Почетна Проповеди Архипастирски образец за следење
Архипастирски образец за следење

Архипастирски образец за следење

202
0

Говор на проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон, на двојниот јубилеј, и промоцијата на I и II том Беседи од Митрополит  г. Тимотеј.

Почестен сум денес да говорам за промоција на значајното дело на митрополитот г. Тимотеј, насловено Охридски источник – Проповеди во 5 тома, од кои ќе се осврнам на последните три тома: третиот со 368 страници, четвртиот со 345 и петтиот со 372 страници или вкупно: 1 085 страници. Во нив, пак, 91 беседа во третиот, 85 во четвртиот, 93 во петтиот и вкупно: 269 беседи, изговорени во период од 5 години: 2010-11; 2012-13; 2014-15 година. И, се разбира, делото не е завршено. Ова е дело со целоживотна задача. Дај Боже, нека се умножи!

Здодевна е статистикава, знам, но уште малку и ќе преминам на моите погледи кон делото и кон авторот. Сакам, прво, да ја согледаме обемноста на ова дело, а потоа ќе говорам за големината на личноста и за постигнувањата.

20Овие 300 беседи се напишани, изговорени и отпечатени поуки и слова на митрополитот Тимотеј, на празничните и неделните богослужби, по ред, според календарската година или по други поводи. Тоа е пастирската сеидба на архипастирот, како богослужител, учител, мисионер, проповедник и душегрижник за својот народ. Тоа е сеење на словото Божјо и евангелизација на луѓето (Матеј 13,3-30). На тој начин, Евангелието продира и се остварува во народот – проникнува во народното битие, во неговиот бит и култура, постанувајќи негов начин на живеење и спасување, „бидејќи тоа е сила Божја за спасение на секој што верува”, вели светиот апостол Павле (Рим. 1,16).

Сејачот, пак, е „добриот пастир” (Јован 10,11,14), кој станува „квас” и „светлина” во светот (Матеј 13,33; Лука 13,21; Матеј 5,14,16; Јован 8,12).

Овие беседи може да ги вброиме во три категории, според формата и содржината:
1. Кратки омилии (Поученија) изградени врз евангелските текстови што се читаат на неделните и на празничните богослужби. Тие содржат концизно и јасно толкување на Евангелието, по примерот на поученијата од свети Климент Охридски.
2. Слова за Господовите, Богородичните и за светителските празници, и
3. Беседи со поученија, при различни поводи и теми.

Сите овие говори содржат евангелски и морални поуки, упатства во верата и насоки за добродетелен живот на верниците, за нивна поткрепа, утеха и сила духовна, а завршуваат со соодветен заклучок, повик за следење на примерот или прослава на светите.

Напишани се на мошне разбирлив јазик за народот. Според зборовите на апостол Павле: „В црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик” – неразбирливи (1. Кор. 14,19).

Ми остави впечаток и го нагласувам тоа дека во овие три тома, митрополитот Тимотеј, после беседите за Господа Исуса Христа и за Богородица при нивните повеќе празници, најмногу беседи одржал за осветување на цркви, дури -15, а потоа за свети Климента -11 и за свети Наума -8. Ете, што значи наш архипастир и што значи своја Македонска православна црква. Имало во Охрид туѓинци епископи, а меѓу нив и познати говорници, кои не оставиле ниту една беседа за свети Климента, ниту за свети Наума.

22А, од свети Климента до сега, никој од архипастирите на охридскиот трон не оставил богатство од беседи во повеќе томови, како Високопреосвештениот митрополит г. Тимотеј, што претставува радост Светиклиментова и наша. А, прв е и меѓу архипастирите, претходни и сегашни, кој издаде собрани беседи. Неговиот пример е голем и е за следење.

Ако апостолот Павле за себе рекол и повикал: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!” (1. Кор. 11,1; сп. 1. Кор. 4,16; Филип. 3,17 ), јас за овој архипастир велам: Угледајте се на него, како што тој се угледа на апостолот Павле и на Тимотеја, Павловиот сотрудник чие име го носи митрополитот, а особено, на свети Климента.

И не чудете се на моиве зборови! Сакам на сите да ви кажам дека се радувам и многу се радувам, што имам можност да говорам восфално за наш архиереј – во нашата света Македонска православна црква. Само пред 50 години, драги мои, тоа не можеа да го прават македонските свештенослужители, оти немавме своја Црква и немавме наши архиереи. Туѓи архипастири доаѓаа овде заедно со оние што нè окупираа и со нив си заминуваа, „зашто не беа пастири, туку наемници, „а наемникот, кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците” (Јован 10,12-13). Ова не се мои, туку се Господови зборови, запишани во Евангелието.

Туѓинци владици доаѓале овде, а нашите Македонци – и свештениците и народот, требало да им пеат: Многаја лета! Каква противречност, Господи! На оние што требало веднаш да си заминат, морале да им пеат: Многаја лета! Гледате ли какви маки и искушенија имале тие? Ете, за тоа што тогашниот протоѓакон не можел да се радува, се радувам јас денес двојно: и за неговата и за мојата радост. И слава на Бога, тоа е сега само историја.

Во митрополитот Тимотеј имаме образец за добар архипастир и богослужител, литург и литургичар, просветен и посветен, надгледувач (ἐπί+σκοπος) и наредувач, учител и поучувач, остварител и градител, духовник и лидер, организатор и администратор, многу строг и ревнител, упорен и непопустлив, далекувид и истраен, работлив и успешен во сè што се зафатил да го прави и што се нафатил да го направи.

Другите архиереи можат мудро да прифатат и многу да научат од него, особено младите. Впрочем, така беше и до сега, кога во изминативе години го правеа и другите она што го правеше тој, но некои признателно, а други непризнателно ги прифаќаат реалностите што тој ги прави во црковниот живот: добри услови и благолепие во храмот и богослуженијата, одежди, протокол, приемни простории итн. Наметливоста не е само од неговата сила на личноста, туку и од силата на делото што го врши, а очигледно е добро и е потребно. Тоа го тера и другиот да го прави истото, оти и нему му треба и оти е добро.

Можам да набројувам многу негови дела и постигнувања како образец за успешност, но во оваа пригода, ќе истакнам уште некои. На пример, доминира со неговата книгољубивост и тој прв ја формира својата богата митрополитска библиотека, која мудро ја ползува, а резултатите се видливи, еве. Тој има почит кон науката и кон ученоста, па затоа дава поддршка и ценост на образованието и на образованите личности. Поткрепител е на многумина во последипломските студии и добивањето стипендии, за што сум благодарен и јас. Го поттикнува и научниот натпревар низ мегданот на симпозиумите и пишувањето книги. Раководи со комисии за разни теми и прашања од црковниот живот и со комисиите за превод на најважните, основни, богослужбени книги. Тој е посветен на сè што значи просвештение во духот на свети Климента и продолжение на неговиот Охридски универзитет. Впрочем, и тој предаваше на Факултетот и беше ректор во Богословијата. Портпарол е на Светиот архиерејски синод и гласоговорник во одбрана на верата, Црквата и црковното. Тој е во вртлокот на сите превирања во Црквата. Денес, гледајќи го архипастирското дело на митрополитот Тимотеј, во три и пол децениската дејност, може да речеме дека имаме доследен продолжител на Светиклиментовото дело на Плаошник.

31За да го добие Бигорскиот манастир и имотот, тој ја тужеше и државата, а Светинаумовиот рај го одбрани и од брата и од Субрата. Така се бранат светињите и така се чува своето и светото: со одлучност, решеност, неприкосновеност и непопустливост. А секогаш е посилно светото од световното. Духовниот воин тоа добро го знае! „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?”, вели Библијата (Рим. 8,31; Псал. 117,7).

Овие беседи на митрополитот Тимотеј не се само запишано мртво слово, туку жив збор што бил изговорен пред верниците в црква, за нивна поука. Беседите се настанати по примерот на светите отци и учители на Црквата, кои ги подготвувале своите слова и поученија и ги изговарале пред луѓето, а потоа, ги средувале за да ги остават како свои дела. Така е и овде. Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, подготвувајќи се за своето беседење пред народот в црква, неуморно работи пред секој празник и сака за секоја пригода да има напишано слово. Тоа е тешка задача и мачна работа. Потребно е многу време. Трудољубивост. Читање. Размислување. Напор: интелектуален, мисловен, духовен, а и телесен. Следи пишување, па препишување, поправање и преправање. Долг процес. Многу труд и мака. Нели е така?

Но, нема подобра подготовка на умот и на срцето за празникот што претстои, од постојаната мисла и размислување за празничното слово и поука. Штом почнеш со подготовка на беседата, ти веќе си во благодатна претпразничност и целиот си пренесен таму. Тоа е суштината и смислата на подготвувањето проповед.

Помнам дека уште од почетокот на архипастирството (а го знам митрополитот уште како млад и краткобрад, а не како сега долгобрадест и белобрад), тој почна да поучува со напишани беседи. Не го жалеше времето и трудот. Беше млад и полн со елан да се вивне највисоко. Што од претпазливост и внимателност, што од одговорност за јавно изговорениот збор, а за сигурност и безбедност или за заштита од злијазичниците, кои може да кажат: рече вака или онака, како и од желбата да го покаже своето архиерејско достоинство, тој ги пишуваше своите говори. Тоа, пак, мудро и смислено совреме го одработи, во младоста – во пролетта на својот живот и архипастирска дејност, па сега – наесен, зрело да ги собира плодовите, во вакво петамбарно сокровиште. Ги запази од заборав и ги зачува за прослава, во едно вакво издание. Тие сведочат за него сега, за искусен старец, умудрен со опитот од дејноста на три и пол децениското архипастирствување.

Ќе го видите и строг, и импулсивен, кој директно опоменува, јавно укорува, но не шепоти задгрбно, а поучува и бара послушност. Напати, чиниш, ѕвечи со жезлото и сече со мечот духовен, но неговата сила е во праведноста и во вистинољубивоста, оти е праведносудив. Од неговиот меч не паѓаат глави на расчинети свештеници, туку видливата строгост и опомена е грижа на духовен родител кој сака исполнителни чеда, за доброто на сите. Затоа, неговите свештенослужители и монаштвото се најзадоволните и му се благодарни на својот архипастир, како добри деца на добриот родител.

Тоа е и таков е неговиот авторитет. Сакале или не, виделе или не виделе, признале или не признале, очигледна е големината на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тимотеј, како архиереј и црковен великодостојник на нашево време. Тоа не може да го видат само оние кои очи имаат и не гледаат; а не го слушаат, тие што имаат уши, а не чујат.

Овој митрополит оди напред, дури и пред времето. Тој го гледа идното. Мисли за понатаму. Гледа далеку. Навистина: „Кој високо седи, далеку гледа”, но тој гледа и длабински. Нему сегашното му е веќе видено. Тоа е за него малку и е кусогледост, која го задржува, го сопнува, го остава во денешницава, а тој сaка да ја види и утрешнината уште денес; уште неделава да ја види идната; од годинава гледа в година, честопати и со години нанапред. Некои работи ги прави сега, за да ја постигне целта после неколку години. Тоа е неговата мудра прозорливост. Затоа е предвремен, е успешен, одлучен и моќен.

За да се достигне тоа, треба да се вложи многу труд и да се израсне до високиот степен на духовна зрелост и плодородност.

Дај Боже, ништо да не ги намали неговите настојувања за преуспевање во доброто и до крајот на животот да остане непоколеблив, истраен и верен на своите идеали пред Бога и пред својот народ. На многаја и благаја лета!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *