Почетна Анализа Ако опстои на канонските принципи, Вартоломеј ќе даде томос и за МПЦ-ОА
Ако опстои на канонските принципи, Вартоломеј ќе даде томос и за МПЦ-ОА

Ако опстои на канонските принципи, Вартоломеј ќе даде томос и за МПЦ-ОА

187
0

Судирот помеѓу „руското“ и „хеленското“ создава нова вредност во православието

Одлуката на Александриската патријаршија да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква е дополнителна надеж за Македонската православна црква дека Вселенската патријаршија ќе опстои на ставот, следната црква на која треба да ѝ ја признае автокефалноста да биде токму МПЦ-ОА.

Последната информација дека по архиепископот атински и на цела Грција, кој прв, заедно со вселенскиот патријарх Вартоломеј, го спомна името на киевскиот митрополит, вчера тоа го направил и александрискиот патријарх Теодор, во црковните кругови во Македонија е примена со радост. Тоа за МПЦ-ОА е од големо значење, затоа што на тој начин се зголемува бројот на цркви во православниот свет, кои сметаат дека Вселенската патријаршија го има правото да доделува томос за автокефалност.

Веста дека александрискиот патријарх Теодор го спомнал митрополитот Епифаниј, поглавар на црквата во Украина, го обиколи целиот православен свет, а медиумите тоа го толкуваат како прв чекор на Александриската патријаршија до официјална одлука за признавање на новата црква во Украина. Спомнувањето се случило за време на патријаршиската литургија во Каиро, во Храмот на архангелите во Дахер, каде што живее најголемата арапска православна заедница во Египет. Познавачите на состојбите сметаат дека сега веќе вселенскиот патријарх има многу порелаксирана позиција за да може да одлучува за црковното прашање во Македонија.

– Веќе почна процесот што се очекуваше, а тоа е една по една од православните цркви да ја признаат или да не ја признаваат Украинската црква. Засега резултатот е во корист на Вселенската патријаршија. Тоа, пак, ја остава можноста Вартоломеј да го продолжи процесот на решавање на отворените црковни прашања. Тука нема сомнеж дека следното прашање е МПЦ-ОА. Главната битка е добиена, православните цркви го признаваат легитимитетот на Вселенската патријаршија да носи вакви одлуки. Сѐ друго е сега прашање на време на доследност на принципите на Вартоломеј. Ако опстојува на нив, нема да може да го избегне признавањето и на автокефалноста на МПЦ-ОА – велат познавачите.

Сепак, според нив, тоа може да биде процес што ќе се случува следната 2020 година. Вселенската патријаршија пред две недели испрати своја делегација на средба со владиците на СПЦ во Белград. Иако од оваа средба нема официјална потврда за што точно е разговарано, сепак верските аналитичари немаат дилема дека една од главните теми била токму автокефалноста на црквата во Македонија. Верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски смета дека ова е недвосмислен знак дека блокот на православните цркви, чии поглавари се етнички Грци отворено ја поддржува Вселенската патријаршија преку признавањето на УПЦ.

– Не треба да се има дилеми дека наскоро може да се очекува и признавањето на УПЦ од страна на Кипарската и Албанската православна црква. Јас сум сѐ повеќе убеден дека во наредниве месеци сѐ повеќе ќе ескалира веќе започнатиот судир на „хеленското“ и на „руското“ православие.

Тој судир почна со одлуката на ВП во однос на УПЦ, а веќе се зголеми со одлуката на Грчката црква и сега со одлуката на Александриската патријаршија веќе е сигурно дека се оцртува линијата на фронтот во тој интерправославен судир. Тој судир ќе биде и голем и тежок и со непредвидливи последици. Православието секако ќе биде во голема загуба заради него. Интересен ќе биде и ставот на Романската православна црква бидејќи Романија е членка на НАТО, додека за Бугарската ПЦ знаеме дека е под силно влијание на Руската ПЦ – објаснува Ѓоргевски.

Кои цркви ја признаа Украинската црква

Од 14 автокефални цркви во православието досега три цркви донесоа одлука да ја признаат автокефалноста на Православната црва во Украина. Прва го направи тоа Вселенската патријаршија, потоа Грчката православна црква и сега Александриската патријаршија. Од друга страна, противник на оваа реалност е Руската православна црква, која одбива да признае постоење на автокефалната црква во Украина. Единствена црква што засега испрати официјално известување дека не ја признава новата црква во Украина е Полската православна црква. Другите автокефални цркви сѐ уште тактизираат и немаат донесено официјални одлуки дали ќе се приклонат на блокот цркви на Вселенската патријаршија или на блокот цркви на Руската православна црква.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *