Почетна Анализа Апостол Павле во Солун
Апостол Павле во Солун

Апостол Павле во Солун

569
0

Апостол Павле, чиј спомен го чествува Македонската Православна Црква е една од најзначајните личности за христијанизацијата на Македонија, а потоа и на целиот овој регион, а подоцна и на Европа. Професорот Ратомир Грозданоски е еден од еминентните богослови во Македонија, кој посветил голем период од својот научен труд во анализа и истражување на Апостол Павле и Македонија. Во неколку делови Ви пренесуваме една пократка аналзиа.(Четврти дел)

Од Филипи апостол Павле, пролетта во 50-та година, тргнал кон запад, по царскиот пат Via Egnatia, и по шест дена пешачење, пристигнал во Солун(5*) (Дела 17,1-4).

Apostol pavle 1Таму неговата проповед ја прифатиле малкумина од Евреите, но многу повеќе од незнабошците од Солун: Македонци и Елини. Апостол Павле, Сила и Тимотеј почнале да го проповедаат Евангелието Божјо во куќата на Јасон, во неговата ткајачница, во приватни домови и кај видни незнабошци и Евреи, „а исто така и не малку видни жени“ (Дела 17,4).

Тоа било лично, индивидуално душегрижништво и пастирствување, поединечно и семејно проповедање на Евангелието. Апостолите во тие директни контакти со луѓето умееле да бидат љубезни и привлечни, та предано и со љубов им служеле на сите. Секого го знаеле и секому посебно му приоѓале за да го придобијат за Христа.

И покрај првичните успеси (Дела 17,4) апостол Павле и неговите сотрудници морале ноќе да побегнат и да го напушти градот, бидејќи против нив се побуниле Евреите од Солун, припишувајќи им политички намери „против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус“ (Дела 17,7).

apostol pavle 2Во Солун со свети апостол Павле биле и апостолите Сила (Силуан) и Тимотеј (1. Сол. 1,1). Нив потоа тој ги испратил по градовите и црквите во Македонија (Дела 17,2,4,10,14-15;18,5). Пред заминување, апостол Павле ги собрал Солун¬ските христијани во куќата на Јасон, им дал совети како да ја раководат Црквата и со жалење, знаејќи дека ќе ги снајдат тешки проблеми и маки, особено Јасона, си заминал од Солун. Црквата во Солун преживувала прогонство од страна на антихристијанските Евреи и тоа: едно, па друго, и уште многу маки и неволји (1. Сол. 2,14 и 2. Сол. 1,4).

Апостол Павле мислел дека набрзо ќе се врати во Солунската црква, но дури по осум години тој повторно ги видел своите пријатели во Солун. И тогаш, пак морал да бега од куќа во куќа. „Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв“ (2. Кор. 7,5). Но, прогонствата ги зацврстиле солунските христијани и ги зближиле, та затоа апостол Павле најмногу од сите цркви, нив ги фали за трпеливост, верност и братска љубов (1. Сол. 4,9-10; 2. Сол. 1,4).

apostol pavle 4Солунската црква на апостолот Павле му дала и тројца сотрудници: Секунд – придружник на последното патување ( Дела 20,4; 27,28; Кол. 4,10; Филип. 1,24) и „Гај и Аристарх Македонци“ (Дела 19,29). Аристарх бил со него и во затворот во Рим.

Апостол Павле во Берија

Изгледа, во 51-та година, светите апостоли Павле, Си¬ла и Тимотеј го напуштиле Солун. По 12-ет часовно одење кон југ, тие стигнале во Берија (Berriva), која се наоѓала во третата македонска управна област(6*).

apostol pavlke 5Црквата од Берија му дала на апостол Павле и добар сотрудник, а тоа е „Сосипатр Пиров, беранец“ (Дела 20,4).
Оставајќи ги Сила и Тимотеја во Берија, свети апостол Павле одлучил да ја напушти Македонија и, по море, заминал за Атина (Дела 17,15).

Пишува: Порф. д-р Ратомир Грозданоски ( за МИА)

Фусноти:

(5*) Тоа е стариот град Терма (што значи Топлина, а така бил наречен поради топлите извори). Сегашното име го добил според името на сестра му на Александар Велики – Тесалоника. Солун бил главен град на Македонија, а прв велеград во Европа што го посетил апостолот Павле. Во овој голем трговски и културен центар се мешале Истокот и Западот.

(6*) Берија бил главен град на третата македонска управна област. Се наоѓал 75 км западно од Солун или 350 км северно од Атина (Дела 17,10)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *