Почетна Вести Христијанство Бигорски со поддршка за бизнисменот Трифун Костовски
Бигорски со поддршка за бизнисменот Трифун Костовски

Бигорски со поддршка за бизнисменот Трифун Костовски

507
0

Монашката Обител на Бигорскиот манастир одговори со поддршка на апелот од бизнисменото Трифун Костовски, кој поголемава општествена и политичка поддршка за спас на Ееуростандард Банка.

Поддршката од Бигорски Ви ја пренесуваме во целост.

Почитувани наши читатели,

Деновиве во нашите медиуми излезе отворен повик од г. Трифун Костовски, во кој тој јавно ги повикува „сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка“, за да се спречи стечајната постапка на Еуростандард банка, како таа би се вратила во првобитната состојба. Бидејќи станува збор за еден голем добротвор на Бигорскиот Манастир, ние како монашко братство, чувствуваме морална одговорност пред Бога и пред етичките закони, да одговориме на овој негов повик.

Со оглед на тоа што нашиот животен призив и нашата дејност немаат допирни точки со банкарската дејност, нашата некомпетентност и неупатеност не ни дозволуваат да коментираме конкретно за тоа како и што се случува со Еуростандард банка. Затоа, пак, како луѓе, кои се посветени на евангелската проповед и општествено-хуманитарна дејност, си земаме за право да проговориме за бројните добри дела, што г. Трифун Костовски ги има оставено зад себе во текот на неколку децении, бидејќи богоугодно дело е да се истакнуваат добрите подвизи на луѓето, како поука и пример за сите.

Пред сѐ, г. Трифун Костовски е најголемиот дарител за обновата на бигорскиот конак Долни Палат, којашто започна во 2002, а успешно заврши во 2006 година. Во тој временски период, Костовски  во неколку наврати донираше значителни финансиски средства, со кои дополу распаднатиот Долни Палат беше комплетно возобновен и дополнет со уште еден кат, согласно фото-документацијата што ја имавме од стариот конак, што изгорел во 1912 година. Со тоа тој визионерски ја помогна и социјалната мисија што денес Бигорски ја врши. Поради неговата голема помош за нашето десетвековно Светилиште, на предлог Дебарско-кичевската епархија, г. Трифун Костовски беше награден со орденот на МПЦ-ОА „Свети Климент Охридски“, од прв ред.

Освен за неговата помош за Бигорската Обител, општопознати се и неговите бројни даренија за други православни светињи во Македонија, меѓу кои се вбројуваат: катедралниот храм на Охридската Архиепископија „Св. Софија“ Охридска, соборниот храм „Св. Пантелејмон“ во Велес, црквата „Св. Трифун“ во с. Кучково, храмот на Светите Петар и Павле во с. Јурумлери, „Св. Климент и Св. Петка“ во Штип, храмот на Света Петка во с. Галичник и др. Тој е, исто така, ктитор и на храмот „Рождеството на Пресвета Богородица“ во Скопје.

Освен даренијата за православните светилишта, Трифун Костовски важи за несебичен поддржувач на голем број невладини организации, финансирање на научни проекти, едиции, списанија, публикации и уметнички колекции од национален интерес, македонската дијаспора, болници и социјални установи, на хуманитарни и волонтерски активности, помош на инвалиди, финансиска поткрепа на социјални случаи, помош на болни за операции и лекувања, особено на дечиња.

Познати се и неговите донаторски потфати во областите на науката, уметноста, културата и спортот во Македонија. Притоа, тука треба да се нагласи дека неговите спонзорства дале значителен придонес за афирмација и напредок на нашата држава и тоа во мошне широк културно-општествен дијапазон.

Бидејќи благодарноста претставува една од највозвишените христијански добродетели, ние како монашко братство остануваме, заедно со многумина други од македонското општество, признателни кон г. Трифун Костовски за сета негова благородна дејност во нашата Татковина.

Накрај, смирено бараме извинување од секого што евентуално би се почувствувал негативно засегнат од нашиот текст, бидејќи намерата воопшто не е некого да оцрниме или искритикуваме, туку само да ги истакнеме добрите дела на една личност, којашто е воедно и добротвор на нашата Света Обител.

Дај Боже и ова најново искушение со кое таа личност се соочува да заврши со победа на доброто за сите!

Епископ Партениј, 
Игумен на Свештената Бигорска Обител,
со своите во Христа браќа

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *