Во македонската историографија има неколку датуми кои останале врежани во нашата колективна меморија. Најпрво се сеќаваме на 2. август 1903 г. па потоа повторно на 2. август 1944 г., следниот е 8. септември 1991 г. и од сношти ќе се сеќаваме на 9. мај 2022 година. Првите три се поврзани со борбата за македонска држава, а последниот со дефинирање, не само на духовната независност туку и потврдување на државноста и идентитетот. Имено, ние како држава и нација сме дел од православната екумена, а во неа православниот идентитет е речиси неразделен дел од националниот. Затоа борбата за државност, секогаш и речиси без исклучок, е проткаена и со борба за црковна самостојност односно автокефалија. Признавањето на црковната посебност е секогаш круна во процесот на признавање на државноста и идентитетот.
Сепак, за волја на вистината, Црквата следи и некои други историски традиции својствени за неа уште од најраните години на христијанството. Имено, нејзината организациона поставеност во ранохристијанскиот период била одраз на т.н. полисен (градски) систем на уредување карактеристичен за доцноантичкото општество. Оваа карактеристика на црковната организација се пресликувала и во секој следен период од развојот на Црквата задржувајќи се до денес речиси подеднакво во сите помесни православни цркви. Оваа констатација пред сé се однесува на официјалните имиња на Црквите и титуларноста на нејзините поглаварите и епископи кои произлегуваат од називите на нивните седишта и центри.
Општо познато е дека феноменот на формирањето на нациите е релативно нов. Тој се јавува во 19. век, најпрво во Франција и Западна Европа и постепено се префрла овде на Балканот. Со формирањето на првите национални држави на Балканот се создаваат и првите т.н. национални Цркви иако во практика нивната диецеза се заснова на територијалниот принцип и најчесто се совпаѓа со државните граници. Важно е да се потсети дека сите новоформирани Цркви, без исклучок, признавањето го бараат и добиваат од мајката Црква, а тоа е Вселенската Константинополска Патријаршија. Меѓутоа исто така мора да се напомене дека уште тогаш, во 19. век, Константинополската патријаршија го осудува формирањето на Цркви со национален предзнак кој го дефинира православието како наднационално и строго држејќи се до територијалниот принцип. Тогаш впрочем Патријаршијата го осудува етнофилетизмот за ерес. Ако ме прашате мене – со полно право. Па така, дел од новоформираните цркви Вселенската патријаршија ги признава со нивното име кое го носеле низ историјата признавајќи им го правото на историски континуитет (Атинската архиепископија (1833 г.), Московката патријаршија (1448 г.) и др.), а дел од нив ги признава според името на државата каде се простира нивната јурисдикција (Православна црква на чешките земји и Словачка, Православна црква на Украина и др.)
Она што е многу важно да се напомене е фактот дека Вселенската патријаршија при признавањето на канонскиот статус на некоја помесна јерархија секогаш поаѓа од моменталната политичка реалност. Мошне мудро вселенските патријарси, од средниот век па се до денес строго и праведно се држат до 17-от канон донесен на Четвртиот вселенски собор (451 г.) одржан во Халкедон. Во него се вели: „Ако е со царска власт новооснован некој град, или наскоро ќе се новооснова, со државните и граѓански форми на управа (распоред) нека следи и поредокот на црковните парикии (епископии и парохии)“. Речиси дословно овие одредби се повторуваат и во 38-от канон на Трулскиот собор. Токму затоа добро познатиот Томос од 1922 г. почнува со објаснување дека има за цел да ги уреди тогашните црковни граници според актуелните политички промени: „затоа, во однос на од Бога спасеното Кралство Србија, имајќи предвид дека по поранешните Балкански војни од 1912 и 1913 година и неодамнешната Голема светска војна (Првата светска војна, м.з.) тоа било проширено и издигнато во единствено Кралство СХС“.
Веќе одамна го нема Кралството Србија. Го нема ниту Кралството СХС и Југославија. Следејќи ја новата политичка реалност, после децении нерешен статус, конечно Вселенската патријаршија и неговата сесветост патријархот Вартоломеј храбро, визионерски и пред се мајчински „ ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“. За работите да бидат поторжествени Патријаршијата го признава името Охридска за Црквата во нашата земја. На тој начин во целост ги признава одлуките на Вториот црковно – народен собор од 1958 г. кога всушност била обновена Охридската архиепископија. Со тоа го признава правото на историски континуитет на древната Охридска архиепископија на територијата на нашата држава. Ако некој мисли дека тоа е малку и недоволно тогаш или е слеп или е намерно глув.
На крајот честитки за нашиот архиепископ и црковен поглавар г.г. Стефан и сите владици, клир, монаштвото и православни верници во нашата земја. И се разбира благодарност до вселенскиот патријарх, неговата сесветост Вартоломеј и мајката црква – Вселенската патријаршија; мајка на сите православни помесни цркви од некогашниот византиски комонвелт. Се надевам дека во скоро време ќе имаме прилика сите заедно да му се заблагодариме на патријархот овде во нашата земја на една заедничка литургија во градот на св. Климент и св. Наум на бреговите на Белото езеро.
Пишува: Проф. д-р Драган ЗАЈКОВСКИ, Црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја – Скопје
