Почетна Анализа Балканските полиции на готовс пред Велигден
Балканските полиции на готовс пред Велигден

Балканските полиции на готовс пред Велигден

32
0

Опасноста од глобалните терористички закани „демне“ во регионот и во пресрет на овогодишните велигденски празници. Вести за зголемено присуство на полицијата во близина на верските храмови, но и објектите каде што се собираат поголем број граѓани, пристигнуваат од речиси сите соседни земји во регионот, имајќи предвид дека годинава и православните и католичките верници истовремено го слават Велигден. Косовската полиција ќе ги обезбедува сите цркви во Косово 24 часа дневно за време на велигденските празници. Полицијата во Албанија, исто така, ги засили безбедносни мерки – дополнителни полициски сили се распоредени пред цркви, на улиците и граничните премини за да се спречат криминални и терористички акции. Зајакнати безбедносни мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата најавија и од македонската полиција. Иако се чини дека нема посериозни индикации за ваквите стравувања, сепак од МВР велат дека за празниците ќе бидат преземени низа безбедносни мерки за заштита на јавниот ред и мир, и безбедноста на објектите и на граѓаните.

„Со оглед на глобалните терористички закани во коишто цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет, потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани), од страна на терористичката ИСИЛ, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата“, велат од полицијата.

Претпразничните стравувања, се чини, ги подгреа и лажната дојава за бомба во тетовскиот суд, во средата. Како што информираше тогаш полицијата, тетовка пријавила дека на подот на нејзината адвокатска канцеларија пронашла писмо со следната порака: „На 13 април ќе се бомбардира Судот во Тетово, голема количина експлозија има внатре, доста игравте со народот, соопштение ОВК“. Припадници на Единицата за антитероризам на МВР извршиле комплетно пребарување на внатрешноста на Основниот суд Тетово и просторот околу него. Иако не било пронајдено ништо, оваа вест предизвика тензија и вознемиреност во градот.

Од МВР не откриваат врз какви сознанија се темели одлуката за зајакнати мерки за безбедност. Безбедносните експерти, пак, велат дека е потребно да се преземат превентивни мерки, но дека тие мора да се засноваат на точни и прецизни информации, а не на терористички акти извршени од страна на ИСИЛ низ светот, со претпоставка дека и кај нас би можело да се случи.

„За да се зголемат безбедносните мерки, потребно е да се изготви анализа која е патоказ за обемот и начинот на нивно спроведување, а секоја анализа се базира на збир од информации добиени по оперативен пат, од оперативни врски или информации добиени по електронски пат со следење на комуникациите“, изјави за Дојче веле, Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање.

Вознемиреност од заканите со терористички напади владее и во соседните земји. Косовската полиција најави дека ќе ги обезбедува сите цркви во Косово 24 часа дневно за време на велигденските празници. Наместо осум, полициските службеници во Косово ќе работат по 12 часа, а на сите полицајци им е прекинат годишниот одмор и повикани се да се вратат на работа. Тоа го потврди и заменикот-министер за внатрешни работи на Косово, Милан Радојевиќ.

Медиумите во Приштина јавуваат дека во минатото главно била обезбедувана катедралата „Мајка Тереза“ во Приштина, но ова е првпат црковни објекти на Косово да бидат под полициска заштита 24 часа.

Амбасадата на САД во Приштина им порачала на своите граѓани „да држат висок степен на внимателност и преземат соодветни чекори за подобрување на личната безбедност“. „Терористи во регионот претходно напаѓаа лесни цели, меѓу кои и цркви, пешачки центри, спортски арени, концертни сали и јавни собири“, нагласуваат од амбасадата.

И полицијата во Албанија, исто така, ги засили безбедносните мерки за време на претстојните велигденски празници. Дополнителни полициски сили ќе бидат распоредени пред цркви, на улиците и граничните премини за да се спречат криминални и терористички акции, се вели во полициски соопштение. Нема информации зошто безбедносните мерки се заострени, ниту дали имало какви било закани.

/УТРИНСКИ ВЕСНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *