Почетна Анализа Апостол Павле и Македонија
Апостол Павле и Македонија

Апостол Павле и Македонија

3.02K
0

Апостол Павле, чиј спомен денеска го чествува Македонската Православна Црква е една од најзначајните личности за христијанизацијата на Македонија, а потоа и на целиот овој регион, а подоцна и на Европа. Професорот Ратомир Грозданоски е еден од еминентните богослови во Македонија, кој посветил голем период од својот научен труд во анализа и истражување на Апостол Павле и Македонија. Во неколку делови Ви пренесуваме една пократка аналзиа.

Почетоците на христијанството во Македонија се поврзани со свети апостол Павле. Кога говориме за апостол Павле и за неговата поврзаност со Македонија(*), треба да имаме предвид три работи:

1) Неговите доаѓања во Македонија;
2) Неговите посланија упатени до Македонците и
3) Посланијата што ги напишал во Македонија, а ги испратил до други места и личности.

Доаѓањата(2*)  на апостол Павле во Македонија

За Македонија е библиска големина, а за Македонците Божји благослов тоа што имаме привилегија во оваа благословена земја да дојде големиот Христов апостол и евангелизатор, којшто го основал христијанството кај нас.

map-pjbigПрвото стапнување на апостолот Павле во Македонија претставува и негова прва средба со Европа. Македонија станува порта, преку која Евангелието и христијанството ќе влезе во Европа. На тој начин Европа, директно од Христов апостол, преку Павловата проповед, првпат Го спознала Христа.

Доаѓањето на свети апостол Павле во Македонија се случило во годините 49, 50 или 51, а за најточна се зема 50 година и тоа е претставено на сите библиски карти (види географски карти за патувањата на апостол Павле во сите Библиите во светот).

Апостол Павле во Македонија дошол според Божја промисла. При неговото доаѓање во Македонија тој првпат ја посетил Европа. Тогаш Светото евангелие, од апостолски раце и со апостолска проповед, било пренесено на европскиот континент. Македонија е првата европска земја која била удостоена да го прими апостолот Павла и од него да чуе за Христа Спасителот. Тоа е најпрекрасниот Божји дар за оваа наша земја.

За ова, во Светото писмо, во книгата Дела на светите апостоли, апостолот Лука забележал: „И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ,Премини во Македонија и помогни ни!‘“

По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,8-10). Овој прекрасен библиски текст е нашето првоевангелие – Протоевангелие за Македонија.

Да се задржиме на неколку значајни работи во текстот и настанот.

r 4Прво, многумина, сакајќи или не, знаејќи или не, грешат кога го изменуваат библискиот текст и недопустливо додаваат дека апостолот Павле имал “видение“ во сон. Во ниту еден библиски текст, од најстарите до најновите, буквално во ниту една Библија, не стои изразот „сон“. Тогаш, од каде тоа, не знам! Но, знам дека така се вели, па дури и на фрески и икони, се претставува апостолот Павле заспан.

Значи, Павловото видение не е во сон, туку на јаве. Тој не бил заспан, туку буден во „ноќта“, па дали нешто читал, пишувал или се молел, не е важно што правел, но бил буден и: јасно, будно и внимателно ја примил Божјата порака.

Второто изменување и сквернавење на библискиот текст е, веќе, злонамерно и тенденциозно. Јасно е, а библиски прецизно и точно е  запишано дека на апостолот Павле, во видението, му се јавил „човек Македонец“, но тоа се искривоколчува и во некои понови Библии ќе најдете напишано: „човек од Македонија“, а тоа не е исто.

Тоа е неточно и дрско менување на библискиот текст. Тоа е противење на Божјата волја. Ете, Бог сакаше тоа да биде „човек Македонец“, а не друг и таква е Божјата промисла, која не смее и не може никој да ја измени.

И трето, треба да се разјасни тоа, од каде знаел апостолот Павле дека човекот бил „Македонец“. Тоа во библискиот текст не е кажано, но има три мислења:

1) Дека апостол Павле го познал Македонецот, според облеката;
2) Знаел дека е Македонец, според јазикот на којшто говорел;
3) Заклучил дека е Македонец, според повикот: „Премини во Македонија и помогни ни!“ Тоа значи дека самоит се претставил.

r 7Ние нема да избираме што е најточно, туку логично ќе заклучиме дека сите три мислења го создаваат комплетното опишување на Македонецот, кого Бог го одбрал и го однел пред Павла, во видението, па, преку неговите зборови, говорел Бог и ја кажувал Својата промисла.

Го послушал ли апостол Павле, гласот на Македонецот? Да. За ова, во Библијата апостол Лука запишал вака: „Веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,10). Сите биле уверени дека Бог ги повикал да им го проповедаат Евангелието на Македонците!
Затоа, тој, веднаш по видението, презел сè за да стигне во Македонија. Разговарал со македонските морнари и решил да премине на другиот континент.

ratomir slПросторно тоа не било далеку. Патувањето не било долго. Пловењето од Троада (Азија) кон Македонија (Европа) било многу благопријатно. Времето прекрасно, а морето мирно, со благ јужен ветрец, којшто ја помагал пловидбата. Па и во тоа патниците го гледале исполнувањето на Божјата волја. Тогаш допловиле за два дни, а на истиот простор пловеле и по пет дена, на враќање (Дела 20,6).

Пишува: Порф. д-р Ратомир Грозданоски ( за МИА)

/ПРОДОЛЖУВА

Фусноти:

(*) Повеќе за оваа тема види во книгата: Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Светиот апостол Павле и Македонија, Скопје 2007.

(2*) Свети апостол Павле во Македонија бил четирипати: 1) При второто мисионерско патување, во 50/51 година, кога ги формирал црквите во Филипи, Солун и Берија (Дела 16,9-17,14). 2) При Третото мисионерско патување, во 57 година, посетувајќи ги вторпат истите места, но и други. Заедно со Лука ја крстосувал Македонија, проповедајќи го Евангелието низ сите македонски градови до Илирик и до источниот брег на Јадранското Море. Во тоа време, во Македонија, го напишал и го испратил Второто послание до Коринтјаните (Дела 20,1; 2. Кор. 2, 12-13;  2. Кор 7,5-9; Рим 15,19; Дела 20,2). 3) Во 58 година минал по третпат низ Македонија, враќајќи се кон Ерусалим и ги посетил градовите по обратен ред: Берија, Солун, Филипи (Дела 20,3-6). 4) И, четврти пат, кога од Македонија го напишал и испратил Првото послание до Тимотеја, во 64/65 година (1. Тим. 1,3).

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *