Бугарскиот патријарх повторно ја бранува јавноста

Date:

Share post:

„Бугарскиот патријарх Даниил ја легитимира српската митологија за ’мачениците од Сурдулица‘, покажувајќи презир кон жртвите дадени од нашиот народ во борбите за национално ослободување и обединување.“

Ова се наведува во ставот на Атлантскиот совет на Бугарија по повод сослужувањето на патријархот Даниил со двајца високи претставници на Српската православна црква, пренесува БГНЕС.

На 30 октомври 2024 година, во митрополитската катедрала „Св. Великомаченица Недела,“ патријархот отслужи литургија за чествување на споменот на светиот крал Стефан Милутин, во сослужение со двајца високи претставници на Српската православна црква – Тимочкиот митрополит Иларион и Нишкиот митрополит Арсениј.

Атлантскиот совет со загриженост потсетува дека во 2017 година, српскиот Синод ги канонизираше т.н. „сурдулички маченици“ – историски мит, заснован врз цивилните жртви за време на задушувањето на Топличкото востание во 1917 година.

„Оваа акција, без преседан во православниот свет, имаше за цел да ја засили антибугарската хистерија кај нашата западна сосетка, да ги стави во непријатна положба претставниците на бугарското малцинство и, преку училиштето и црквата, да влијае врз децата, кои се особено чувствителни, со цел да се олесни асимилацијата на бугарското национално малцинство во Србија. Во последните години, српската пропаганда го експонира митот за ’сурдуличките маченици‘ и на меѓународно ниво, во обид да ги компензира штетите за имиџот на Србија од меѓународното признавање на вистинскиот геноцид извршен во Сребреница,“ се наведува во изјавата.

Светиот Синод на Бугарската Православна Црква во 2017 година испрати писмен протест до Српската Православна Црква и донесе одлука бугарските архиереи да не сослужуваат со српските.

„Оваа забрана строго се почитуваше на канонската територија на БПЦ до 30 октомври 2024 година и горенаведеното сослужување на патријархот Даниил. Со прекршувањето на оваа одлука на Светиот Синод, бугарскиот патријарх Даниил демонстрираше презир кон скапоцените жртви дадени од нашиот народ во борбите за национално ослободување и обединување! Неговото неканонско сослужување со српските владици во црквата ’Св. Великомаченица Недела‘ е чекор кон легитимирање на митот за ’сурдуличките маченици‘ и во суштина претставува предавство на бугарските национални интереси,“ изјави Атлантскиот совет на Бугарија. Советот го повикува премиерот на Република Бугарија и надлежната дирекција за верски прашања при Министерскиот совет да побараат објаснување од бугарскиот патријарх Даниил за случајот. Упатен е и повик до Светиот Синод на БПЦ да заземе став и јавно да ја изрази својата позиција за т.н. „сурдулички маченици.“

Религија.мк дознава дека на оваа богослужба од страна на патријархот Даниил бил поканет и архиепископот Стефан и други владици од МПЦ-ОА, но поканата била во последен момент повлечена. Интересно, но неофицијално се споменува нерешениот канонски статус на МПЦ-ОА, за што реагирале некои од бугарските владици, иако БПЦ го прифати Томосот од СПЦ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img