Почетна Вести Христијанство Богословскиот Факултет бара јавна дебата за Истанбуската конвенција
Богословскиот Факултет бара јавна дебата за Истанбуската конвенција

Богословскиот Факултет бара јавна дебата за Истанбуската конвенција

587
0

Наставно-научниот совет при Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ искажал резерви ратификација на истанбулската Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, за која на 06 декември 2017 Владата на Република Македонија усвои Предлог-закон за ратификација.

Професорите на Богословскиот факултет не спорат со идејата ваквата Конвенција, која се изјаснува против насилството врз жените да биде усвоена, бидејќи насилство и поттикнување на насилство, независно од начинот на кој тоа се манифестира, врз било кое човечко суштество, подлежи на осуда и санкција.

-Она што силно нè загрижува во врска со овој документ е имплицитната содржина на документот и промовирањето на нов категоријален систем кој далеку ја надминува темата за насилството врз жените и домашното насилство. Имено, Конвенцијата ја воведува т.н. „родова перспектива“ (gender perspective), која суштински го менува значењето на поимите „маж“ и „жена“, исто така, се воведува контроверзна дефиниција за „родот“ како општествен конструкт, независен од половата реалност, како и поимот „родов идентитет“различен од поимите „пол“ и „род“ (чл. 3-4). Конвенцијата, вешто ползувајќи се со осудата на насилството врз жените, суптилно отвора простор за стигматизација на традиционалниот концепт за семејството и бракот, својствен за големите светски религии, како „традиции втемелени врз стереотипни улоги за жените и мажите“, кои, според текстот на декларацијата, треба да се „искоренат“ (чл. 12). Уставните и законските измени што во овој контекст се условуваат со Конвенцијата ќе резултираат со притисок и санкционирање на религиите во нивната проповед, мисија и практика во Р. Македонија (чл. 42), стои во заклучокот на професорите од Богословскиот факултет.

Тие сметаат дека Конвенцијата, исто така, може да го ограничи правото на родителите во процесот на образование и воспитание на нивните децата, и тоа преку членовите 12-14, 17, 42, 45, а гарантирано со Законот за семејство на РМ  и со Европската конвенција за човекови права.

-Тоа особено важи за отпорот против контроверзните образовни програми, кои би го претставувале „родот“ како општествена конструкција одвоена од биолошкиот пол. Конвенцијата отвора и простор за ограничување на правото на совест, мисла и вера. Искажување на спротивно мислење (на пример, дека сексуалниот чин меѓу хомосексуални партнери е грев) може да се интерпретира како „нарушување на психичкиот интегритет“, т.е. психичко насилство (чл. 33, 42). Конвенцијата во своето потенцирање на жената како ексклузивна жртва во општеството формира стереотип за припадниците на машкиот пол како единствени вршители на насилство (Преамбула, чл. 12), стои ставот на Православниот Богословски факултет.

Теолозите сметаа дека со оглед на фактот оти станува збор за теми кои директно ги засегаат и религијата и теологијата како неделив дел од македонското општество, потребно е да се отвори јавна дебата во врска со контроверзните прашања, која ќе има за цел да ги расветли посочените теми и проблеми, пред ратификацијата на оваа Конвенција.

– Препознавајќи и подржувајќи ја потребата од спречување и ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство сметаме дека предложениот Предлог-закон за ратификација на оваа Конвенција, само ќе го измести фокусот од примарната цел на истиот и ќе доведе до значителни поделби во македонското општество. Укажувајќи на посочените аспекти од текстот на Конвенцијата се надеваме дека ќе го дадеме нашиот придонес кон вистинското вреднување на достоинството и честа на жената, создадена според Божјиот образ и подобие, со што ќе се вклучиме во благородната мисија на ефективно искоренување на насилството врз жените и на домашното насилство, стои во соопштението на ПБФ. „Свети Климент Охридски’

Конвенцијата е донесена на 11. мај 2011, а потпишана е од страна на Република Македонија на 08. јули 2011 година. Од вкупниот број потписници, вкупно 17 земји не ја ратификувале, 14 земји ја ратификувале со резервации и проговори во однос на одредени членови, додека само 13 земји ја ратификувале во нејзината целосна форма.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *