Синодот на Бугарската православна црква уште еднаш категорично се изјасни дека нема да учествува на Сеправославниот собор закажан за средината на јуни на Крит. Истовремено БПЦ ги повикува верниците да не подлегнуваат на манипулации и да останат верни на Бугарската црква.
Во денешното соопштение бугарскиот синод потенцира дека веќе се откажани и летовите и резервациите за Крит за бугарската делегација.
-Донесеното синодско решение е едногласно и е официјално потпишано од Бугарскиот патријарх и високопреосвештените митрополити, членови на Св. Синод на БПЦ-БП. Одлуката на Св. Синод е категорична: БПЦ-БП нема да учествува во Сеправославниот Собор поради веќе објавените оправдани причини. Решението е испратено до сите претстојатели на помесните Православни Цркви. Откажан е и летот на владиниот авион со кој требаше делегацијата на БПЦ-БП да патува до островот Крит. Направените за бугарската делегација резервации исто така се откажани.
Членовите на БПЦ-БП да покажат високо црковна зрелост дека му веруваат на своето свештеноначалие и заедно со бугарската јавност да не подлегнуваат на лажни и недостојни манипулации, пишува во соопштението на БПЦ.
За потсетување, бугарскиот синод одлучи да го откаже учеството на историскиот Собор на Крит и побара негово одложување, поради неколку причини.
/РЕЛИГИЈА.МК