Почетна Коментар Бигорска вистина
Бигорска вистина

Бигорска вистина

2.05K
0

Некој ќе рече дека објавувањето на фотографијата на Бигорскиот манастир на книгата посветена на православните Албанци во нашата земја не е доволен доказ дека оние што дејствуваат во име на ова групација сакаат да го прикажат светилиштето како албанско. За доволноста на доказите секогаш има оспорувања, но кога ќе се согледаат работите во низа, тогаш излегува дека опремувањето на оваа книга од страна на Државниот универзитет во Тетово, со државни пари, не може да не побуди такви сомнежи. Оти зошто е избран токму Бигорскиот манастир, а не, на пример, некој друг манастир или црква кои би биле олицетворение на православната религија на овој дел од албанскиот народ. Одговорот може да биде во тоа дека се работи за најважното христијанското светилиште на подрачјето на Горна Река, каде што, според оние што последниве години ја разбудуваат националната свест на православните Албанци, во земјава живеат од 60, 70 па се до 300.000 православни Албанци. Со толкави бројки и процени постојано баратаат нивните лидери Бранко Манојловски и Бранислав Синадиновски напоредно со тезата дека тие се асимилирани последниве децении, дека се претворени во православни Македонци и дека сега треба да се разбудат за да сфатат дека се Албанци по род. Ќе излезе дека мнозинското население од ова подрачје на Горна Река се православни Албанци, кои еден ден тоа ќе го сфатат и како такви ќе почнат да се изјаснуваат, а во тоа нема да биде лошо да има и поддршка на владејачката партија од албанскиот блок ДУИ.

Процените за толкава бројност на ова категорија на население, која досега беше сосема незабележителна во пописите на населението, сега се утврдуваат и во книгите што се финансираат и со државни пари. А кога еден ден тие бројки ќе го доживеат правото на постоење оти постојано ќе бидат повторувани и печатени, тогаш е прашање колку може да се биде далеку од тезата дека и најголемото светилиште во тој крај било градено од локалното, православно-албанско, население!? На примерот на Kосово убаво се гледа како се пуштаат во оптек тезите дека српските манастири ги градело локалното население, кое е, нели, албанско и согласно на тоа тие треба да и припаднат на новата држава, а не веќе на српската црква.

Но, за разлика од Kосово, каде што се уште срамежливо се спомнува создавањето некаква косовска православна црква, кај нас веќе е создадена и регистрирана Верската заедница на православните Албанци. Се знае дека на неа и претходеше промовирањето на книгата на Синадиновски за православните Албанци во присуство на првиот партиски ешалон на ДУИ, како и најавата дека ќе се работи на создавањето на посебната Албанска православна црква.

Против тоа не помогна ниту подготвеноста на МПЦ-ОА да овозможи литургии на албански јазик таму каде што ќе има потреби. Верскиот паралелизам и етничкото делење на православните верници беше поважно од се, па којзнае по какви канали и начини, се доби и судската регистрација на верската заедница, која ќе ги обединува православните Албанци. А таа ќе има и право да си поседува сопствени верски објекти… А колку тоа е далеку од актуализирањето на барањата да и припаднат некои постојни манастири и цркви не е тешко да се претпостави. Посебно доколку во медиумите на албански јазик се појавуваат специјални емисии во кои, покрај тезите дека Охрид бил албански град, ќе се потсети и на тоа дека името на Бигорскиот манастир нема никакво значење на македонски јазик, туку е изведено од албанските зборови „мби гур“, што значи „над камен“. Токму како што е местоположбата на горнореканскиот манастир. Па одозгора ќе се каже и тоа дека големиот пожар кој пред неколку години му се случил на светилиштето бил начин да исчезне секој доказ од манастирската библиотека што го поврзува манастирот со Албанците од Река. Kако книгите со доказите да не можеле на поинаков начин да бидат „уништени“, туку морало со пожар.

И не само тоа, туку и ќе се отворат сомнежите дали мијачкото население, кое низ вековите, преку свои големи духовници што дејствувале во манастирот, најмногу придонело во неговата градба и создавање како ваков духовен центар, воопшто може да се смета како македонско, како дел од македонскиот народ. Па, така, ќе се извадат од контекст некои наводи од објавените научни дела, ќе се направи манипулација, ќе се додаде нешто што воопшто не било напишано, ќе се протолкува тенденциозно… се во име на тезата дека и потеклото на Мијаците е албанско, од Елбасан… На ист начин како што се прави со потеклото на некои игумени, монаси, зографи, кои во некој период дејствувале во манастирот и кои се прикажуваат како етнички Албанци, а што не одговара на реалноста.

Значи, премногу недоверба за кусо време е акумулирано кога се работи за македонско-албанските православни релации поради што не треба да зачудува реакцијата на монашкото братство од Бигорскиот манастир.

BrankoВо секој случај, подобро е сомнежите, стравувањата и отпорот кон такви обиди за присвојувања да се кажат веднаш бидејќи она што стои зад нив нема врска со христијанството и православието.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *