Почетна Верски буквар Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – II дел
Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – II дел

Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – II дел

343
0

Кратка историја на Ерусалимската Црква

Два века по владеењето на Адријан, во 313 г., св. Константин Велики го потпишал Миланскиот едикт со кој бил востановен принципот на верска толеранција. За прв пат во историјата христијанството било озаконето и ставено под покровителство на царот. Во 326 г., мајката на цар Константин, Света Елена, во својата 78 година отишла за Ерусалим и таму спровела обемни ископувања, кои ги изнеле на дневна светлина карпата на Голгота, Христовиот Гроб и Чесниот Крст. По налог на својот син, света Елена го подигнала првиот Храм на Воскресението, кој во себе го опфаќа местото на  Голгота и Пресветиот Гроб. Според Евсевиј, храмот бил осветен на 13 септември во 336 г, точно 200 години после враќањето на Црквата од Пела.

Во истиот период, некаде околу средината на IV век,  бил основан посебен монашки ред, чија што единствена должност била богослужение внатре во Храмот и чување на Христовиот Гроб. Овој ред, наречен „ред на храбрите“, кој што прв пат се спомнува во патеписот на Егриј од 385 година, бил познат по својот доблесен и подвижнички живот и биле единствени чувари на Светиот Гроб од 336 до 1101 година, кога крстоносците го освоиле градот.  Ерусалимскиот епископ бил раководител на овој ред.

По изградбата на храмот на Воскресението, жителите на Ерусалим поминале еден мирен период кој траел околу три века. Меѓутоа од почетокот на VII век започнал еден долг период на колежи и уништување од страна на освојувачите. Ретко кој град во светот доживеал такво крвопролевање како Ерусалим. Во 614 година градот го освоила војската на персискиот крал Хосрој II. Околу 65 000 христијани биле убиени а Храмот Воскресението бил запален заедно со сите цркви и манастири во градот. Покрај мноштвото заробеници, меѓу кои бил и патријархот Захариј, Персијците во својата престолнина го однеле и Чесниот Крст.

Во 622 година византискиот цар Ираклиј тргнал во војна против Персијците и ги поразил покажувајќи извонредна храброст и постојано ризикувајќи го својот живот. Решителната битка се одиграла во 627 година кај Нинива (денешен Мосул), каде што Ираклиј стапил во двобој со противничкиот водач Разат и го победил пред очите на обете војски. Оваа битка се одиграла во близина на Гавгамела (Tel Gomel), на истото бојно поле каде пред 958 г. Александар Велики го поразил Персиското царство, византискиот цар Ираклиј го победил истото тоа царство и потпишал мировен договор со Сирој, синот на кралот Хосрој, под единствен услов : да го врати Чесниот Крст. Крстот бил вратен недопрен завиткан во заштитно платно. Три години подоцна, Ираклиј триумфално влегол во Ерусалим преку т.н. Златна Капија, истата онаа преку која поминал и Исус Христос на Цветници, јавајќи на магаре. Стигнувајќи до капијата Ираклиј ја оставил круната и царската одежда и со Чесниот Крст на рамо,  го поминал истиот пат по кој чекорел и Исус, кога одел на Голгота. Во септември 630 г. царот уште еднаш го подигнал Чесниот Крст на Голгота. Седум години подоцна во 637 г., Ерусалим го освоиле Арапите. Нивниот водач, халиф Омар-Хатаб, издал декре, со кој надлежноста над Пресветиот Гроб и на сите светилишта му ја предал на  патријархот Софрониј.

Во 1099 г., градот го освоиле крстоносците и го задржуваат под своја власт во следните 88 години. Истата година православниот патријарх бил заменет со латинскиот патријарх Арнулф и сите права , како и клучевите од Св. Гроб, преминале во рацете на Франките. Меѓутоа два неочекувани настани ја загрозиле црковната доминација на Латините.

Имено големото доцнење на слегувањето на Огнот во 1100 г., и за прв пат во историјата целосниот неуспех на службата, биле причина во 1101 г., со богослужбата повторно да началствува православниот патријарх.

Во следните векови градот постојано- се соочувал со нови освојувачи. Започнал период на жестоки судири меѓу Грците и Латините околу правото на Светиот Гроб и Голгота. Последниот спор помеѓу нив избил во 1851 година и се претворил во остар политички и дипломатски судир помеѓу Французите и Русите. Судирот завршува со превласт на Русите, така што во периодот од 1852 до 1853 година турскиот султан издавал два фермана со кои Пресветиот Гроб и Голгота дефинитивно преминувале во рацете на Грците, секако, без скратување на правата на останатите фракции да учествуваат во верските служби. Оваа состојба била потврдена со Париската Конвенција во 1856 г., како и од страна на Организацијата на Обединетите Нации во 1950 година, и е на сила до денес.

(Продолжува)

/Бигорски манастир

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *