Почетна Проповеди Богородица е највозвишен пример на секоја жена
Богородица е највозвишен пример на секоја жена

Богородица е највозвишен пример на секоја жена

669
0

Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Успение на Пресвета Богородица, Бигорски

Добровечер на сите! Ви посакувам најтопло добредојде во оваа Света Обител и истовремено ви благодарам за радоста со која ги обдаривте нашите срца, притекнувајќи ни вечерва во толку голем број.

Во оваа молитвена ноќ, најмили мои, го славиме најголемиот меѓу Богородичните празници – Нејзиното сечесно Успение и вознесение на небесата во неискажлива слава. Значи, денес го славиме и воспеваме не само Нејзиното Успение, туку и воскресение и вознесение. И навистина,  после Господа Исуса Христа, Кој со Своето обожено тело седна од десната страна на Бога Отецот во слава, втората Личност, Која беше удостоена со тело да застане до величието на Троичниот Бог, е Пресветата Богомајка. Со тоа Таа ни го предвести она што ќе се случи и со сите нас при Второто Христово пришествие.

42Бидејќи, денес иако душите на праведниците пребиваат во трисолнечната слава на Бога, восхитувајќи се на Неговата непоимлива убавина и живеат во небесната Божествена Литургија, сепак, нивните тела виделе распаѓање, освен ако според Божјото благоволение, не се удостоиле со нетрулежност на своите тела. Така, сите упокоени го чекаат Второто Христово доаѓање за нивните тела да бидат повикани од правта и одново да се состават. Па, откако нивните тела ќе се состават и преку благодатта и милоста Божја обожат, да се преобразат и да бидат во вечна заедница со Бога, во новото небо и новата земја, што Бог ја предвидел за нас, односно Царството Небесно. Ете, сето тоа ни го предвести денешното Успение на Мајката на вечниот Живот.

Нека се радуваат, затоа, денес сите жени и сите мајки во светот, гледајќи со какво достоинство ги украси Пресветата и Преблагословена Богородица. Да, какво само достоинство Бог им даде на жените преку Својата Пречиста Мајка! Таа е навистина образец на секоја мајка, највозвишен пример на секоја жена. И секоја жена којашто ќе се огледа на Онаа, Која е „повозвишена од ангелите“ и „посветла од сончевите зраци“, ќе се издигне во добродетелите, ќе се облагороди. А доколку, пак, жената во својот живот не ја има за образец кротката и смирена Дева од Назарет, тогаш таа ќе се уподоби на нашата стара прамајка Ева, којашто падна во страшна гордост и себеси се прелажа, посакувајќи нешта што не ѝ припаѓаат. За жал, денес тоа се случува со многу жени. Упорно стремат кон нешто што не им припаѓа, занемарувајќи го истовремено своето достоинство што им доаѓа преку Богородица, а за кое тие дури не се ни свесни дека го имаат. Зашто, жената е благословена, пред сè, да биде мајка. Таа треба да се труди да се смирува, да се облагородува, да се обожи. И тогаш ќе имаме на земјата родови благородни, народи благородни.

41Во една прилика, прославениот меѓу Светиите, Старец Силуан Атонски, на вечерната богослужба, кога на паримиите, т.е. избрани извадоци од Стариот Завет, се читал делот од пророкот Исаија, во кој тој ги повикува луѓето со зборовите: „измијте се и очистете се“ (Иса. 1,16), нему му дошло да се запраша дали, можеби, и Мајката Божја некогаш згрешила, макар и со помисла. И веднаш во срцето слушнал одговор: „Мајката Божја никогаш не згрешила, дури ни со помисла“. Гледате колку била чиста Богородица! Колку возвишена! А тоа, секако, го постигнала најмногу преку смирението. Како што и Самата го кажува тоа при средбата со Елисавета.

Се сеќавате од Евангелието, кога се сретнале двете мајки, мајката на Св. Јован и Богомајката, Елисавета, просветлена од Светиот Дух, рекла: откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? (Лука 1,43) И Богородица тогаш ги искажала многупознатите зборови, што ги пееме на секоја утрена, а започнуваат вака: Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој (Лука 1,46-47). Но она што следи после нив е особено важно. Имено, Таа вели: оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови (Лука 1,48).

Она што ја направило Дева Марија Избраница на Господа е, превенствено, нејзиното крајно смирение. Смирувајќи се повеќе од сите луѓе, Пресвета Богородица се удостои од Бога да го добие највозвишеното послушание – да биде Мајка на Севишниот, и така да стане Посредница на Господа во спасението на светот. Еве, вечерва ќе слушнеме во стихирите дека токму преку Неа и ни доаѓа Божјата милост.

48Во продолжение, во зборовите на Пречистата, запишани од евангелистот Лука, има и еден стих во кој се вели: ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените (Лука 1,52). Со него Мајката Божја како да сакала да го навести новото време, времето на благодатта, што ќе настапи после воскресението на Спасителот. Тоа ќе биде време во кое ќе бидат возвеличени смирените, што ќе бидат издигнати на духовни престоли за да владеат преку љубовта Христова. И кога ќе погледнеме, целата историја на Новиот Завет е исполнување на овие зборови, бидејќи горите, пештерите и пустините се исполнувале со луѓе, кои во смирение Го барале Бога, и преку смирението успеале да се издигнат до небесните височини, запишувајќи ги засекогаш своите имиња во Книгата на живите. Сите тие пријатели Божји се непобитно сведоштво дека она што најмногу приближува до Господа е смирението.

Затоа, да ја замолиме Онаа Којашто најмногу се восоврши во подвигот на смирението, да ни помогне на сите нас кои сакаме да бидеме со Бога, да ја придобиеме и ние таа спасоносна добродетел. Оти ние многупати велиме: „Јас Го љубам Бога. Сакам да бидам со Бога“. Но само зборовите не се доволни да нè приближат до Бога. Ако притоа не се учиме да се смируваме, ако не се вежбаме во смирение, ако преку подвигот на смирение не го очистиме срцето од сите страсти, од сите гревовни желби, тогаш Бог не ќе може да се всели во нашите срца.

43Не е лесно да станеш живеалиште на Бога. Потребен е подвиг, потребно е смирение. А кој друг би можел најдобро да ни помогне во тоа, ако не Богородица, Која како наша вистинска Мајка, најмногу нè разбира и ни снисходи.

Да ѝ побараме во молитва силно да се застапи и за овие браќа монаси за да стекнат смирение, бидејќи, ете, тие го направиле својот прв чекор кон смирението, кога рекле: „оставаме сè во светот, потполно ја отсекуваме својата волја, и ќе се предадеме на послушание на игуменот, постарите браќа, ќе се трудиме верно и до крај да Му служиме на Бога и на луѓето“. И затоа сега тие се предводници во духовната борба. Секогаш молете се за нив, бидејќи, како што реков, тие се првата борбена линија во битката за освојување на Царството Небесно. Нека Пресвета Богородица, Која е сигурна потпора и заштитница на монасите, постојано ги штити, им дава смирение, и не само нив, туку и целиот род христијански да го поведе кон патот на смирението. Оти на сите им е потребно смирение. Ова особено важи за водачите на христијанските општества, кои доколку не се смират пред Бога и не побараат помош од Него, единствениот вистински Распоредител на власта, не ќе можат ни да бидат издигнати во вистинското достоинство, ниту ќе имаат способност на вистински начин да владеат со множествата. Така, ако тие не сфатат дека власта им е дадена од Бога, тогаш нивните престоли ќе бидат разрушени и ќе бидат симнати од власт, како што вели Богородица: ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените. Само смирените се тие кои би можеле на вистински начин да владеат најпрвин со себеси, а потоа и со другите, водејќи ги сите по вистинскиот пат.

21Да побараме оваа ноќ од Богородица да ни даде силна молитва и благодат да се молиме за целиот свет, за сите да ја познаат Вистината, која е Христос, родениот од Приснодева. И нека Богородица стане образец за сите мајки. Добро бдение!

 

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *