Почетна Проповеди Бдејте и молете
Бдејте и молете

Бдејте и молете

157
0

Прво Пастирско писмо на бискупот Киро Стојанов во Година на молитвата

Браќа свештеници, чесни сестри, драги верници! На празникот Христос Цар заврши вонредната Света година на Божјото милосрдие. Само на Бог му е познато колку добрини и духовни богатства донесе Годината во која толку пати бевме собрани околу една посакувана вистина на нашата вера а таа е дека Бог е Отец и дека Неговото име е милосрдие. Од ден на ден, од празник на празник ја доживувавме таа позната вистина, а сепак нова, бидејќи секогаш кога ќе нѐ допре Божјото милосрдие ние се чувствуваме спасени. Благодарам на Пресветото Тројство, на св. Црква и на Светиот отец папа Франциск кој го исчита знакот на времето кој укажува колку на човекот, нашиот современик, му е потребно Божјото милосрдие.

Оваа година, во секој поглед, помина со неизмерно пиење од Исусовата отворена рана на милоста и на милосрдието. Уште еднаш сакам да потсетам на геслото или на мислата водителка од изминатата Јубилејна година: Бидете милосрдни како што е Отецот. Се осмелувам во надежта дека и свештениците и верниците во изминатата година длабоко продреа во својата свест и во својот начин на размислување и однесување во настојувањето да се биде милосрден како што е Отецот. Преголемо е оваа барање, но да се присетиме на уште посилно искажаните Исусови зборови: Бидете совршени како што е вашиот Отец небесен.

Свесни сме дека ни оваа барање а ни мислата од Годината на милосрдието не можеме да ги оствариме со сопствени сили, туку во нас тоа го прави Светиот Дух. Нам ни останува жива поврзаност во длабоката лична и заедничка молитва со Светиот Дух и со Неговото посредство Бог во нас и по нас и натаму на светот му се покажува како Бог на милосрдието.

Благодарни сме што Небото и светата Црква ни ја даруваа Мајка Тереза, една од најпопуларните светици на Католичката црква, светица на 21 столетие, како олицетворение на геслото во Годината на милосрдието: Бидете милосрдни како Отецот. Иако, Годината на милосрдието измина, таа во небеската слава и натаму продолжува со застапничка молитва да го навестува милосрдието како единствен исправен пат на христијаните во соживотот со другите и поинаквите.

Тие значајни настани се зад нас. Би се осмелил да ги споредам со оној настан од Стариот завет кога Бог преку Мојсие им даде извор жива вода од карпата на смрт жедните припадници на Божјиот народ. Водата силно бликнала. Од искуство знаеме дека водата е најчиста на изворот. Во натамошниот тек се јавува опасност од заматување и загадување.

Пред нас е нова Пасторална година. На ниво на Сеопштата црква нема сугестии за тематско означување. Но, 2017 година е година во која навршуваат 100 години од Фатимските виденија. Иако Црквата е многу претпазлива во однос на „виденијата“, факт е дека  најголемите светилишта како Лурд, Фатима, Гвадалупе во историјата на Црквата стануваат јасни знакови за тоа како да ја живееме својата вера во времето.

Важно е да се спомене дека при сите тие виденија верниците се повикуваат на молитва, покајување и автентичен христијански живот. Со желба и оваа пасторална година во нашата Бискупија и Егзархат да биде означена со заеднички пасторален план предлагам да ја прогласиме за: ГОДИНА НА МОЛИТВАТА.

Зарем тоа е новост? Се разбира дека не е, но сакајќи да ги сочуваме милосните текови на Годината на милосрдието и благодатта на наследството на св. Мајка Тереза повикани сме, на изворот на живата вода да изградиме крајбрежја за таа да не се претвори во мочуриште и не се разлее и упропастувајќи го сето она што е изникнато во срцата и во нашите заедници во Годината на милосрдието и на канонизацијата на св. Мајка Тереза. Што значи тоа конкретно?

Ги повикувам браќата свештеници, чесните сестри, пасторалните совети, младите и сите верници наредната Пасторална година да се фокусираат на молитвен живот. Св. апостол Павле нѐ повикува постојано да се молиме, додека Исус нѐ учи како треба да се молиме за тоа да не биде само формалност и редење на зборови, туку да ја допира самата суштина на молитвата, средба и разговор со Бога во кој живееме, се движиме и постоиме.

Радосен сум што во годината на семејството која ја имавме неодамна и со Божја милост ја проживеавме, молитвата заживеа во многу семејства. Извор на воспитувањето и процут на семејниот живот е исклучиво и само семејната молитва. Растот на личноста во мудроста и во милоста пред Бога и луѓето е длабоката, вистинска и лична молитва. Личната молитва се случува кога го читаме Божјото слово. Најубав молитвеник за секоја личност е Новиот завет.

Пред нас се и таканаречените „силни времиња“ како што се адвент со божикниот циклус, велигденскиот пост со пасхалната тајна, месецот мај како месец посветен на Марија, јуни како месец на Срцето Исусово, октомври месец на светата бројаница. Сè се тоа редовни, а сепак вонредни прилики побожноста и литургиската молитва оваа година да се извршуваат на посебен начин, со свест и со внимание и на тој начин за поединецот и за заедницата да бидат вистинска средба со Бога и вистинска сила во животот.

Браќа и сестри, да го сочуваме  изворот на реката на милоста која трајно се излева од Пресветото Срце и да не дозволиме нашиот молитвен живот да се претвори во мочуриште. Да живееме така што на „крајбрежјето“ од реката на нашиот молитвен живот да растат стебла што носат плодови. Тука како да го гледам пророкот Езекиел кој во визија го гледа отворање на ѕидовите на Храмот и надојдената река која го оздравува дури и Мртвото море. Нашата молитва е јалова, неплодна, ако не е вистинска. Ве повикувам оваа година да ја направиме Година на вистинска молитва.

Секој пасторален деец во согласност со околностите во кои живее заедницата која му е доверена нека организира молитвени средби на начин најприфатлив за таа заедница.

Се што е предлог го ставам под заштита на Безгрешното срце на Марија со желба на крајот од Фатимската 100 годишнина Бискупијата и Егзархатот да ги посветиме на Пречистото срце на Марија, нејзино барање и желба од Фатима.

Kiro Stojanov biskup malaАко Бог благослови ќе добиеме и милосна статуа од Фатима, која по неколку дена ќе биде изложена во секоја наша парохија за поклонение на верниците. Тогаш  секој поединец и парохиска заедница ќе има можност да му се посветат на Пречистото срце на Марија. Верувам дека од Мајка Божја „поклоничка“ најдобро ќе научиме како Бог се почитува, моли и носи.

Нека е благословен Бог во сите наши настојувања и нека Неговата милост остане делотворна во нашите животи.

Пишува: Киро Стојанов – бискуп

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *