Почетна Анализа АНАЛИЗА: Одлуката на ЕСП ги загрозува основните човекови слободи и права
АНАЛИЗА: Одлуката на ЕСП ги загрозува основните човекови слободи и права

АНАЛИЗА: Одлуката на ЕСП ги загрозува основните човекови слободи и права

184
0

Европскиот суд на правдата (ЕСП) во вторник, донесе одлука со која на работодавачите им се одобрува да забранат носење на верски, политички и филозофски обележја на работните места.

Судот со седиште во Луксембург на тој начин им овозможи на работодавачите со интерни правила на фирмите да го одредуваат кодексот на облекување. Во пресудата се наведува дека забраната за носење видливи верски, политички и филозофски симболи не претставува никаква дискриминација. Со оваа одлука, работодавачите можат да забранат носење на шамија и хиџаб, а целата постапка пред судот е започната по два контроверзни случаја на отпуштање на работнички кои носеле хиџаб, во две компании во Франција и во Белгија.

LUXEMBOURG : Institutions Europeennes + VilleВаквата одлука на Европскиот суд за правдата предизвика низа негативни реакции од бројни здруженија за заштита на човековите права и слободи, во кои се нагласува дека со ваквата одлука се нарушуваат основните човекови слободи и права.

Уранија Пировска, претседателката на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права во Скопје, во изјава за АА вели дека оваа одлука на Европскиот суд за правдата е изненадувачка и може да има негативно влијание врз правата на работниците во ЕУ.

„Сметаме дека пресудата е изненадувачка. Таа може да има негативни импликации врз правата и слободите на работниците во ЕУ, а особено врз правото на почитување на приватниот живот, правото на заштита од дискриминација и слободата на изразување, совест и вера”, смета Пировска.

– „Со одлуката на ЕСП работниците би можеле да се почувствуваат нееднакви”

Освен тоа, таа истакнува дека ваквата одлука ги доведува во прашање и правата на слободен избор на вработување и еднаквата достапност на работните места.

„Во врска со нејзините импликации во мулктиконфесионалните и мултиетничките општества, пресудата не се однесува само на една религија или уверување, односно доколку работодавачите изберат на работното место да забранат обележја, таквата забрана не смее да биде селективна, односно мора да се однесува на обележјата поврзани со некоја вера или уверување. Според тоа, пресудата става под знак прашање индивидуални права, но во зависност од значајноста и застапеноста на обележјата во различните религии, работниците од одредени религии би можеле да се почувствуваат нееднакви споредено со работници од друга вера или оние кои немаат вера”, нагласува Пировска.

Со сличен став е и Мерсиха Смаиловиќ, претседателката на здужението на жени „Еду-Ниса” во Скопје и активистката за човекови права, која инаку е правник по професија.

Коментирајќи ја одлуката на ЕСП, Смаиловиќ во изјава за АА вели дека одлуката е донесена во време кога расте ксенофобијата и популарноста на екстремната десница во Европа.

 

„Со порастот на секојдневната ксенофобија во Европа, како и реториката која постојано ја слушаме од екстремната десница во Европа беше сосема нормално и очекувано  да се развие една таква дискусија дури и во судските органи, за тоа колку муслиманите и муслиманките уживаат права во Европа. Како да единствениот проблем кој Европа го има се жените муслиманки, па по кој знае кој пат се удира во нивниот идентитет. Пресудата која ја донесе Европскиот суд на правдата е навистина парадоксален случај во којшто граѓанки на Франција и Белгија се жалат”, истакнува Смаиловиќ.

„Понатаму во одлуката на судот се вели дека работодавецот исто така може да оди кон друга мерка, а тоа е да ја изолира муслиманката, од позиција којашто би била видлива, нејзината појава да ја стави во некоја маргинализирана функција или професија во самата компанија”, вели Смаиловиќ, која го истакнува и социолошкиот аспект на одлуката на ЕСП.

„Ако сте муслиманка во Европа вие се соочувате со неколку форми на дискриминација: дискриминација врз основа на етницитет, дискриминација врз основа на религија, а знаеме дека во Европа владее дискриминација помеѓу мажите и жените во однос на платената или неплатената работа”, објаснува таа.

Според Смаиловиќ, од правен апсект, одлуката на ЕСП е дефинитнивно задира во основните човекови слободи и права кои треба да ги ужива секој граѓанин на ЕУ a а тоа е правото на слободно верско изразување и својата слободна волја.

– „Марамата не е верски симбол, туку составен дел од нашето верување”

Од друга страна, истакнува Смаиловиќ, потребно е да се води дискусија и јасно да се стави на знаење дека марамата не претставува верски симбол, туку составен дел од исламското верување.

„Треба да се води како дискусија, марамата не претставува верски симбол, марамата е составен дел на нашето верување. Симболите се дефинирани од луѓето, а марамата е нашето верско обележје и не идентификува како жени муслиманки, ако вие барате да ја тргнеме марамата значи дека барате да задирате во нашиот интегриет и идентиет”, потенцира Смаиловиќ.

/А.А.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *