Епископот Делчевско-каменички, Марко одбележа 22 години архијерејкска служба. На 07.12.2025 год., кога православната црква ги празнува св.вм-ца Екатерина и св.вмч. Меркуриј, јубилејот беше одбележан со Света Архиерејска Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево.
Литургијата ја служел епископот Тивериополски Тихон од Бугарската Православна Црква во сослужение на Митрополитот Брегалнички Иларион и домаќинот епископот Делчевско-каменички Марко, како и свештенослужители од повеќе епархии на МПЦ-ОА, БПЦ и јереј Ристо Горанчиќ од Малта, претставник на СПЦ.
– Љубовта е таа која ќе го спаси светот, а не умните глави кои мислат, дека можат секогаш со силата на разумот да пронајдат вистинско решение на проблемите. Љубовта нѐ преобразува, нѐ сплотува во заедницата. Кога имаме братска љубов ќе најдеме решение за секаков проблем, истакнал бугарскиот епископ Тихон по литургијата.
-Епископот г. Марко по Литургијата им се заблагодари на браќата архиереи за љубовта и жртвата која ја направија и дојдоа на овој значаен ден за него. На ова архиереите возвратија со избрани зборови и се заблагодарија за топлиот дочек. Епископот г. Тихон во знак на братска љубов и почит на двајцата архиереи им подари панагии, велат од епархијата.
Пред почетокот на Литургијата на епископот Марко од името на монаштвото и свештенството на Делчевско-каменичка епархија му бил доделен архиерејски жезол.
Марко стана епископ во 2003 година и беше раколположен од СПЦ, кога беше формирана ПОА.

