенослужителот и на крајот иконата. Постапката завршува со помазување со елеј од кандилото на св. Јован Крстител. Посетителите пијат и се мијат со светата вода од манастирскиот комплекс.

Мештаните велат дека исцелувачката моќ на иконата ја чувствуваат многу болни лица и бездетни двојки, кои набрзо по упатувањето на молитвите на иконата добиле деца. „Кога стоев пред иконата“, вели еден од соговорниците, „почувствував топлина што ме прифаќаше”. Друг истакна дека кога почнал да се моли за својот роднина, во тој момент, без да биде свесен за тоа, здравствената состојба на роднината почнала да се подобрува. „Можеби беше случајност, можеби не, но веднаш по празникот на манастирот на 11 септември, и по молитвата кон иконата, примивме радосна вест. Мајка ми велеше дека елејот на нашите чела уште не се исушил додека ѝ ја соопштувавме долго очекуваната радосна вест”, раскажува една посетителка. Но, причината за таквите чуда не е само иконата, туку воопшто духовната сила која пулсира во храмот, посебно за време на манастирската слава кога е богослужбата и трпезата на љубовта кои будат посебно чувство кај самите верници. Со самата енергија од собирот секој ја чувствува грижата и почитта на правото на секој верник и на секој човек да припаѓа онаму каде што отсекогаш припаѓал-љубовта. Исцелувањето доаѓа токму од оваа љубов која произлегува од благословот на Јован Крстител.

За големиот култ на македонскиот народ кон свети Јован сведочат и многу други цркви и манастири изградени со негова пот, вдахновени од чудотворната моќ на Крстителот. Еден од нив, посебно значаен за скопјани е манастирот „Свети Јован Крстител“ кој се наоѓа во населбата Капиштец, на подножјето на Водно. Според искажувањата на старите жители, порано ова место било сосема запуштено со зелен појас од густи багремови дрвја, со неколку извори од кои еден поголем во вид на кладенец. Тоа било се додека новомаалецот Димче Боцев, во 1936 година чистејќи го кладенецот до него нашол крст и икона на Свети Јован. Откако раскажал за сето тоа, група верници почнале да одат на местото, да се замиваат со вода од изворот и да палат свеќи покрај иконата. За изворот и најдената икона се разбрало надалеку поради што посетата на местото зачестила. Водата добила значење на лековита и тоа најмногу за уроци. Интересен е податокот од повелбата од темелите на манастирот, кој вели дека главниот ктитор за изградба на манастирската црквичка, трговецот Минко, по потекло од Тетово, на сон му било претскажано да го изгради ова манастирче, но и да го посвети на Свети Јован, односно на неговата смрт која се празнува на 29 август/11 септември. Во повелбата стои натписот: „Свети Јован отсечение слави, и Воскреснатиот Господ и Пресвета Богородица и четири светци дојдоа на 28 и 15 април 1937 и се молам Бог да ми помогне да го подигнам овој дом. Амин“. Трговецот Минко, постапил според наредбите на сонот и за неполни три месеци успеал да ги активира и другите заинтересирани верници, давајќи помош од градежни материјали и пари, така што на 16 јули 1937 година го поставиле камен темелникот на манастирската црквичка и за кратко време ја изградиле истата. Дури по 23 години, на 2 октомври 1960, на свечен начин со пајтон и придружба на свештени лица, Неговото Блаженство Архиепископот Доситеј го осветил храмот. Веќе во 1985 година е поставен нов камен-темелник на местото на старата црква со цел да одговори на се поголемиот број верници.

Денешниот изглед на манастирскиот комплекс посветен на Свети Јован во Скопје заедно со чешмите кои постојано жуборкаат и водата од изворите која капи по карпите, ќе ве потсетат на минливоста на времето.  Од самото наоѓање на култните извори и иконата на Свети Јован Крстител, па се до денешниот изглед на светилиштето, местото зрачи со енергија продолжувајќи го големиот култ на Господовиот Крстител. Старите чешми сега се обновени во нови од кои најголема е онаа која се наоѓа зад манастирот посветен на неговиот патрон. На платото над чешмата во мозаик е насликан ликот на Јован Крстител кој држи книга на која пишува: „Покајте се зашто се ближи Царството Небесно“.  Тука е да не потсети дека Бог никогаш не го заборавил човекот и неговите маки. Лекот за сите болести никогаш не исчезнал, тој отсекогаш бил тука покрај нас. Пред нас, и во нас, но тој дејствува само доколку се покаеме и преобразиме. Токму со таква вера и жед за покајание многу верници и денес доаѓаат во храмот, а посебно на празникот 11 септември-Отсекување на главата на Јован Крстител, полнејќи шишиња со изворска вода и палејќи свеќи пред иконата за здравје. Многумина велат дека со тој чин успеале да најдат утеха и лек за своите проблеми.

Еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси посветен на Свети Јован Крстител кој се наоѓа близу селото Слепче кај Демир Хисар е Слепченскиот манастир Свети Јован Претеча. Неодамна, манастирот славеше 1000 години постоење. Во почетокот на 16-тиот век бил обновен и тоа со средства од кратовчанецот Димитрија Пепиќ, а посебен белег во неговиот живот оставил монахот Кипријан Слепченски, кој во 2017 во рамките на 50-годишнината од возобновување на автокефалноста на МПЦ-ОА беше канонизиран за светител. Денешното братство и сестринство при Слепченскиот манастир е сведок на секојдневни чуда. На благодатната помош на Претечата Христов и неговиот патрон, светецот Кипријан Слепченски. На душевни и телесни исцеленија на верните кои со скрушено срце приоѓаат и се помазуваат со неговите свети мошти. Но, монасите нагласуваат дека за нив тоа не е некакво чудо, тоа е вистина, зошто веруваат дека Бог и светителите се живи, до нас, поблиску од било кој жив човек на земјата. Велат дека светителите ги слушаат нашите молитви кога се личносно упатени со искрена вера и љубов и имаат пред Бога слобода да побараат се што ни е потребно за спасение.

На овој празник се случиле и настани за кои се верува дека се директно поврзани со споменот на свирепото убиство на св. Јован Крстител. На празникот Отсекување на главата на Јован Крстител или црн св.Јован пред 2 години во Скопје се случија серија земјотреси во кои беа настанати материјални штети, а неколку стотини граѓани побараа лекарска помош. На 11 септември беше извршен терористички напад на светскиот трговски центар во кој загинаа многу луѓе, а чиј датум САД го прогласи за национален ден на сеќавање на загинатите жртви. На празникот црн Свети Јован по стар календар во 1794 година маченички бил погубен Спасо Радовишки, подоцна канонизиран за македонски светец, губејќи го животот како последица од неговиот отпор да го прими исламот. На истиот датум во 1905 година, животот го завршил истакнатиот револуционер, Александар Турунџиев, учесник во македонското револуционерно движење кого турскиот суд го осудил со смртна казна бесење токму на празникот црн св. Јован. На 29-ти август 2005-та, во период од 12 часа, ураганот Катрина го опустоши јужното американско крајбрежје, убивајќи над 1,700 луѓе и уништувајќи над 100.000 домови.

Сите овие и други настани кои се случиле токму на овој празник како да носат некаква порака. За да го направиме светот подобар и поубав, прво треба да се промениме себе си. Односот кон другиот заснован на почит е тој што дава позитивен одраз во светот. Само со меѓусебна почит и толеранција можеме да се наречеме добри господари на светот, достојни наследици на светиот Јован и неговата порака на покајанието.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *