Почетна Вести Аримандрит Порфириј (ГПЦ): Заедно со светата глава на Свети Климент да прославиме 1000 години од Бигорскиот манастир
Аримандрит Порфириј (ГПЦ): Заедно со светата глава на Свети Климент да прославиме 1000 години од Бигорскиот манастир

Аримандрит Порфириј (ГПЦ): Заедно со светата глава на Свети Климент да прославиме 1000 години од Бигорскиот манастир

866
0

Во продолжение прочитајте го говорот на Архимандритот на Грчката Црква, кој беше гостин на Бигорскиот манастир. Игуменот Порфириј при свечениот пречек, посакува за илјадагодишнината, што во 2020 година ќе ја слави Бигорскиот манастир, да го донесе черепот на Свети Климент за торжествена прослава.

„Многупочитуван, возљубен и највозљубен Архимандрите Партениј,

Јас сум многу сиромашен и смирен човек, но имам еден многу голем дар – да имам малку пријатели, но многу возљубени. Денес се наоѓаме овде, во домот на еден од тие мои многувозљубени пријатели, чии деца, монаси и монахињи, за нас зачувале отворен еден дел од нивните срца. Со нас овде се уште три други лица: Високопреподобниот Архимандрит о. Матеј и Високопреподобниот старец Пантелејмон, првиот намесник на мојот манастир, како и нашиот духовен брат Јован. За о. Матеј можам да кажам дека е срцето на моето срце и секогаш кога мислам на него се сеќавам на приказната со Мојсеј, кој имаше двајца браќа врз кои ги полагаше своите раце, додека народот се бореше против Амалик. Значи, о. Матеј е едниот, а о. Пантелејмон, кој е мое чедо, е вториот.

Со овие мои отци и браќа денес се наоѓаме во домот на другиот мој брат, Старецот Партениј. Кога зборував телефонски со Вас, ми рековте дека можеби сега ја немаме таа љубов што ја имавме првите години. Би рекол дека тоа не е точно, зашто кога љубовта не се изразува и се поттиснува, таа станува уште поголема. Овој денешен настан е изблик на таа љубов. Денес ги оставивме сите други, за да дојдеме овде, каде што уште од првиот миг на нашето доаѓање ја почувствувавме таа љубов и топлина, која често пати луѓето ја немаат ниту во своите домови, од своите родени браќа. Духовната љубов нѐ обединува со една тајна. Таа тајна е самата тајна на љубовта, која никогаш не се исцрпува, тајната која колку повеќе се крие, толку повеќе се умножува. Тоа е тајната на молитвата, во која можеме слободно да ги обединиме своите молитви, над секоја граница и канони.

18Над нашата лична љубов и пријателство имаме и уште двајца возљубени свети отци и браќа наши. Едниот е пустинската птица, најслаткиот Претеча, кој велејќи ‘покајте се’, во суштина ги рашири своите крила и ги прибра сите луѓе што Го сакаат Христа и Царството небесно. Велат дека Претечата бил строг и ги разобличувал грешниците. Не, ние не веруваме во тоа, така мислат луѓе што не спознале што значи Претеча и што значи Христос. Можеме да посведочиме дека Чесниот Претеча, после Госпоѓата Богородица, е најслаткиот светител кој избега во пустината токму затоа за да го проповеда единството. Зборот ‘покајте се’ не е сам – следува фразата ‘зашто се приближи Царството небесно’. Претечата не му вели на светот: ‘Грешни сте, ве судам!’ Тој вели: ‘Дојдете овде! Овде е Царството небесно’. Овој израз е израз на неограничена љубов за човечкиот род.

Сега ќе се насочиме кон другиот светител, светителот заради кој дојдовме овде – свети Климент. Утрово бевме во Перивлепта и внатре во олтарот има една претстава над која има крст со натпис: ‘Светлината Христова ги просветлува сите’. Ако го поврземе Претечата со свети Климент и тука некаде во некој агол да влеземе и ние монасите, нашата проповед ќе биде – а вие, старче, ја знаете многу добро – тоа дека светлина на мирјаните се монасите, а светлина за монасите се ангелите. Каква работа имаа ангелите пред да се создаде светот? Пееја ‘Алилуја’ околу престолот Божји, а тоа е и наша работа: да пееме постојано и да се молиме и да служиме токму околу престолот Божји. За жал, во некои времиња монасите беа сметани за служители во светот. Да, монасите се служители на светот, но на друг начин – да ја раздаваат светлината Христова на светот.

9Старче, завршувајќи ги овие малку зборови, се молиме да ја прославиме заедно илјадагодишнината на вашиот свет манастир овде и со нас да ја имаме меѓу нас и чесната глава на свети Климент. Таа чесна глава за биолошкото семејство од кое потекнувам често пати беше татко. Мајка ми од едната страна ја ставаше главата на свети Климент, а од другата спиеше таа, додека на средина ги ставаше децата. Јас од 2007 година сум во неговиот манастир. Светителот, самиот знае зошто, постојано ни ја покажува неговата љубов и неговата утеха.

Секогаш кога децата на Претечата и на свети Климент од Бигорски доаѓаа во нашиот манастир, повеќето пати им велев на монасите да велат дека не сум таму. Зошто? Зашто се срамев што ние луѓето, наместо да ги бараме тие работи што нѐ обединуваат, ги бараме тие што нѐ разделуваат. Но, таму, во мрачната дупка на мојата ќелија, многу бедно си велев и си велам: ‘Свети Клименте, ти се бореше за единството, за единството на Црквата. До каде ќе оди ова? Се срамам поради ова!’ И пред тебе, старче, и пред овие деца, кои повеќето од нив немаат бели влакна во брадите, и пред сестрите монахињи – вашите деца, се заветувам дека ова прашање на единството ќе остане да биде еден клин што гори и ми го ранува срцето. Колку што можеме ќе се бориме да покажеме дека ние ги љубиме православните христијани на Охридската Архиепископија. Ние не ги прифаќаме расколите, не ја прифаќаме поделбата. Ако треба, ние ќе станеме мост, за врз нас да згазне секој што сака да премине на другиот брег. Но, зошто да има потреба од таква жртва? Кога ќе се вратам во својот манастир ќе напишам едно писмо во кое ќе ги изложам сите работи за ова прашање, кое последниве неколку дена практично ме излудува. Ќе ги повикам во манастирот на свети Јован во Бер да дојдат и двете страни. Помеѓу ќе го ставам свети Климент и ќе го прашаме: ‘Ти се допаѓа оваа состојба!?’ Сигурен сум дека не!

6На првото бдение кое го направивме во манастирот во чест на свети Климент, отец Матеј беше присутен тогаш, од главата на свети Климент излегуваа капки од една проѕирна течност. Не велам миро, не знам дали беше миро, но беше еден знак, многу силен за мене, кој бев ја напуштил Симонопетра, бев напуштил еден болен старец, еден  игумен што се обидуваше да го собере она што не се собира, и шеесет и пет браќа. Кога на покана на Берскиот Митрополит си одев оттаму за да го примам раководството на Скитот на Претечата, игуменот на Симонопетра, о. Елисеј, ми рече: ‘Порфирие, земи ги со себе тие отци што ги сакаш.’ Јас одговорив: ‘Старче, доволно е што јас, на моите педесет години се отсекувам од коренот, не сакам да искоренам и друг брат. Кога пресадуваш едно дрво, не е сигурно дали тоа ќе се фати таму каде што го носиш.’ Е, токму овие капки од главата на свети Климент, после единаесет месеци многу тежок и неутешен живот во бескрајна самотија, со многу голема болка, беа првиот показател дека светителите се со мене. И еве толку години, веќе десет како сум таму, живеам од здивот на светителите и живеам за да го дадам мојот здив на светителите.

Брате мој, отче Партение, браќа и сестри присутни, возљубени чеда на мојот брат, да ми простите што не можам да покажам многу трпение. Се надевам дека за четири години ќе бидеме сите заедно овде, целата Христова Црква и ќе ја празнуваме илјадагодишнината на овој древен свет манастир. Ќе се молиме, а ве молам и вие да се молите за нашиот старец Емилијан и за неговото братство. Да се молиме со молитвата на која Христос нѐ научи: ‘Сите да бидат едно’. Да бидеме едно, зашто еден е рајот и ако сакаме да одиме во рајот, нема друга врата, една е вратата. Која? Смирението. Вратата на рајот е ниска и треба да се наведнеме, а тогаш ќе се радува Господ, Света Троица, Пресвета Богородица и сите Светии, зашто Црквата е една. Молитвата на Господа се слушна – сите да бидат едно. Амин“

Архимандрит Порфириј – ГПЦ

/БИГОРСКИ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *