Почетна Коментар Апостолско преемство, или старозаветно?
Апостолско преемство, или старозаветно?

Апостолско преемство, или старозаветно?

212
0

„Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18, 8). Зошто Богочовекот Христос ги изговара овие зборови, кои се од спасително значење и за нас денес?

Денешниот благден е многу погоден да ги разјасниме овие Христови зборови, затоа што денес е ден на светите Апостоли, а посебно на светите Апостоли Петар и Павле, а ние сите се фалиме со тоа дека сме наследници на нивното, односно апостолското преемство, кое во суштина е  Христово Предание. Дали навистина сме? Ајде да провериме со едноставна споредба.

Светите Апостоли не носеле никакви посебни одежди за служење на светата Литургија. Ние, денес, носиме посебни, скапи одежди, па и царски круни ставаме на главите.

Светите Апостоли не служеле во велелепни храмови, туку во обични домови. Ние, денес, се натпреваруваме кој поголем храм ќе изгради, и покрај тоа што многу луѓе живеат во сиромаштија.

Светите Апостоли не служеле во посебни свети сосуди, туку во сосуди што им се наоѓале при рака. Ние, денес, ако тие не се од сребро и не се осветени, не сакаме ни да ги погледнеме.

Светите Апостоли, по начинот на кој се облекувале, не се разликувале од останатите современици. Ние се разликуваме; дури и посебни ознаки на нас носиме за да нѐ препознаат.

Светите Апостоли за своите потреби заработувале со своите сопствени раце. Ние, денес, ги наплаќаме нашите „услуги“, иако од Господ ни е заповедано: беспари добивте – беспари давајте!

Светите Апостоли на сите им станувале сѐ, само некого за Христос да придобијат. Ние, денес, се поистоветуваме со овосветските шеми на човечко организирање надвор од Црквата – држава, нација, партија, и му помагаме на демонот во погубување на душите на сите оние што не се прилагодуваат кон нашите шеми на поистоветување – затоа што ги отфрламе.

Светите Апостоли имале авторитет, т.е. внатрешно духовно покритие за чинот што го носеле. Ние, денес, немаме. Немаме просветлен ум и умно-срдечна молитва, не сме обожени.

Светите Апостоли ги пишувале правилата (светите канони) според кои и самите живееле. Ние, денес, ги нарушуваме или ги злоупотребуваме како оружје против својот ближен.

Светите Апостоли маченички пострадале заради Христос. Ние, денес, уживаме во разни задоволства. Светите Апостоли живееле во единство и љубов, а ние денес – не. Итн., итн.

Не велам дека некои од погоренаведените нешта се лоши или непотребни, како црковните канони, храмови, сосуди, одеждите итн. – напротив, но велам, заедно со Светите Отци, дека нема ништо посвето од човекот и дека тие се само педагошки средства за верните да растат „до мерата на полната возраст на Христовото совршенство“, а не идоли, кои верните треба да ги држат во духовно ропство, а кои нам ни овозможуваат да го црпиме својот надворешен авторитет над верниот народ. При доаѓањето на антихристот сето погоре наведено природно ќе отпадне.

Очигледно, споредбата нѐ прави сосема неподобни на Апостолите (најпрво мене), а многу слични на старозаветното свештенство – кое Го отфрли Богочовекот Христос. Јасни ли се, сега, зборовите на Богочовекот Христос: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *