Почетна Проповеди Бог ги знае сите наши помисли
Бог ги знае сите наши помисли

Бог ги знае сите наши помисли

408
0

Митрополит Тимотеј, 4. недела по Педесетница, Храм „Успение на Пресвета Богородица” – Каменско, Охрид

Во денешното евангелско четиво слушнавме како Господ Исус Христос го излекувал слугата на римскиот стотник, односно капетан. Овој благороден капетан Го молел Господа Христа да го излекува неговиот слуга којшто бил на смртна постела. Господ Христос му одговорил: „Ќе дојдам и ќе го излекувам” (Мт. 8, 7). Тогаш, капетанот паднал пред нозете Христови и Му рекол: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави” (Мт. 8, 8). Неговото поведение зборува за неговата искрена, цврста и непоколеблива вера во Божјата сила на Господа Христа.

Не треба да заборавиме дека овој римски капетан е незнабожец. Но, иако незнабожец, имал вера како што немало ниту во избраниот Еврејски народ. Ова го потврдил и Самиот Господ Исус Христос велејќи: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера” (Мт. 8, 10). Потоа, Господ Христос му вели на капетанот: „Оди си и, како што си поверувал нека ти биде!” (Мт. 8, 13).

2Преку ова евангелско четиво ни се покажува дека вистинската вера во Господа Христа прави чуда. Вистинската вера е пријатна на Бога, но, и спасоносна за нас. Ние, кои сме воспитани во православната вера, должни сме истата да ја чуваме како дар Божји. Верата треба да ја затоплуваме и да ја умножуваме. Но самата вера, односно, верата без вистински христијански живот, не е доволна. Потребно е нашата вера да ја направиме делотворна, а преку тоа ќе сведочиме за нашата вистинска права вера.

3Какви предности ни дава нашата вистинска православна вера? Оној кој вистински верува во Бога Отецот, Седржителот и Промислителот, тој е убеден дека неговиот живот се добива од Бога и секогаш е во рацете Божји. Убеден е дека сè што добива, го добива од Бога и во Него ја полага сета своја надеж. Кој верува во Бога тој е убеден дека каде и да се наоѓа, и што и да работи, сето тоа го прави пред очите на Оној Кој сè гледа, Сезнајниот и Секадеприсутниот.

5Бог ги знае сите наши помисли. Таквиот човек, во својот живот се труди да не Го ожалостува величието Божјо и Неговата светост. Секогаш ја заштитува својата душа со страв Божји. Не се одлучува да постапува против совеста и против законот Божји, и покрај тоа што, можеби, го загрозуваат неговиот живот и предизвикуваат разни искушенија и страдања.

Оној кој верува во Синот Божји, Кој се воплоти заради нас и нашето спасение, и кој верува дека нашите гревови се простуваат преку крстната смрт на Искупителот, тој се труди и се плаши да не прави смртни гревови. Напротив, Го сака Бога и се труди да води праведен живот, живот кој е во согласност со Неговата, односно Божјата волја.

Оној кој верува во Светиот Дух, Животворниот Господ, тој ќе избегнува секаква скверност. Ќе ги пази зборовите на светиот апостол Павле: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие” (1. Кор. 3, 16-17).

4Оној кој верува во една, света, соборна и апостолска Црква, тој и се покорува во сè и го живее својот живот слушајќи ги црковните заповеди и совети и ја почитува црковната ерархија и сè што се проповеда и учи во Црквата. Оној којшто верува во вечен живот, тој живее на земјата подготвувајќи се за небесниот живот. Ги ползува земните блага, но, ги умножува своите духовни ризници.

Господ Исус Христос ја пофалил верата на капетанот и истата ја наградил. Со еден збор го излекувал неговиот слуга. Да Му бидеме благодарни на Господа што ни го даде дарот спасителен, односно дарот на верата, а преку неа и неизбројни благосостојби. Според нашата вера и денес, како во старите времиња, Господ прави чуда. Прави чуда кај оние што веруваат, а според нивната вера чудодејствува и кај другите луѓе.

Драги браќа и сестри, да се држиме цврсто и непоколебливо во нашата вера во Господа Исуса Христа. Да се трудиме да живееме според нашата вера достојно и праведно, за да можеме да ги слушнеме зборовите на Спасителот оди си и, како што си поверувал, нека ти биде. Амин!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *