Почетна Коментар Алегориско толкување
Алегориско толкување

Алегориско толкување

222
0

„И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица; па, бидејќи не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата каде што беше Он, ја спуштија постелката на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: ’Синко, ти се простуваат гревовите твои!‘

Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои: ’Што хули Овој на Бог? Кој друг може да простува гревови освен единиот Бог?‘ Исус веднаш, штом узна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им рече: ’3ошто го помислувате тоа во срцата свои? Што е полесно да му кажам на фатениот: Ти се простуваат гревовите; или да речам: Дигни се, земи ја постелката своја и оди? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите‘ – му рече на фатениот – ’Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!‘

И тој стана веднаш, па штом ја зеде својата постелка, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“ (Марко 2, 1–12)

Деца, забележувате дека многу ретко ви го толкувам Евангелието само историски и етички, како што е обичајот во Антиохиската школа. Тоа што најчесто го слушате од мене, како ваш учител, е аскетско-исихастичкото толкување карактеристично за Македонската исихастичка школа.

Ова толкување се заснова на неколку принципи: личносниот принцип, принципот на систематизација и хармонијата на православниот духовен живот, како и на принципот – не повеќе од она што Бог ни дал. За ова, засега толку.

Но, овојпат ќе ви го протолкувам и алегориски, како што е обичај во Александриската школа, па ќе речам, на пример, дека куќата во којашто престојува Христос преку благодатта на Светиот Дух е срцето на човекот, а дека отвoрањето на покривот и спуштањето на фатениот низ него е отвoрањето на срцето и симнувањето на умот во него. И, дека исцелувањето на фатениот е дарот на аскетската умно-срдечна молитва и просветлувањето на умот.

Вистинското простување на гревовите е чистењето на срцето од страстите и неговото отворање за умно-срдечната молитва, во послушание кон духовниот отец. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот и од демонот. Тоа е неприпадност на овој поделен  свет. Затоа и Господ на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“…

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина – да видиме колку сме поистоветени со овој поделен свет, со запалената крв и телото, а колку далеку од Христовото блаженство за миротворците!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *