Почетна Коментар Бадниковата традиција-нашиот вековит поход кон светлината
Бадниковата традиција-нашиот вековит поход кон светлината

Бадниковата традиција-нашиот вековит поход кон светлината

120
0

„Гордејте се со што овој народец во срцето на Балканот гради најтраен паметник на својот вековит поход кон светлината.“ Така зборуваше легендарниот поет Гане Тодоровски во 2000-та година на бадникарската здравица. Тогаш за прв пат беше изведена и бадникарската химна. Денес традицијата зема нов замав. Репертоарот на бадникови и божиќни песни се зголемува, а сето тоа во духот на нашите православни традиции.

Горди сме што во наше време се случија две поголеми возобновувања на старите бадникови традиции. Првото обновување започна во 1993 година кога за првпат се роди идејата за бадникар-кум и здравичар. До ден денешен можете да ги видете старите бадникари кои со исклучителна почит и меѓусебно пријателство го слават Бадник, во очи на Христовото раѓање. Второто се случи пред десетина години со идеја за едно ново, автентично возобновување на православните традиции. Бадниковите поворки успеаја не само да ги оживеат старите подзаборавени православни песни, туку и на уникатен начин да го вратат сјајот на некогашната традиција. „Вечниот Бог“ и „Небо и земја“ во изведба на нашите познати пејачи станаа особено популарни меѓу младите. Насмевката на илјадници дечиња од сите градови во Македонија ги ревитализираше изворните традиции. Точно напладне најголемата Бадникова поворка се упати кон Соборниот храм во Скопје. Пеејќи ја „Вечниот Бог“ тргнаа во еден голем духовен поход кон светлината, радоста и љубовта, славејќи го Христовото раѓање, но и универзалните човекови вредности.

Значајно е да се спомене дека нашите празнувања поради разните ропства секогаш биле под влијание на оној што го востановил празнувањето. Кој како доаѓал на овие простори наметнувал свои обичаи и содржини во обредите. Така, на пример, меѓу двете светски војни, за време на српската окупација, на плоштадот кај Офицерскиот дом, српската војска палела големи коледарски огнови. Но, тоа не било во духот на македонскиот православен верник, кој негувал свој автентичен однос кон славењето на Бога и Неговите светии. Особено кон младите. Така на пример, во Скопје постоел обичај многу млади коледарчиња облечени во свети Петар да одат од врата на врата и да ја пеат „Малиот Петар“, а приредувале и скечеви во чест на раѓањето на богомладенецот. Се пееле „Дева денес“, „Рождеството Христово“, „Сива гулабице“…

Од моето сеќавање, но и од описот на нашите истражувачи на традицијата, останале сликите од бадниковата софра која се остава за подоцна, кога и Господ бил покануван на вечера или посебна вечера се подготвувала за Него. Софрата за Бадник, дури и во кризните времиња кога била сиромашна, секогаш предизвикувала радост. Радоста произлегувала од тоа да се биде заедно и да се споделува тоа што се има. „Ела, дедо Боже да вечераме“ е израз на највисока соборна љубов, да се даде од вишокот храна на другиот, на оној кој нема. Да се направи место за бездомниците, гладните и жедните. Исус рекол: „гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте, необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте, во затвор бев и дојдовте при Мене; доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“.

И покрај тоа што живееме во тешки времиња, и многу семејства се надвор од своите домови, по корка леб, или работат деноноќно за да приготват пристоен божиќен дочек и да го прослават Христовото раѓање. Болни деца кои не можат да се радуваат, Македонија оваа година направи многу за да може секој достојно да го пречека божиќниот празник. Од сите градови се организираа големи хуманитарни акции. Таква беше хуманитарната акција на организација на Скопската православна епархија при М.П.Ц- ОА-Свети Спас, „Подари пакетче, подари љубов“, хуманитарната помош за бездомниците од пунктот во Момин поток, црквата Свето Благовештение во Прилеп која по 10-ти јубилеен пат ја организираше хуманитарната акција за Божиќ. Со собраните средства од граѓаните и дел од црквата купија голем број прехрамбени производи кои им беа поделени на 100 семејства. Иницијативата за Штипски хуманитарен Божик на Граѓанско демократската унија, хуманитарната акција „Божиќна трпеза“ во Радовиш по повод божиќните празници, здружението „Љубезност“ кое по четврти пат ја организираше хуманитарна акција со цел да им се разубават празниците на бездомниците и социјално ранливите семејства. Во Скопје и во Струмица од страна на припадниците на полкот за Специјални Операции од Армијата на Република Македонија се организираше хуманитарна активност во пресрет на божиќните празници, а донацијата се состоеше од млечни производи, чоколада и сувомеснати производи. Припадниците на баталјонот за Специјална Намена – Волци и припадниците од Ренџерскиот баталјон – Ренџери својот еднодневен оброк одлучија да го дадат на оние кои во моментот тоа им беше најпотребно. Секако, подеднакво значајни се и акциите на другите, помалите верски заедници и религиозни групи како „Добриот Самарјанин“ кои без разлика дали го слават по грегоријански или јулијанскиот календар, доследно ги почитуваат традициите на својот македонски народ.

Македонскиот народ не го заборави Бога, туку вложи напори и во овие тешки времиња на своите посни и богати по дух трпези, да ги покани и бездомните, гладните и болните. Тој секогаш  ќе биде со нив затоа што тоа го прават вистинските верници, преку нивните дела. Тоа е она што сите треба да го правиме заедно, внатре во семејството, во државата, со блиските и луѓето околу нас на кои им треба помош. Да најдеме сила во различностите и да го прославуваме се она што е заедничко. Да го направиме нашиот и животот на луѓето околу нас подобар. Тоа е смислата не само на овој празник, туку и смислата на постоењето на сите верски празници. Божиќ е наш вековит поход кон светлината, како што вели легендарниот Гане Тодоровски.

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *