Почетна Коментар Архиепископот Гаврил и неговиот прв превод на Библијата, седумдесет години потоа
Архиепископот Гаврил и неговиот прв превод на Библијата, седумдесет години потоа

Архиепископот Гаврил и неговиот прв превод на Библијата, седумдесет години потоа

317
1

Денеска, според календарот на Македонската православна црква е празникот Светиот Архангел Гаврил или кај народот познат како Летен Архангел, еден од седумте божји гласници. Според светите отци во православието тој е архангелот кој го најавил раѓањето на Спасителот и неговото име значи силен маж. Во традициите на Стариот завет се вели дека тој е гласникот кој го поучувал Мојсеј додека бил во пустината како да ја напише Библијата.

А ние, имавме еден таков архангел меѓу нас, седмиот по ред „таинствен“ архиереј, кој седеше на тронот на Црквата, третиот по ред Архиепископ на возобновената  Македонска православна црква во лицето на Охридската Архиепископија. Тој претставува своевиден гласник на македонскиот народ, бидејќи токму тој го преведе прв Светото Писмо (Библија) на современ македонски јазик. Почетоците на оваа сизифовска работа, започнале пред точно 70 години, во далечната 1948 година, кога започна да ја преведува Библијата и на тој начин му го доближи Бога на народот. Во јули истата година, тогашниот Иницијативен одбор за организирање на МПЦ првично се обратил на отец Милошев (идниот архиепископ Гаврил) да го преведе ова големо капитално дело, светото писмо на разбирлив македонски народен јазик. По потпишувањето на договорот со Иницијативниот организациски одбор на МПЦ за целосен превод на четирите евангелија од стар црковнословенски јазик на македонски јазик, тој ги испратил првите преводи на четирите евангелија, со следното пропратно писмо: „преводот се придржува до црковнословенскиот текст и до духот на македонскиот литературен јазик“. Веќе наредната, 1949 година, од печат излезе првото издание на четирите евангелија на македонски јазик.

Да му се овозможи народот да има богослуслужба на свој јазик, како и свето писмо на свој народен, разбирлив јазик, значи сериозна заложба и голем подвиг. Многу налик на самиот архангел Гаврил кој му ја објавил вистината на целото човештво и чие име значи силен маж. Бидејќи, неговата работа се темели на наследството на преводот на светите браќа Кирил и Методиј, и нивните ученици, Свети Климент и Свети Наум. Нивните први преводи го удриле печатот на боговдаховеноста на јазикот кој е блиску до народот. Задачата на Гаврил била да се биде што е можно подоследен до оригиналниот хебрејски и грчки библиски текст. Но и до својот чист македонски јазик. Духовното патешествие која му ја отвори вратата на успехот во преводот на Библијата траела речиси пет децении. За време на тој полувековен период , професорите Трајан Митревски и Борис Бошковски од Богословскиот факултет биле двајцата главни редактори на текстот на преводот.

А борбата за црковно и духовно описменување на народот, се поклопува со едно „невреме“ во Велес и во Македонија, кога кај отец Ѓорѓи Милошев, дошле свештениците: Цветко Крстевски од Прилеп (подоцна архиепископ Ангелариј) и Методи Гогов (четвртиот архиепископ на МПЦ-г.г. Михаил). Тоа била бурата на Втората светска војна и заложбите за национално и црковно осамостојување на македонскиот народ. Парохјаните, истовремено и борци за слобода, се криеле позади својата пастирско-мисионерска работа. Во црквата „Св. Богородица“ во Велес, о. Милошев скришно го преведувал евангелието, а оттука двајцата свештеници тајно ги земале неговите црковни преводи и формулари и се упатувале кон штабот во Горно Врановци, без да бидат забележани. Тие се повикувале на Христовото и на апостолското учење, за распространување и одржување на христијанството: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“(Матеј 28, 19), и „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“(Марко 16, 15). Таква беше нашата борба за слобода, борба со перо, а не со меч, борба за духовно осамостојување и запазување на сечие достоинство.

Всушност, борбата за ослободување во годините на Втората светска војна како и сите други востанија на македонскиот народ, беа борби на перото, на писмото, на јазикот. Тие беа пред се поттикнати од духовната потреба да се биде слободен, независен и свој, но не преку оружјето, туку преку перото.

И навистина, во годините што следуваа по Втората светска војна, и со првиот црковно-народен собор, тоа се потврди. Радоста на примањето на веста за ослободување беше радост налик на веста за доаѓање на спасението. Веднаш, свештенството испрати барање за превод на светото писмо, кое претходно под разните окупации беше потиснато. Својот највисок подем вековните стремежи се остварија со црковното осамостојување во 1967 година, кога МПЦ ја објави историската одлука за автокефалност, а токму истата година излезе целосното издание на Новиот завет, кое претходно се печатело во брошурки.

Првите иницијатори за возобновување на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква беа носени од духот на верската слобода, онаква како што ја втемелил нејзиниот прв основач-Свети Климент Охридски. Замислата Свети Климентова била првиот темел на верската слобода, правото на комуникација со сите помесни православни цркви преку првите преводи на богослужбените книги на народен старословенски јазик. Тоа не било само за потребите на богослужбите, туку и за задоволување на духовните потреби на поединецот и на народот преку доближување со чистината на божјиот збор. Тоа значело негово интегрирање во Црквата и духовноста, со сите останати народи, на свој жив, личен и неповторлив начин. На духовно општење помеѓу луѓето. Со други зборови, преводот значел афирмирање, потврдување на неповторливиот идентитет на секој народ и на секој човек, но на еден начин кој ќе интегрира, а не екслузивира, разделува и затвора, како што денес некои имаат обичај тоа да го прават. Токму таква беше и мисијата на Архиепископот Гаврил, од која тој не се откажуваше по секоја цена и покрај сите препреки. Неговото епохално животно дело денес дава силна светлина на обичниот човек.

Јас пораснав со неговата Библија. Големата книга со црвени корици и многу тенки листови едноставно сечиј дом го правеа радосен. Мислам, дека нема ниту едно семејство во Македонија, која на своите полици го нема преводот на Библијата од Архиепископот Гаврил. Неа ја има во домот на секој Евреин, на секој Муслиман, Протестант, Евангелист, Будист. Гавриловиот превод е превод наменет за сите вери и националности, бидејќи толкувањата кои тој ги направи во својата содржина најблиску се држат до принципите на слободната мисла на секој еден народ. И во очи на самото осамостојување на РМ и носењето на новиот Устав во 1991, всушност, кога беа поставувани темелите на правната држава и мултиконфесионалноста, Гаврил со изданието на Библијата го подготвувал народот за идните предизвици и искушенија. Во својот говор на промоцијата на целосното издание на преводот (Стар и Нов Завет), на 18. Октомври, 1990 година, тој истакна: „Добивајќи го денес првобитниот целосен библиски текст на современ македонски литературен јазик ние како да се преродуваме како птицата Феникс, и затоа денешниот ден треба да го прогласиме за голем црковен и национален празник што ќе има вечно историско значење“.  Тоа не било кажано случајно. Бидејќи, со објавувањето на Светото Писмо на современ македонски јазик, Гаврил оддаваше признание на сите нас-на нашата историја, јазик и култура. А веќе наредната година, тој феникс повторно се роди, овој пат, во лицето на самостојната и суверена држава Република Македонија, носејќи го со себе неизбришливиот код (оружје) со кое македонскиот народ треба да се справи со идните предизвици. Мнозина земји го ставија Бог во своите устави, додека ние, со почит кон сите народи и националности, го внесовме во член 19 на уставот од слободната, световна секуларна држава.

Според преданието на Црквата, не само оригиналниот текст на Светите списи, туку и нивниот превод претставува акт на Божествена инспирација и обично тоа се запечатува со учество на свет маж во процесот на преведување. Она што претставувале седумдесетмината благочестиви мажи во преводот на Септуагинтата, она што бил блаж. Ероним за латинската Вулгата, Св.Филарет Московски за рускиот синодален превод, тоа е Св.Климент, заедно со своите учители, за словенската Библија. Тоа е архиепископот Гаврил за преводот на Библијата на современ македонски јазик. Достојно на името на архангелот Гаврил-силен маж.

СЛАВА МУ!

Пишува: Огнен Коцевски

Коментар(1)

  1. „Слава му!“ се пишува (кажува) за член на комунистичката партија. За Православне Христијанин се моли: „Бог да го прости!“ или „Царство му Небесно!“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *