Почетна Анализа Автокефалност во Украина е чекор до автокефалност за МПЦ-ОА
Автокефалност во Украина е чекор до автокефалност за МПЦ-ОА

Автокефалност во Украина е чекор до автокефалност за МПЦ-ОА

251
0

Вселенската патријаршија врти нова страница во православниот свет

Најновата вест во православниот свет објавена изминатиот викенд ѝ даде надеж на Украинската црква дека во најскоро време ќе биде остварена нејзината желба за автокефален статус. Таквата заложба официјално беше потврдена на заедничката средба меѓу претставникот на Вселенската патријаршија, митрополитот на Франција Емануел и украинскиот претседател Петро Порошенко, одржана во Киев, во рамките на одбележувањето 1.030 години од покрстувањето на „Киевската Рус“.

Историскиот момент беше потврден и со предавањето писмо од страна на патријархот Вартоломеј на украинскиот претседател во кое се забележани позитивни елементи, кои укажуваат дека во најскоро време Вселенската патријаршија ќе издаде томос за автокефалност на Украинската православна црква.

Ваквата состојба веднаш беше забележана од македонските верски аналитичари, кои сметаат дека решавањето на украинското црковно прашање е охрабрувачка вест и за решавање на црковното прашање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.

Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.

МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

УКРАИНА КАКО ПИЛОТ-ОБИД ЗА МАКЕДОНИЈА

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ваквото развивање на настаните отворено укажува дека вселенскиот патријарх ќе ѝ додели автокефалност на Украинската црква, што значи дека Вселенската патријаршија собрала сили за конфронтација со црковна Москва и сака да има примат во православието. Сето ова, според Ѓорѓевски, дава надеж дека ваков потег Вселенската патријаршија може да направи и во поглед на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.

– Украина е тест што сега укажува дека ВП ќе презема потези, кои нема да им бидат по волја на црковни Москва и Белград. Постапките на вселенскиот патријарх кон УПЦ и МПЦ укажуваат на тоа дека ВП сака да си го заземе водечко место меѓу православните цркви – нагласува Ѓорѓевски.

Според него, сигурно е дека ставот на Руската црква ќе остане непроменет и цврст, односно дека таа никогаш нема да ја признае автокефална УПЦ, зашто на тој начин ќе го изгуби влијанието на тоа подрачје.

– Но тој став не треба да ја обесхрабрува МПЦ. Сега адреса за признавање е Вселенска патријаршија и таа треба да одлучи како ќе ги реши овие прашања, за признавање на УПЦ и на МПЦ. Таа е на потег, ако сака решение ќе ризикува и конфронтација со црковна Москва – додава аналитичарот.

ПОДГОТОВКА НА ТОМОСОТ ЗА АВТОКЕФАЛНОСТ

Украинскиот претседател по средбата со претставникот на Вселенската патријаршија, објавил соопштение во кое пишува дека Вселенската патријаршија ја потврдила намерата да додели автокефалност за црквата во Украина, цитирајќи делови од писмото на Вартоломеј.

– Признавајќи ја големата одговорност на првопретстојателната Вселенска патријаршија, која никогаш не се согласувала со незаконските и неканонски ситуации, кои го разнишуваат природното функционирање на Православната црква, во тие одговорни времиња таа ја прифати иницијативата да го воспостави единството на православните верници во Украина со крајна цел да ѝ додели автокефалност на Украинската црква – пишува во писмото Вартоломеј.

Потоа, претседателот Порошенко му пренел на претставникот на Вселенската патријаршија дека со нетрпение ја очекуваат одлуката на мајката-црква за автокефалност, на што митрополитот на Франција, пак, рекол дека нивното присуство во Украина покажува непоколебливата поддршка за мајката-црква кон Киев.

– Горди сме да бидеме тука за да го прославиме овој јубилеј. Ова е многу важен момент, бидејќи одлуката на Светиот синод на патријаршијата го отвори патот за нова ера. Ова е историски момент за Украина, поради тоа што го почна процесот на доделување на автокефалноста на украинската црква, бидејќи Киев секогаш беше под јурисдикција на Вселенската патријаршија, сите историски документи го докажуваат тоа – изјавил претставникот на Вселенската патријаршија.

Инаку, на средбата, украинскиот претседател бил информиран дека делегацијата на тричлената комисија на Вселенската патријаршија ги посетила другите автокефални православни цркви, со што бил направен формален брифинг во врска со одлуката на Цариградската патријаршија, барајќи да се согласат со таа одлука.

Во секој случај, верските аналитичари сметаат дека Вселенската патријаршија во моментов игра многу важна улога во православниот свет преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Ако таа ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква тоа за МПЦ ќе значи отворен пат по кој лесно ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета дека истиот принцип од Украина сосема е легитимно да го примени Вселенската патријаршија и за Македонија.

РПЦ СО ЗАКАНА ДЕКА НЕМА ДА ПРИЗНАЕ АВТОКЕФАЛНА УКРАИНСКА ЦРКВА

Руската православна црква и нејзиниот поглавар Кирил никогаш нема да признаат постоење автокефална црква во Украина. Овој заклучок произлегол од средбата на рускиот патријарх со претставниците на некои од помесните православна цркви изминатиот викенд во Москва, за време на прославата на 1.030 години од покрстувањето на Русија. Оваа средба доаѓа како одговор на последната средба на Вселенската патријаршија со украинскиот претседател Петро Порошенко.

Интересно е да се напомене дека на таа средба во Москва присуствувале претставници на седум од 14 автокефални православни цркви. На тој состанок во Москва немало претставници на Вселенската патријаршија, Романската патријаршија, Бугарската патријаршија, Александриската патријаршија, Грчката архиепископија, Албанската архиепископија.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *