Почетна Коментар Архиепископ Палчо
Архиепископ Палчо

Архиепископ Палчо

2.04K
0

Не, не – иако насловот изгледа атрактивно, не се однесува ни најмалку на актуелниот Архиепископ на МПЦ – ОА, не претендирам да го нарушам неговиот раат.

Се работи за еден лик – кој во манирот на тинејџер кој сака да се докажува со својата агресивност и невоспитаност, се видел и во улогата на Архиепископ, под што подразбира само едно – а тоа е дека тој е спасителот на институцијата којашто како македонска некој наводно сака да ја продаде.

Имено, за Палчо тој некој се, всушност, некои, кои седат во Синодот или гравитираат во и околу МПЦ, од него наречени предавници, одроди, каравангелиси, северџани и што уште не поексплицитно. Па во секоја емисија на оној негов 18+ канал, тој отвора тема за Црквата и зборува работи за Црквата кои никогаш, а најмалку сега ги познава. Па тој бил краен левичар = атеист. Многу личи дека е брифиран од некои во Црквата, како некои да му шепнале насочени информации или квалификации… Ама аспирациите на секој општествено пропаднат профил на човек се преку фикција да се прикаже дека е нешто. Па ете овој Палчо штандовски и декларациски ќе го спасува името на МПЦ како новопечен и самопрокламиран Поглавар, шетајќи карвани и мафтајќи со небулозни декларации полни со гол патриотизам по села, градови,  плоштади, маала… Акција која изискува дебели финансиски средства… Се ближат избори па ќе сведочиме и за вакви проекти, ќе ни узурпираат простор секакви шизици и примероци од отпадот на еден народ, а Палчо почнал во преткампања да агитира за Архиепископ, ако не успее политички. Зошто не Архиепископ на дијаспората? Ај може следната партија ќе му биде црковно-десничарка, ќе му држиме палци за успех, или за следната, за следната итн…

Не бива верник, а најмалку Архиепископ, со засукано на врвот цигарче во емисија, што потсетува на нешто друго, со толку кочијашки јазик, со ставови што повеќе покажуваат агресија и со тоа претендираат да палат народни маси со својата празнотија, отколку да понудат прогрес, реалност и вистина. Не бива загрижен патриот со полни куферчиња, а на грбот на народот.

Веројатно е дека интересот на Палчо е секогаш кога ќе му згусне, да проповеда, глумејќи дека има идеологија – се сеќаваме како некогаш го организираше „Старт“ против десната идеологија, како тврдокорно лево ориентиран претседател на најголем огранок на партија, а сега приповеда со националистичка реторика – пареа национална идеологија преку црковен грб.

Важно Архиепископ Палчо, со зелено мастило веќе начкрабал на салфета патриотска Декларација за неменување на Уставот на МПЦ – ОА, а со тоа на името на Црквата. Да го потсетиме Палчо дека МПЦ неколку пати се преименува досега, зашто во Социјалистичка беше создаден како Православна Црква во Македонија, па, чинам во 2009, додаде ОА, што потсетува на други понови процеси со додавки. Така, таа не е повеќе ПЦМ, ниту МПЦ, туку е МПЦ – ОА. Како што и Македонија не е СРМ, ни РМ, туку е Северна. Е оттука произлегува нереалност на предизвикот: како може во Северна Македонија да има Македонска? По етнички клуч не може, православието е наднационално, а етничката компонента е грев според верските одредби. А колку ти Палчо полагаш право на Македонија, толку полагаат и други наоколу. Колку ти велиш дека ти крадат историја и култура, толку и тие велат дека крадеш. Дури и твоите од северо-истокот, во своите научни историски и лингвистички проучувања и заклучоци ти зборуваат дека некогаш си бил дел од друг народ и ти го дефинираат јазикот по другому. Ако не успеа да отидеш во Русија на семинар, рече те спречиле, јас бев пред две декади, па ми рече еден баќушка како сме Бугари, а јазикот ни е бугарски, како ОА е бугарска Црква, како Теофилакт и Самуил се Бугарски итн. Го гледав, немаше фајде да се расправам, му реков – ти така, јас по мое, ама не значи дека не може да се напиеме по една вотка.

Во декларацијата Палчо се залага само МПЦ да ја има на тапијата на имотите, а вели дека Томосот од СПЦ („и покрај сите разлики и историски хипотеки“ !!!) му е светиња, а таму СПЦ му кажува како имотите се отстапени на користење на МПЦ. Бара потпишување во Декларацијата на секој поединец по етнос, а подолу вели „Ние Македонците…“. Не сакал евхаристичко единство со Украина, а до вчера МПЦ ќе правеше сојуз со сите Цркви во сличната положба на неприфатеност… Чисто памфлетна Декларација која е пропагандна намера во еден гео-политички контекст. Па Палчо е антиантантист, цело време дроби против НАТО, ЕУ, Запад, па многу логички е да биде предводник на еден ваков контаверзен проект. Го заболе Палчо за МПЦ-ОА и нејзиното име, важно е да му капе. Палчо е паметен, знае дека во Македонија се успева најмногу преку политика па на овој начин сака политички да се нафатира – по стариот добар рецепт: продавај патриотизам на гладен и понижен народ.

Но мене не ми е чудно ваквото однесување на луѓе како самопрокламираниов Архиепископ. Мене ме чуди немањето интерес на Црквата да расчисти со ваквите ликови околу себе. Тие неретко, како на фабричка лента, поминуваат пред очите на ухлебените, на раатчиите во Црквата… можеби не се толку интегрирани во неа, но тие го интегрираат својот карактер, а оттука е сликата за Црквата во општеството –декадентна, духовно стерилна, анемична, безидејна, па дури и ретроградна. Колку е обесхрабрувачко и мизерно да знаеш дека ликови како овој се поврзани и добиваат информации од некои внатре во Црквата, слични по менталитетот и желбите – на пример со еден таков другар го делат интересот за Архиепископската бела капа. Како што не остава добар впечаток и одвраќа до гадење кога со или зад г. г. Стефан ќе го видите оној конгресен “патриот“ Тоше антички, кој на времето ѝ правеше на МПЦ проблеми по црковните општини низ Европа, па и преку барите, или оној бркото со најмакедонското име Џо.

МПЦ-ОА под итно треба да си ја земе палката за дорешавањето на својот статус во своја рака, а не врз свој грб да го остава просторот за самопромоција и политичка пропаганда на транзициски нафатирани ликови, на бивши комунисти и сè уште атеисти, на морално некредибилни и на артилерци од Милошевиќевата ЈНА, кои на нишан од зад црковен објект го држеа Дубровник. Да си направи внатрешна поширока и издржана дебата и врз основа на црковното учење, на црковно-почитичките прилики, имајќи ги предвид и државните интереси, конечно да ја заврши работата. Ако по 50 и повеќе години борба не знаат владиците како и што, и дека вакви крупни прашања не се решаваат со егоцентризам и самофалби, со двајца без тројца секогаш за сè најпаметни, туку со вклучување на сите напредни и успешни внатрешни и надворешни капацитети, тогаш нека си го седнат Палчо на Архиепископскиот трон за да ја „реши“ МПЦ-ОА.

Пишува: Алтер Его

(Авторот познат на редакцијата)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *