Бигорскиот манастир повиква на разум и зачувување на единството на МПЦ-ОА – Синодот е место за дијалог

Date:

Share post:

Откако поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го номинираше новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што предизвика негодување кај дел од православните верници, со своја реакција по првпат се јави и Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, чиј игумен, епископот Антаниски Партениј, според дел од верниците, треба да е изборот за нов дебарско-кичевски митрополит.

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на манастирот, оттаму искажуваат благодарност до верниците што самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон црквата, но замолуваат во овие моменти да не биде изгубено од вид она што е над сè – единството на МПЦ-ОА. Тоа, како што се додава, е почетокот и крајот на сè, темелот врз кој почива заедништвото, мирот и духовната надеж.

Од манастирот посочуваат дека не чувствуваат ниту навреда, ниту понижување од новонастанатата ситуација, туку достоинство кои, како што велат, доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела.

Соопштенеието во целост:

Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, чувствуваме обврска да се обратиме со зборови на љубов и духовно расудување.

Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија.

Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почива нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж!

Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок.

Во Бигорската Обител никогаш не сме се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот. Зашто и највисокото место е залудно, ако не се претвори во служење и полза за Народот и Црквата. А и најскромното може да биде возвишено, ако од него извира љубов, тивка жртва и светлина. Затоа, не чувствуваме ниту навреда, ниту понижување, туку достоинство што доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела. Нашата радост е во народот што се преобразува, во младите што се враќаат на верата, во солзите што се претвораат во надеж и во натамошниот раст на нашата МПЦ-ОА. И во тоа, тивко, но сигурно, со уште поголема жар продолжуваме!

Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива.

Со благослов,
Братството на Свештениот Бигорски Манастир

1 COMMENT

  1. Со сета почит… Кога односите на духовните чеда со Неговиот Старец се благоверни, тие ништо не прават без негов благослов, ништо толку крупно како “самоорганизирање за протести” во полза на негов избор за повисок црковен чин. Ако веќе направиле, зошто Старецот би им заблагодарувал, и тоа јавно? Со тоа нивно однесување не посведочиле за неговата величина, токму спротивно. Вдлабоченоста на умот во благодатта Божја (која мора да постои на првиот духовен степен, освен ако благодатта не отстапила), не му дозволува на целиот човек да се крене во бунт кон што било во Созданието (помислата на умот тој лесно ја одбива), бунтот е секогаш против своите гревови и слабости, против ништо друго. Ако сакате да дадете друга перспектива на нештата, постојат многу покреативни, попрефинети и поплодни начини да го сторите тоа. (Инаку, секогаш кога духовниот човек наоѓа за виновник некој друг за непосакувани настани или ситуации, се одрекува од својата самовласност во својот личен микрокосмос, каде што лежи неговата единствена богодарувана сила да менува и да преобразува надворешни нешта. Тоа го знаат подвижниците на малку повисоките степени, оние што ја сфатиле тајната на покајанието/преумувањето, силата на тврдењето ‘Јас сум крив за се’. И мисли: ако мојата волја и Божјата се разликуваат, значи има и причина којашто во овој миг не ја гледам. За што повторно е виновна мојата недоволност, мојата духовна сиромаштија, мојот недоволен раст или просто мојата возгордеаност). А ако благодатта отстапила, тогаш духовното чедо на опитен Старец треба да е веќе предупредено дека мора да се смирува повеќе од обично, мора да ги дочека искушенијата на начин како благодатта да не се повлекла (да знае дека таа сепак сокриено дејствува и ќе се врати, со поинаков квалитет и интензитет, само доколку ги надмине искушенијата на духовен начин, запазувајќи ги духовните законитости: со засилени молитви, со воздржување, со непоистоветување со помислите и со чувствата, со недонесување заклучоци како израз на недоверба во својот се’ уште непросветлен ум, со воздржаност на сите рамништа, и со истрајно седење на последното место, кое сепак и е Христовото место. Или треба да знаеме дека сите овие луѓе што излегоа на улиците од нашите градови се носители на дарот на умносрдечната молитва и не им треба благослов од нивниот Старец за нивните постапки? Каде е непоматената љубов и почит барем кон сите членови на Помесната Црква, особено кон Нејзиниот Поглавар и Нејзините Архиереи, богослови, учители и монаси? Искушенијата и се надминуваат со седење на последното место, тоа е единствен начин да се спечали поголема слобода пред Бога. Но, кај нас се забележува една загрижувачка ситуација: додека Светите меѓу исихастите бегаа од ракополагање во епископски чин, се плашеа од љубовта на светот кон нив, некои од нашите молитвеници како да го прават спротивното. Како да сметаат дека дури ни епископскиот чин не им е доволен, дека токму највисокиот црковен чин, најголемите црковни надлежности би им овозможиле да го дадат најдобриот, најбогат плод. Но, кога монасите трчаат да го освојат светот, на крајот светот ги освојува нив. Се надевам дека сите овие мои зборови се неоправдани. Бог да Ви ги преумножи плодовите на сите!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img