Почетна Вести Христијанство Архимандрит Партениј стана првиот Македонец одликуван како „Граѓанин на Европа“
Архимандрит Партениј стана првиот Македонец одликуван како „Граѓанин на Европа“

Архимандрит Партениј стана првиот Македонец одликуван како „Граѓанин на Европа“

714
3

Архимандрит Партениј, игумен на Бигорската Обител ја доби највисоката почесна награда што ја доделува Европскиот парламент – „Граѓанин на Европа“.

Отец Партениј е еден од 50-те лауреати на највисоката почесна награда и тој бил номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев.

-Ја покренав кандидатурата на Архимандрит Партениј, не само поради неговата постојана поддршка за надминување на негативните меѓусоседски односи на Балканот и поспецијално за неговата активна дејност во однос на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Тој и неговото монашко братство на Бигорскиот манастир ги поддржаа и благословија напорите на двете држави да ги надминат политичките разлики, натрупувани со години. Номинацијата беше првоначално одобрена од бугарското жири со поддршката на моите колеги Асим Адемов, Ангел Джамбазки и Илхан Кјучук, а потоа одобрена и од општоевропското жири“, вели Андреј Ковачев.

Бугарскиот европратеник вели дека Архимандрит Партениј е познат со уважението кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност, а од Бигорскиот Манастир направил вистински центар на соживот, не само во Македонија, но и пошироко.

-Архимандрит Партениј се занимава со хуманитарна дејност и укажување на духовна и материјална поткрепа, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на Архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, првенствено од помладите генерации, коишто западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот и сл. Илјадници млади, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од тие зависности, но и повторно да се интегрираат во општеството. Архимандрит Партениј развива широка општествена дејност, организира концерти и предавања во областа на културното наследство и хуманитарните вредности, не само во регионот на Бигорскиот Манастир, но и во Македонија, Бугарија, Грција и регионот. На тој начин тој допринесува за зацврстувањето на европскиот дух и вредности на луѓето во регионот. Преку својата дејност, Архимандрит Партениј го поттикнува надминувањето на внатрешните поделби меѓу граѓаните на Македонија, како и нивната подобра интеграција со граѓаните на соседните држави, стои во образложението од Ковечев за номинацијата на отец Партениј.

Како и секоја година, лауреатите ќе примат почесни медали на официјалната церемонија на есен во Софија, организирана од Бирото на Европскиот парламент во Бугарија. Подоцна, во текот на месец ноември, тие ќе учествуваат и на општоевропската церемонија, посветена на Граѓанската награда на Европскиот парламент, којашто ќе се проведе во Брисел.

Од 2008 година Европскиот парламент ја доделува наградата на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за олеснувањето на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух; за негување на вредностите опишани во Повелата за основните човекови права во Европската унија. Таа има форма на почесен медал и има симболичен израз. Жирито на европското ниво ја направи селекцијата од 50-те лауреати од целата Европска Унија, но и надвор од неа.

Архимандрит Партениј станува првиот граѓанин на Република Македонија којшто ја добива оваа највисока почест на европскиот парламент – „Европски граѓанин“

Коментар(3)

  1. Честитки до Отец Партениј. Вистински пример за тоа како се сака сопствениот народ и држава. Македонија и Македонците сме среќни што имаме таков духовник. Љубовта нема граници и се победува.

  2. Во ова време кога личноста на човекот, на еден начин, е поразена и обременета со дневно-политички теми и прашања, и во ова општество кое низводно ги пропушта вистинските вредности, а човекот се занимава со партикуларистички намери со лукративна цел, реткост е да слушнеш или прочиташ една ваква убава и крајно достоинствена вест. Убава за сите нас, жителите на оваа мала и фрагилна држава. Достоинствена за о. Партениј, ретко убавиот во Христа човек и духовник. Неговата работа е крајно племенита, љубов која се жртвува за сите и за секое добро, и која го избавува човекот од роболепниот однос кон материјалното и кон овој свет. Европа, таа вистинска убавица и добростоечка миленичка на цивилизацискиот modus Vivendi, која несомнено културниот идентитет, образ и подобие го добила од христијанството во целина, уште еднаш како во минатото со Св. Кирил и Методиј, го препознава својот човек, се враќа на вистинскиот коловоз. Жената Европа сега стои исправена пред делото на ваквите луѓе, кои го врват својот ендемски пат и дај Боже да истраат до крај.

  3. Отец Партениј е достоен Духовник … човек со големо срце и душа од кого сите треба да учат … заслужено и достоинствено ги добива сите награди … Честитки до нашиот највозљубен Старец Ахримандрит Партениј

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *