Почетна Вера Бигорски за Сретение Господово

Бигорски за Сретение Господово

191
0

Монасите од „Бигорскиот манастир“ го одбележаа сретението господово, со богослужба и проповед за празникот. Како по обичај,чествувањата на празниците во овој Манастир имаат посебна величественост.

Погледнете ја галеријата:

И прочитајте ја проповета на монасите:

Христе Боже, Кој со Твоето раѓање ја освети утробата на Дева, и ги благослови рацете Симеонови како што прилега, откако ни дојде во пресрет, нѐ спаси и нас. Но смири го во неволите Твоето население, и поткрепи ги нашите управители, единствен Човекољупче“

Има мигови на чудесна средба, мигови кога божественото и човечкото се допираат, кога небото со земјата се среќава и станува едно. Токму тоа е она што го славиме на овој голем празник, и додека ги слушаме прекрасните стихири за миг како да го гледаме она што Св. Симеон го виде, го заземаме неговото место и ги подаваме рацете, за да Го примиме Оној што тој веќе Го држеше во своите раце. И тогаш помислуваме: „Не сакам никогаш овој миг да заврши, оваа средба со Бога, Кој така штедро ни се дарува преку благодатта што се излева на нас“.

Токму вакви мисли и чувства ги слеаја во едно браќата и сестрите во нашите два манастири, како и присутните верници кои овде ги донесе истата желба: молитвено да ги отворат срцата за таа благодатна средба со Бога. Секој стих, испеан на оваа величествена сеноќна богослужба, како да ги подготвуваше за тоа собитие – и самите да станат подобни на Симеон, да станат богоносци. Да Го сретнат Бога не само заради себе, туку и заради сите оние кои не беа во храмот, но на кои толку многу им е неопходна таа средба – болните, страдалниците, заблудените, оние коишто никогаш не ја познале неизмерната длабочина на Божјата љубов, сите наши ближни несвесни за таа празнина во своите животи. А секако и оние коишто на себе ја носат одговорноста за сиот наш народ. Можеби затоа Црквата предвидела во оваа празнична ноќ молитвено да се спомнат нашите управители и чувари на оваа од Бога доверена земја.

И навистина во овие толку судбоносни за нас мигови, монашкото братство и сестринство, посакувајќи им ја од сѐ срце на нашите водачи средбата со Бога, ревносно се помолија за нив Бог да ги исполни со пожртвуваност, родољубие, верност кон народот и неговите вековни идеали, за да можат секогаш совесно и со љубов да му служат на овој народ на местото каде што Господ ги поставил. Зашто оној што сака да раководи со народот, треба и да биде пожртвуван за доброто на народот, да ги остави зад себе своите лични цели и да се посвети на возвишените интереси на Татковината, бранејќи ја од секое внатрешно и надворешно зло.

Нека милостивиот и преблаг наш Господ, Кој секогаш ни доаѓа за да се сретне со нас, и да се всели во нашите срца, да пребива постојано во нашите животи за наше спасение и за полза на ближните, да ги просвети нашите политичари да станат токму онакви какви што треба да бидат, за да можат најсовесно и со љубов да си ја исполнат одговорната задача што Бог им ја доверил, ставајќи ја судбината на народот во нивни раце. Амин!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *