Почетна Коментар „Честит 8 март“ – Господ!
„Честит 8 март“ – Господ!

„Честит 8 март“ – Господ!

528
1

Кога го прашале нобеловецот Ели Визел како може се уште да верува во Господ, откако тој како Евреин ги преживеал сите ужаси на Холокаустот, Ели одговорил:

„Господ не се симна од небото за да го направи холокаустот. Архитектите на холокаустот беа врвни научници, филозофи, книжевници и политичари. Најголемите интелектуалци на своето време. Затоа, јас ве прашувам: како можете вие се уште да верувате во Човекот?“

Пред неколку дена од Собранието на државата одекна изјавата дека Господ е најголемиот непријател на жената. Токму на 8 март, решив да се обратам до сите жени: Господ ви го честита 8 март. И да прашам: Како можете се уште да верувате во човекот?

Се разбира, никако не смееме да си дозволиме ние, како мажи, да не ја разбереме фрустрацијата на женското општество од вековите на угнетување и потценување на жената. Оваа изјава која кај многу верници раѓа гнев, горчина и бес, е дадена токму затоа што низ вековите и религијата често пати одиграла, а и денес игра, негативна улога во унапредувањето на животот и правата на сите луѓе, а посебно на ранливите категории, како што се жените. Се уште, жената не смее да влегува во сите делови на „светите храмови“ ниту пак да учествува во раководните структури на религиозните институции. Ако ова беа некои други институции, таквата пракса ќе ги чинеше скапи судски порази. Но религиозните институции се уште си го дозволуваат тоа понижување на жената и оние кои тоа го практикуваат, ќе ги оставам сами да си даваат своја одбрана.

Но, фрустрацијата истурена врз Господ е истурена на погрешно место. Имено, Господ не се симна од небото за да ја угнетува жената, туку тоа го направија луѓето. Вековите во кои жената се третирала само како фабрика за раѓање, како сексуален предмет, како слуга низ домот, често пати добивале религиска наратива, но тоа се случувало и во времето на варваризмот и политеизмот, во време на синхретизмот, а и во средните мрачни векови на религиската догма, а се случувало и во атеистичкиот Советски Сојуз, денешна атеистичка Кина итн. Држејќи ги жените неписмени и необразовани, мажите, а не Господ проектирале интелекутална и физичка доминација над жената. Точно е, дека често пати главната алатка, но не и единствена, била и се уште во некои култури и нации, е токму религијата.

Бидејќи во 3 децении на ниедна од 3-те највисоки државни позиции сме немале жена, дали тоа исто така значи дека „државата е најголем непријател на жената“? Или политичките партии? Зошто да не се осмелиме и нив да ги именуваме? Можеби затоа што Господ „не беше“ во собата, па е лесен соперник. Именувајте партија и веќе си имате сериозен проблем!

Но како што не се сите политичари и партии исти, не се сите луѓе исти, така не се ни сите „религии“ ни сите „господи“ исти. Неверојатно е со каква леснотија се крши принципот на подвоеност на државата и црквата, кој оди двонасочно – како што Црквата не смее да ограничува и одобрува закони на државата, така и државата не смее да прогласува еретици од зградата на Парламентот. Во кое било друго општество, изјава, како на пример, „Алах е најголемиот непријател на жената“ би била инстантна причина за доживотна оставка од сите функции, а и за кривичен прогон за ширење верска омраза. Или, изјава дека сите „католици се непријатели на Ирска“ веројатно би започнала нова војна кога би била изречена од законодавниот дом на поделениот остров. Но секако, во развиени демократии никој не би помислил да спроведува инквизиторски лов на вештерки и прогласување на догматски еретици во 21виот век, од Национален Парламент.

Се разбира, во држава во која за многу поголеми злоупотреби на Уставот никој не одговара, најмалку очекувам тоа да се случи во овој случај. Можеби е доволно да остане само записот дека некој го нотирал ова прекршување на верските права и слободи, и тоа токму од страна на еден Комитет создаден истите да ги штити. Секогаш е опасно кога Комитет за одбрана на човековите права од државата, и државата, ќе влезат во коалиција. Впрочем, кој ќе ги штити правата на жените верници, од Комитетот создаден за штитење на нивните права?

Само Господ! Само Oној, кој секогаш ги штител!

Зошто? Затоа што во Неговата природа е Тој да сака, без да бара ништо за возврат. За Господ, за разлика од човекот, не постои „користољубие“ со кое тој сака да ја употреби жената и потоа да ја напушти. Се што Господ сака – Го сака вечно!

Кога во Библијата, на пример, се забранети прељубата и разводот, тие се забранети токму за заштита на жената. Во тој варварски свет, мажите сексуално ги искористувале жените во нивната младост, или додека имале интерес во нив, а потоа ги оставале. Поради патријархалната свест, таквите жени биле „оштетена роба“ поради што тие имале бројни социолошки и економски потешкотии. Институцијата на бракот била воспотавена како цврста заштита на жената од валканите игри на мажите. Штом еднаш ја сакаш – сакај ја вечно! Засекогаш си одговорен за нејзината економска и социјална добробит и безбедност.

Или замислете си каков револуционерен концепт бил во паганскиот хеленистички и римски свет, каде жената се третирала како имот, да се појави некој верски водач кој оди во домот на две жени со нив да зборува за духовни теми? И таму се одвива оваа сцена:. едната почнува да ги прави сите домаќински работи, да подготвува, да носи јадење и пиење, но другата води духовни разговори со Него. Во тој момент, домаќинката се налути, зошто сестра и, не и помага во домаќинските работи? Но, Исус ја укорува токму домаќинката! Поблагородно е за жената духовно да се воздигне, отколку да биде загрижена за тоа, дали гостинот е најаден и дали куќата е чиста. Какво неверојатно разбирање на вредноста на жената во тој примитивен свет! Каква револуција пред 2000 години!

Треба ли уште да се зборува за овој Господ и за Неговата љубов кон жената? Можеби за моментот кога една жена беше доведена кај Него за каменување, ПАК ОД ЛУЃЕ, а не од Господ, па кога Тој со својот прекорен поглед ги повика: „Кој од вас е без грев, нека го фрли првиот камен!?“ Потоа, откако засрамени заминаа, ја заштити оваа угнетена и исплашена жена со зборовите: „Ни Јас не те осудувам!“

За некој религиозен фанатик ова е страшно – како може Господ да не осудува прељубница? Што ќе ни е Господ, кој не осудува прељуба? Но, знаејќи ја положбата на жената во тој мачо свет, тешко е да се замисли дека таа можела по своја слободна волја да стапи во сексуална врска со некого кој не и бил сопруг. Така, Господ ги осуди мажите кои сакаа да ја осудат оваа жена на смрт, а не ја осуди жената која беше откриена во прељуба. Уште еднаш, Неговата голема љубов и високо мислење за жената, ставени се на увид пред целиот свет. Истовремено, разобличени се машкиот шовинизам и лицемерие.

Можеме ли да спомнеме и за тоа, дека, кога се случи чудотворното исцеление на жена во саботен ден, верските водачи, се разбира сите мажи, дрско кренаа глас против Исус, со обвинение дека не смеел тоа да го прави во ден забранет за работа!? Во Неговиот одговор, има брилјантна деконструкција на шовинизмот на тоа време:

„Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова?“.

Замислете, во тоа време, верските водачи повеќе ги ценеле своите магариња и волови, од оние кои се „ќерки Авраамови“ – односно, жените! Титулата која и е доделена од Исус во тој момент како „ќерка на Авраам“ е монументална во очите на шовинистите кои во тоа време се гордееја со слоганот „Господе, фала ти што не ме создаде куче, роб или жена“. Оваа жена е ќерка на прататкото на Израелската нација, но и повеќе од тоа – на Божјиот избраник, Авраам! Таа вреди ПОВЕЌЕ од вашите волови и магариња! Многу повеќе. Барем во очите на Господ.

Нема да ги спомнувам класичните примери за Марија, која Го роди Исус, за родосоловието на Исус, во кое нетипично за тоа време се спомнати и жени и многу други пикантерии од наративата на автентичното христијанство во кое жената ужива висока почит и длабока љубов од страна на Господ. Не би имало доволно простор за такво опсежно излагање.

Но, од тие многубројни инстанци, уверен сум дека Господ и го честита 8 март подобро од кој било маж или жена што може да и го честита, бидејќи за жал, Човекот, а не Господ, е најголемиот непријател на жената.

Господ ви го честита 8 март, за вашата издржливост, борба, за вашата љубов и посветеност, за тоа што бевте последните покрај крстот и првите покрај гробот. Ви го честита бидејќи Ве создаде како круна на сето создание, како последно дело на Неговите раце. Ви го честита бидејќи подеднакво со мажите го примивте Неговиот образ и подобие, и ни грам помалку од нив! Ви го честита бидејќи ги знае и вашите солзи и тешкотии. Ви го честита, бидејќи ве засака со Својата вечна љубов!

За некој можеби изјавата од насловот звучи претенциозно, но не и ако ја познавате наративата на автентичното христијанство. Ве поканувам сите, и мажи и жени, да се ослободите од религиската догма и традиција, но и од анти-религиската хистерија и да се запознаете со автентичниот Господ. Само така, нема да ни се случуваат несреќни изјави како таа од пред неколку дена. Ќе се освестиме дека вистинскиот непријател е човекот, а вистинскиот пријател е Господ.

Како што почнав, така и ќе завршам, со една изјава од Нобеловец, овојпат жена. „Ако ги осудуваме луѓето, немаме време да ги сакаме“ (Мајка Тереза). Затоа ве молам сите, особено верниците, да имате повеќе време за љубов, а помалку за гнев, осуда и бес. Особено кон нашите неистомисленици.

„Честит 8 март до сите жени. Ве сакам!“

– Господ

Пишува:  м-р Марко Грозданов

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *