Почетна Анализа БОЖИК: Што е вистина, а што мит во приказните на Матеј и Лука за раѓањето на Исус?
БОЖИК: Што е вистина, а што мит во приказните на Матеј и Лука за раѓањето на Исус?

БОЖИК: Што е вистина, а што мит во приказните на Матеј и Лука за раѓањето на Исус?

223
4

Раѓањето на Исус е опишано само во две од четирите евангелија во Новиот завет – тоа по Матеј и тоа по Лука. Подоцна, очигледно поради потребата да се дообјаснат некои работи кои ги мачеле христијаните во првите години по Исус или се чинело дека се нејасни и недокажани, напишано е Протоевангелието по Јаков, кое треба да упати на тоа дека него го напишал братот на Исус.

Тука, за прв пат ги среќаваме и имињата на родителите на Марија, Јоаким и Ана, опишана е смртта на таткото на Јован Крстител, Захарие, како и раѓањето на Исус во пештерата. Оттука, „од текстот потпишан со „Јас Јаков…“ иако научниците се далеку од тоа да помислат дека еден од најголемите скептици за време на животот на Исус, неговиот брат, навистина го напишал Протоевангелието, заедно со тие крстени „по Матеј“ и „по Лука“, произлегуваат сите легенди и сцени кои денес ги гледаме секој Божик. Сцени за малото бебе кое лежи во јасли (Лука), а овчари (Лука) и мудреци (Матеј) му се поклонуваат во пештера (Јаков). Ете ја целината на денешните орнаменти. Во библиските евангелија, како што рековме, не се споменува ниту пештера, ниту штала, туку само се наведува дека новороденето бебе било сместено во јасли (сад во кој се става храна за добитокот) бидејќи за Јосиф и Марија немало место во гостилница.

Проф. д-р Ратомир Гроздановски смета дека дека не е грешка ако се каже дека Исус се родил во пештера, ниту пак во штала, зашто во тоа време луѓето често ги прилагодувале природните пештери во објекти за чување на добитокот, па оттука можно е Исус да бил роден во пештера, која, со оглед на тоа што се користела како штала, имала и јасли.

Но, да се вратиме на библиските евангелија за раѓањето на Исус. Проблемот настанува во големите разлики кои се јавуваат во двете приказни, па прашање е која од нив е вистината. А ако едната не е вистинита, тогаш зошто би била вистинита таа другата? Односно, можно ли е двете да се неточни? И, ако една приказна е невистината, зошто би бил вистинит другиот дел од Евангелието?

Ниту еден сериозен научник не ја спори вистинитоста на фактот дека Исус се родил. Неговото постоење е утврдено и со историски податоци, и тука немаат дилема ниту најголемите скептици. Но, не е така со останатиот дел од двете приказни во кои како што рековме има големи и за многумина непомирливи разлики. Како што вели Барт Ерман, еден од најголемите авторитети кога станува збор за историската веродостојност на Новиот завет, ако двете приказни се вистинити, тогаш, кога ќе ги споите тие би требало да даваат една целина.

Наспроти тоа, ако од приказните за раѓањето на Исус кај Матеј и Лука направите една, тие едноставно ќе се уништат меѓу себе. Нема да постојат. Ќе се распарчат.

Така, на пример, кај Матеј, Исус се раѓа, ѕвезда се појавува и ги води мудреците, тие доаѓаат во Ерусалим, Ирод ги испраќа во Витлеем зашто неговите пророци му велат дека таму се родил идниот цар, и бара од нив да се вратат и да му кажат каде го нашле детето.

Потоа, ѕвездата која ја снемало кога мудреците дошле во Ерусалим, на чудесен начин одново се појавува, и ги води, не до пештера или штала туку до куќата во која се наоѓа малечкото (кај Матеј не се споменува градот, односно селото во кое е наоѓа таа куќа).

Потоа мудреците му се поклонуваат, го даруваат (бидејќи се три дарови, се смета дека биле тројца мудреци), и си заминуваат во спротивен правец, не враќајќи се кај Ирод. Кога Ирод дознава за тоа, наредува да се убијат сите деца во Витлеем до две години (оттука се изведува заклучокот дека Исус е роден меѓу 4 година пред н.е кога Ирод умрел и 6 година пред н.е.) а, ангел ги предупредува Јосиф и Марија и тие бегаат во Египет. Се враќаат по смртта на Ирод и се населуваат во Назарет, бидејќи во опасност се и од наследникот на Ирод.

Приказната кај Лука е поинаква. Нема мудреци, нема ѕвезда, нема бегство во Египет – настани кои не би можеле да останат незабележани од било кој, кој пишува за раѓањето на Исус. Тука, се започнува со пописот во Сирија во време на гувернерот Квириниј, поради што Јосиф, бидејќи е од лозата на Давид, мора да се врати во Витлеем (замислете попис при кој секој се враќа во местото од кое потекнува неговиот предок од пред 1000 години). За нив нема место во гостилницата, па се сместуваат на друго место, а Лука не вели каде. Зошто? Затоа што не знаел? Самиот вели дека седнал да ги опише настаните откако се подробно испитал. Затоа што му било незгодно дека Исус се родил во штала? Па, зар не е во тоа поентата врз која е поставен светот создаден од Бога за мнозинството луѓе? (не дека ќе се родат во штала, но ако Божјиот син е таму роден, не плачете вие кои сте сиромашни, бедни…итн). Која е причината тогаш што Лука не кажуваат каде е роден Исус?

Како и да е, тоа што знаеме е дека во тоа место има јасли, а во Протоевангелието на Јаков се вели дека е пештера. Марија се породува, ангел ги известува овчарите и тие, а не мудреците доаѓаат да му се поклонат на Исус (што е и нормално, бидејќи мудреците не би можеле да стигнат истата вечер).

Потоа, по времето потребно за очистување на мајката (според некои научници како Ерман тој период е 32 дена, според нашите сфаќања станува збор за 40 дена, па оттука и денес важи верувањето дека мајките и бебињата од домот можат да излезат дури по 40-тиот ден), го носат Исус на претставување пред Бога во храмот во Ерусалим. После тоа, „се враќаат во Назарет“, а Евангелието по Лука вели дека родителите секоја наредна година го носеле Исус во храмот во Ерусалим.

Значи, тука нема бегство во Египет (го нема ни кај Јаков, туку Марија предупредена од ангелот само го става Исус во воловска кола и бега со него без да се каже каде, а со малиот Јован кој е шест месеци постар бега и мајка му Елисавета и нив ангелот ги сокрива во планина), нема колеж на бебињата од Витлеем, нема ништо што има кај Матеј. Освен едно – дека Исус се родил.

Тоа што ги вознемерува научниците кај Матеј се неколку податоци: на пример, фактот дека не може да се докаже една прилично убава и топла приказна – таа со ѕвездата. Не постои начин да се докаже било каква историска веродостојност дека некаква волшебна ѕвезда ги водела мудреците, исчезнала кога тие дошле во Ерусалим, потоа пак се појавила и застанала точно над куќата во која се наоѓа Исус. Можете да најдете објаснување дека не станува збор за ѕвезда, туку за ангел, но се разбира, тоа повторно спаѓа во доменот на верувањето, а не во сферата на историската веродостојност. Гледано од теолошки аспект, во крајна линија што е битно сето ова, нели, битно е дека Исус се родил, но, луѓето сакаат макар мала историска веродстојност на описите, за да можат поцврсто да ја изградат нивната верба во се останато што стои во евангелијата, а има прилично неверојатно нешта (хранење на пет илјади луѓе со само неколку риби, одење по вода, лечење со допир на раката или само со сенката… па се до воскреснувањето во физичка, а не само во духовна смисла). И тука настанува спорот меѓу научниците кои веруваат, како на пример д-р Карл Блумберг или тие кои освен верба бараат и по некој доказ и се класифицираат како луѓе кои не веруваат, како споменатиот Ерман.

Понатаму, од редоследот на настаните кај Матеј, сфаќате дека мудреците отишле во Витлеем (помислувате дека во меѓувреме се ослободило место па бебето и родителите се сместиле во куќата над која застанува ѕвездата) и потоа побегнале во Египет.

Но, ако тоа е така, тогаш ова не се вклопува со приказната на Лука дека по 32 или 40 дена Јосиф и Марија го однеле бебето во Ерусалим, а оттаму, се вратиле во Назарет. Значи тука нема бегство во Египет, а ако нема бегство во Египет, нема ни масакр на децата. Па прашањето само се наметнува: каде заминале Јосиф, Марија и Исус од Витлеем – во Египет (Матеј) или во Ерусалим (Лука)? Всушност, тука паѓа целата приказна на Матеј (покрај ѕвездата, масакрот, мудреците итн). Или пак таа на Лука која почнува со попис во време на гувернер кој владеел со Сирија најмалку десет години по раѓањето на Исус. А пописот е потребен за да оправда одењето на Јосиф во Витлеем, што пак е потребно за да оствари пророштвото од Стариот завет, со тоа што има нов проблем – попис (Лука) во двете години пред смртта на Ирод (Матеј) – нема!

Но, да се вратиме на дилемата за тоа каде побегнале односно заминале родителите и Исус од Витлеем – во Ерусалим или Египет. Единствена можност двете патувања да се точни е ако прифатите дека по одењето од Витлеем во Ерусалим, тројцаѕта се враќаат во Назарет (Лука), мудреците тука го посетуваат бебето впо куќа над која застанла ѕвездата (Матеј), и оттука е бегството во Египет.

Па, откако Ирод умрел во болки, изеден од црви и со распадното тело, се населуваат во Назарет (Матеј не вели дека се враќаат во Назарет како Лука, туку се „населуваат“) за да се исполни пророштвото.

Евангелистот и апостол Матеј

Но, ваквиот редослед на настаните, обидот да се спојат двете приказни за да се добие една, би значел дека убиството на децата во Витлеем е обична грешка на Ирод, односно дека тој би ги убил децата на Назарет, а не во Витлеем, да знаел каде навистина отишле мудреците.

Обидот за оваа еклеткика станува лесно соборлив ако се постават две прашања за кои се  нема одговор: зошто Бог дозволил бебиња да страдаат при раѓањето на Божјиот син и, ако ѕвезда ги водела мудреците до бебето, зар за Ирод не било поедноставно и неговите шпиони да ја следат таа ѕвезда, наместо да чека мудреците да му кажат каде е бебето и да направи грешка? Или, таа ѕвезда ја гледале само мудреците?

Последниот аргумент кој ги урива приказните е дека не постои историски податок дека масакрот на децата до две години во Витлеем се случил. За такво нешто нема ниту еден единствен запис (за гледиштото на научниците кои објаснуваат зошто е тоа така, во наредните денови).

Оттука, се чини, аргументите на тие кои не негираат дека Исус постоел, но кои сметаат дека приказните за неговото раѓање во евангелијата не се вистинити, се прилично цврсти. Всушност, има повеќе докази врз основа на кои може да се верува во воскреснувањето, отколку во двете (или трите, ако ја прифатите и таа според Јаков) приказни за раѓањето. Што велат тие кои ја негираат негацијата на Матеј и Лука? Во наредните продолженија.

Пишува: Дарко Јаневски (Денешен.мк)

Коментар(4)

  1. Со секоја почит кон авторот, но мислам дека написов му е целосен промашај! За неговите квази-научни бладања сум пишувал и друг пат, но бидејќи тие се повторуваат, ќе се повторам и јас. Пред се, авторот не е ни теолог, ниту егзегет, ни црковен историчар, ниту библиски археолог… Тоа се рефлектира многу јасно и во неговиот текст. Не сум против научните анализи, испитувања, критика, сето тоа е многу потребно и за науката и за верата, зашто и науката и верата имаат заедничка цел – вистината. Меѓутоа, многу е непрофесионално и погубно кога некој неквалификуван ќе се обиде да направи некоја навидум сериозна „научна“ анализа и ќе ја објави со крајно тенденциозна намера. А за нејзината научна заснованост и да не зборуваме… Како прво, во науката постојат сериозни научни дисциплини како: библистиката, егзегетиката, црковната историја и археологија, и сл. кои многу добро ги разработиле и објасниле „библиските контроверзи“ за кои авторот така триумфално се изјаснува, мислејќи дека открил топла вода. Но, доколку сака да се покаже добар познавач на конкретнава тематика, наместо да заплови подлабоко во научните води, и да ги докажува своите откритија на соодветно место, тој тенденциозно вади од контекст неколку наводи од Светото Писмо и извесни толкувачи, и ги сплетува во прикаска што нему му одговара за дневно-профитабилна цел, и тоа токму спроти празникот на Рождеството Христово. А, со тоа не е ни свесен дека ги повредува чувствата на многуте христијани меѓу читателската публика на порталите од каде зема плата, и остава впечаток на несериозен, плиток новинар, кој се води само од дневните и материјални интереси. А да не зборуваме за тоа колку е неетички и неграѓански да се обрјавуваат вакви злонамерни и невистинити написи токму на најголемите верски празници. Мислам дека тоа не го направат ни најзакоравените непријатли; и тие знаат да си укажат почит и чест за нивните свети празници да им поминат во радосна атомосфера, а не во збунувања, понижувања и навреди. На крај, за горенаведените библиски настани постои бројна научна литература во која јасно се докажува дека имало и бегство во Египет и колеж на Витлеемските дечиња. Авторот може слободно да се наобразува на тоа поле ако сака, има безбројна литература за тоа. Дотогаш, само си останува ниту научник, ниту новинар.

  2. Се сложувам со конструктивниот коментар на Марјан Тодоровски, а се ужаснувам од оној деструктивниот не авторот Дарко. И јас велам дека е добро и многу полезно да се истражува, ама со користење на соодветни методи кои се прифатени меѓу научниците. Овој наод не е ниту научен, ниту полезен. Напротив, тој е налик на оние глупави написи од жолтиот печат наменети за дразнење на сетилата и потполно го омаловажуваат авторот пред луѓето со сериозен научнички пристап.
    И само уште нешто:
    Ги замолувам уредниците од овој сајт, кој важи за еден од подобрите меѓу сите оние што ја третираат религиозната сфера, да не објавуваат вакви неточни содржини и да не прифаќаат ставови од вакви квази автори, кои – многу смешно – сами себе се сметаат за експерти во секоја научна област.
    Поздрав

  3. Интересното е во тоа што преку ваквите анализи Христијаните можат многу да научат бидејки преставуваат инерес да се вдлабочиме во самоанализирањето на религијата,а не само ГЛУПАВ ,ПРОСТ туку и смешен.
    Богоборните или Иноверните ќе најдат многу не само грешки туку и аномалии во Еванегијата.Но Све Зависи од кое место ја гледаш,доколку сакаш да научиш за Религијата ќе разбереш дека Евангелијата опишуваат настан што веќе следното Евангелие го доопишува и го објаснува настанот.Доколку сакате совршенство земени си научна ецинклопедија зошто Библијата е Едукативна а не Научна на прецизни детали и описи.
    Бегството во Египет е опишано и во Стариот Завет,кое Евангелието го дополнува,како и Витеемските Деца кое го претставува маченичкиот живот на Христијаните во Современиот свет,па се до раѓањето на Сонцето (Римскиот пагански празник)на Безвремениот ,А никад нема научниците нема да го откријат денот на Кој се родил Безвремениот бидејки дали е 7 или 25 и ете ти уште една небулоза за томови книги на грбот на овија кој ништо не разбираат…

  4. Ако еднаш се обидеш да релативизираш делови од Библијата и да ги прикажуваш како фабрикувани, измислени или метафорични, тогаш ќе имаш право тоа да го правиш и за многу други поуки, заповеди или норми од истата Библија врз кои се потпира човештвото. Тогаш, човекот може да премине во друга фаза на прилагодување на Бога кон себеси – што е сосема погрешно, извртување на верата.
    Авторот пред да ги изнесе неговите небулози, требаше да размисли колку соблазни би направил кон оние кои не се многу упатени во Заветот и во кој правец истите би се придвижиле во животот, а биле, на пр., со вера на “едно од овие што се најмали”.
    Голема замерка и до порталот религија.мк кој дозволува вакви “анализи” да се објавуваат, а кои можат да направат голема штета по гореспоменатите верници.
    На крај, една препорака и до авторот и до сите сомничави и такви кои чекаат чуда за да поверуваат и на кои не им е доволен пишаниот збор – прочитајте ја книгата Четвороевангелие од архиепископот Џорданвилски; таму се преубаво објаснати сите настани од четирите евангелија и како се истите поврзани – сите недоумици ќе ви бидат отстранети.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *