Почетна Коментар Богородица 
Богородица 

Богородица 

370
1

Она нѐ научи што е (Кој Е) смислата на нашиот живот. Она нѐ научи што е (Кој Е) вистинска вера. Она нѐ научи што е (Кој Е) апсолутно послушание. Она нѐ научи што е (Кој Е) одрекување од овој свет. Она нѐ научи што е (Кој Е) крајно туѓинување. Она нѐ научи што е (Кој Е) небесно смирение. Она нѐ научи што е (Кој Е) непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва. Она нѐ научи што е (Кој Е) љубов. Она нѐ научи што е (Кој Е) совршена заедница со Бог.

Она е совршен сад на Божјото Предание. Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух. Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. Она пострада неволно под Крстот, како никој од човечкиот род – кога било. Она, од сите нас, прва воскресна. Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото. Преку Неа го добиваме секој дар Божји. Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива. Она е Црквородица. Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца. Она е нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија.

PresvetaBogorodica270820161Она не е божица, Она е нешто попрекрасно и позначајно за нас.Она е Богородица, а јас, како да ти објаснам за Неа, драг читателе, кога тие зборови ги нема.

Подобро да го оставам свети Григориј Палама да ни говори за Неа и Нејзиниот молитвен подвиг: „Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување…, оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон божествените откровенија, избор на ’подобриот дел‘. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку кое тој би можел да се соедини со Бог.

Пресветата Дева, престојувајќи во храмот… со внимание и во непрестајна божествена молитва, Таа целата Своја стана и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам ’молчание на умот‘. И предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, којашто никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание – својствено за непорочните души и умови.

Бидејќи причесна на ова (бого)созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот. (…) Таа токму затоа – не знаејќи за маж – и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос“.

naumВерувам дека сега во потполност го сфативте она што го реков во мојата прва беседа: учењето за умно-срдечната молитва не е просто еден дел од севкупното свето Предание, тоа е самата срж на светото Предание на Православната Црква.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

 

Коментар(1)

  1. Оваа беседа е Љубов и Патоказ за тоа што е највашно во овој свет…или едниставно Потсетник за нас изгубените во светот.
    Пресвета Мајко Богородице моли го Бога за нас.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *