Почетна Проповеди Благословениот подвиг носи телесно здравје и духовна радост
Благословениот подвиг носи телесно здравје и духовна радост

Благословениот подвиг носи телесно здравје и духовна радост

251
0

Поздравно слово на Старецот, Архимандрит Партениј, на празникот Успение на Пресвета Богородица, изговорено во манастирската трпезарија, по завршетокот на сеноќното бдение

Мили мои, уште еднаш ви благодарам што дојдовте во толкав број, за заедно да ѝ оддадеме похвала на Пресветата Владичица наша Богородица, во чест на нејзиното сеславно Успение. Да знаете дека вашето молитвено присуство на сеноќното бдение е голем Божји благослов, не само за вас, туку и за вашите ближни, за целиот наш народ.

Според светите отци на Црквата, едно вакво целовечерно стоење во молитва и во благодарност кон Бога, заменува цел четириесетдневен пост – се разбира, доколку човек се подвизува во будноста, трезвеноумието и молитвата. Замислете само колкава вредност и достоинство има ваквиот подвиг во очите на Бога! Вчера и денес, ние, според нашите скромни сили, се потрудивме молитвено да отстоиме едно такво повеќечасовно бдение. Навистина, тешко е за човек да биде сосредоточен на молитва през целата вечер; умот се расејува, нозете болат, умствените сили слабеат… Меѓутоа, милостивиот наш Бог, Кој и Самиот се облече во човечко тело, го има сето тоа предвид, бидејќи ја знае човечката немоќ. Тој го цени нашето внатрешно настроение, нашата желба и подготвеност да бидеме со Него.

Црковните празници се устроени така што да нè издигнат духовно, да нè просветлат, да го облагородат нашето битие, а не морално и умствено да нè деградираат. Тие содржат во себе голема духовна смисла и суштествена поука. Но, за жал, сведоци сме дека Христијаните претежно ги празнуваат празниците на недостоен начин. Имено, наместо да ги ползуваат за од нив да излезат духовно надградени, поучени, образовани, тие, напротив – личносно се обесчестуваат. Деновиве со браќата се потсетивме на немилиот настан што се случи пред дваесетина години во Манастирот на Пресвета Богородица во Берово, кога некои членови од тамошниот црковен одбор одлучија да го преместат празникот Успение за следниот ден, во четврток, за да можат да мрсат и световно да се забавуваат, бидејќи како и оваа година и тогаш празникот се паѓаше во посен ден, односно во среда. Тој ден ненадејно зафати страшно невреме и гром усмрти, чинам, девет души. Многумина ова собитие го протолкуваа како казна од Пресвета Богородица, поради тоа што некои, водени од желбата за задоволување на своите човечки страсти, се дрзнаа да го преместат нејзиниот најголем празник. Други, пак, се обидоа да дадат некакво научно објаснение за необичниот природен феномен. Не би навлегувал многу во ова – Богородица, во секој случај, е најнежна Мајка која простува и милува, но ете, понекогаш се случуваат и вакви работи за да извлечеме поука од нив. Факт е дека кај нас луѓето многу повеќе сакаат за време на празниците да се прејадуваат и препиваат, отколку духовно да празнуваат. На колку само места можат да се сретнат некакви си принаправени црквичиња, коишто внатре собираат едвај пет души, но затоа, пак, околу нив има пространи тремови, широки ливади што собираат по илјадници души. Еден таков пример е црквичето во с. Скребатно, Охридско, каде секоја година на Успение се собира многу народ, но не да празнува литургиски, туку световно. Важно да се заколат јагниња, прасиња, да се изладат пивата и да се јаде и пие до бесвест. Секако, Црквата не го забранува и световното веселие, но во секој случај треба да празнуваме прво духовно, со молитва на богослужба, а потоа со умерено јадење и пиење.

Бог е долготрпелив и  многумилостив, Богородица – исто така. Заради малкумината верни Бог ќе се смилостиви на многумина. Да ја молиме Пресветата Богородица да се смилува на сите и на нас, бидејќи, рековме, и ние во црквата се расејувавме, не пребиваме постојано во молитва. Сепак, бидете уверени, Господ и Мајката Божја се радуваат што сте избрале да го прославите денешниот голем празник на едно вакво место, каде знаевте дека ќе има молитва и псалмопенија во текот на целата вечер. Самата помисла, настроението на срцето и желбата да се појде на бдение, го издигнува духот на човека во висините – над таквиот ќе се излее Божествената благодат. Оти, каде тргнува таквиот човек? На молитва. Не тргнува да оди на прејадување и препивање, туку в манастир за цела ноќ да ја помине во славословие и молитва. Свето и големо дело!

Ве молам, мили мои, ова благодатно искуство од бдението да го раскажувате и на други, та и тие да знаат како треба правилно и православно да се одбележуваат празниците. Зборувајте насекаде за тоа дека треба достојно да ги празнуваме овие големи и свети денови, притоа трудејќи се и самите да останеме во тој дух на ревноста, да ревнуваме за вистинско празнување – во храмот Божји, беседејќи со Бога. И доколку ве болат нозете, или што било друго, немојте да паѓате со духот. Благослов голем и лек за телото е да бидеш присутен на светата богослужба. Болката сигурно ќе помине. Господ сака да се подвизуваме за Неговата љубов. Доколку ги читаме житијата на Светиите, ќе видиме дека сите тие многу се подвизувале. Но, не само тие, туку и нашите предци, нашите побожни баби и дедовци секојдневно живееле во подвиг и воздржание за Господа. А денес, во ова безлично време на конформизмот, никој не сака подвиг и труд. Јадење, пиење, задоволство, уживање. Но, затоа да не се чудиме после од каде тагата, од каде депресијата, очајот, психофизичките болести. Благословениот подвиг носи телесно здравје и радост на духот. Не правиш ли подвиг, тогаш не барај ни радост.

Простете ми и Богородица да нè чува сите!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *