Почетна Вера Бигорски благослов за престојните пости
Бигорски благослов за престојните пости

Бигорски благослов за престојните пости

1.26K
0

Монасите и монахињите на чело со отец Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир и на манастирот во Рајчица испратија благослов за Богородичните пости, кои ќе траат следните две недели, односно до 27 август годинава.

– Нека ни е лесен и богоугоден овој свет Богородичен пост и нека и останатите денови нѐ хранат изобилно со сладоста на молитвата и плодовите на воздржанието, та со чисти и облагодатени души мислено да се издигнеме онаму каде што по своето Успение се преселила Пресветата Богомајка. Амин, порачуваат монасите.

Во целост ви го пренесуваме благословот од Бигорскиот манастир:

Прекрасниот лик на Мајката Божја е чудесна инспирација за родот човечки. Нејзината нежност, кроткост, милост и неискажлива духовна убавина ги греат нашите души и ни испраќаат таинствена утеха низ сите денови од нашиот живот, навестувајќи ни ја светлата и блескава победа во Царството небесно. Зашто таа, како Богоневесна Владичица и Царица на небото и земјата седи оддесно престолот на Трисолнечното Божество и го испраќа својот поглед кон оние коишто се на земјата, подготвувајќи им ги венците за да ја овенча нивната победа. И блажени сме сите ние кои во овие свети денови на Успенскиот пост одново го започнавме посниот подвиг, радосни и спокојни во нејзината мајчинска прегратка, која особено силно и сладосно ја  чувствуваме додека ги пееме стиховите на Молебниот Канон, излеани од љубов кон неа. Така низ благодатните богослужби од ден на ден духовно и молитвено сѐ повеќе ќе ѝ се приближуваме, очекувајќи ја божествената и радосна утеха на нејзиното свето Успение, кое всушност претставува Богородична Пасха.

Слава им Светите Отци на Црквата што така прекрасно го уредиле тоа! Нивната потреба постојано да пребиваат во прегратките на Пресветата Дева, направила тие со пост, пеење и молитва да ѝ се умилкуваат, и како верни деца непрестајно да гледаат во нејзиниот лик и од таму да ја црпат благодатната сила и утеха. Ете тие определиле постот во нејзина чест да започне со изнесувањето на чесниот крст и осветувањето на медот, за ние верните, да можеме да ја почувствуваме слатката утеха што ни доаѓа преку тајната на Крстот Христов, тајна што ќе го следи овој краток и лесен молитвен подвиг. Лесен и краток, оти таа како милозлива Мајка се грижи и за нашите телесни сили, онака како што мајчински се грижи за нашите души.

Со силен дух и обновена ревност и обилно преисполнети со љубов и почит кон Пречистата Небесна Царица, браќата и сестрите од сите наши монашки обители го започнаа првиот ден од ова благорадосно посно патување, закрепнувајќи го со молитвено поклонение пред силата на Крстот и засладувајќи го со благословување на медот како потсетник на душата за тоа колку е благ и милостив нашиот Бог и колку е грижлива Неговата и наша Мајка.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *