Почетна Коментар Царството небесно прилега… на простување
Царството небесно прилега… на простување

Царството небесно прилега… на простување

157
0

Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од искуство тврдат дека мамат и дека нема што да губам време со нив? Иако често и јас ја имам истата проценка, им одговарам дека човекот досега мене лично не ме излажал и дека должен сум да му дадам шанса, можеби после односот со мене ќе се промени. И така, ако ме излаже, нема да има никаков проблем со мене, туку – за среќа, директно со Бог. Кога на кантар ќе се стави малата штета што би можел да ја претрпам и можноста за спасение на една душа, секогаш преовладува второто – личниот однос. Посебно што доброто кое сум му го направил е семе посеано во неговото срце, кое има голема шанса еден ден, сепак, да донесе плод – ако на злото му враќам со љубов.

Така е со нас, луѓето, кои и немаме многу време и средства за губење, а човекот, откако еднаш ќе нѐ излаже, обично долго не се појавува во нашиот живот, туку само во нашите молитви. Бог, Кој дејствува од перспектива на вечноста, му дава на човекот многу повеќе од една шанса да се покае сѐ додека со своето однесување си штети само на себе, но ако наштетува на поголем број луѓе кои ги прифаќаат своите страдања како дар Божји, тогаш шансите за зло дејствување драстично му се намалуваат. Ако, пак, оштетените не ги примаат страдањата како дар Божји и понатаму хулат на Бог, тогаш страдањата продолжуваат сѐ додека истите не се покајат и не побараат помош од Бог.

Има многу варијанти на темава – општи и лични, а една од нив е и варијантата на лично ниво што ја слушнавме во денешното евангелско четиво (види: Матеј 18, 23–35). Царот, односно Бог, му го простува големиот долг на својот слуга, простување што е, всушност, милост поради невозможноста за наплата на долгот. Ненадоместлива е разликата помеѓу создаденото и Несоздадениот, односно како ќе Му се одолжи човекот, кој на дар го добил своето постоење и живот, како и можноста да биде бог по благодат, на Бог, Кој го создал? Не може. Може само да воспостави личносен однос заснован на благодарност и простување од љубов.

Простувањето е милост. Тоа го потврдува и Самиот Бог: „Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?“ Милоста можеме слободно да ја наречеме и љубов, особено кога се говори за Бог. Оти, и простувањето, и милоста, и љубовта, како и сите други добра што од Него ги добиваме се само Негова несоздадена енергија или енергии – во зависност од нејзиното пројавување, преку која Бог стапува во личносен однос со нас и нѐ спасува.

Несоздадената енергија Божја ја добиваме во сета своја полнота сите ние кои сме крстени во Црквата. Таа енергија почива во нашето духовно срце. Цел на христијанскиот живот е, преку очистувањето на срцето од страстите, да ја активираме и актуализираме несоздадената Божествена енергија, која кога ќе се пројави од нашето доволно очистено срце, ни го покажува и „местото на срцето“, а нашиот ум го добива дарот на умно-срдечната молитва. Оваа молитва, носена на крилјата на љубовта и кон непријателите, сѐ посовршено нѐ соединува и ја овозможува нашата личносна заедница со Бог, со Отецот и Синот и Светиот Дух; а го обожува и нашето тело.

Затоа велиме дека не толку Богочовекот Христос нешто се преобрази пред Своите ученици, колку што нивните очи преобразени од несоздадената енергија (благодат) Божја ја видоа Неговата вистинска слава – колку што во тој момент можеа.

Пресвета Богородице, Ти Која единствена ни ја даруваш умно-срдечната молитва, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *