Почетна Коментар „Ако не сакаш да страдаш, не барај ни да се искачуваш…“
„Ако не сакаш да страдаш, не барај ни да се искачуваш…“

„Ако не сакаш да страдаш, не барај ни да се искачуваш…“

488
2

Сите се сеќаваме дека на почетокот од подвижничкиот живот, односно на почетокот на првиот степен, наречен од Светите отци – очистување на срцето од страстите, добиваме голема благодат од Бог, т.н. прва благодат. Првата благодат наликува на благодатта што се добива пред преминот на вториот степен, наречен просветлување на умот.

Како го знаеме тоа? Секогаш по квалитетот на молитвата. При доаѓањето на првата благодат молитвата наликува на онаа што се добива при крајот на првиот степен – пред таа да се спушти во срцето, како умот да ја има прифатено молитвата, така што многу лесно, радосно и нерасеано ја произнесува. Исто така, и кој било друг подвиг лесно го извршуваме.

Ако ја немаме доживеано оваа собрана умна молитва, треба да се преиспитаме дали воопшто сме  влегле во првиот степен од духовниот развој.

На првиот степен, на демонот му е допуштено да нѐ нападне само однатре – преку помисли и чувства. При преминот на вториот степен се случува истото, но многу поинтензивно. Помислите и чувствата при демонските искушенија се толку силни, а благодатта Божја толку сокриена што човек може да го почувствува и пеколот во својата душа, како и да помисли дека полудел.

Слично се случува и на вториот степен од духовниот развој, кој Светите отци на Црквата го нарекуваат просветлување на умот – кога срцето се отвора за умно-срдечната молитва. Тогаш умот има слободен пристап до срцето од кое се чувствува толку силен сигнал, кој како магнет го привлекува умот внатре во него.

Се случува нешто што јас би го нарекол прва благодат на вториот степен. Таа е слична на онаа благодат што се добива при преминот на третиот степен – обожение. Умот непрестајно сака да пребива со молитвата во срцето, без оглед на тоа што човек работи. Страстите мируваат, молитвата се произнесува без никаков напор, слично како при почетокот на дарот на непрестајната умно-срдечна молитва – опишан од Светите отци.

Искушенијата на вториот степен се случуваат однадвор, најчесто преку луѓе кои се под влијание на нивниот демон. На почетокот, човек треба реално да се соочи со искушенија предизвикани од луѓе, преку кои треба да се доочисти непреобразениот дел од страстите, а во врска со славољубието, среброљубието и сластољубието.

При крајот на вториот степен, односно при преминот на третиот, Бог допушта врз подвижникот искушенија кои ги карактеризира отворено непријателство и чинење реално зло од страна на луѓето – слуги на демонот, а целта на демонот е да предизвика пад на подвижникот, предизвикувајќи и во него слични чувства. Ако на тие напади се одговори евангелски, со љубов, тогаш се случува премин на третиот степен – обожение.

Ако ни се случуваат искушенија, непријателства од страна на луѓе, а ние ги немаме останатите карактеристики од вториот степен – како на пример, барем аскетската умно-срдечна молитва, тогаш со сигурност треба да знаеме дека некаде многу сме згрешиле, а никако да мислиме за себе дека сме маченици, кои некој ги прогонува заради верата или заради единството на Црквата.

naumДа заокружиме: на почетокот од секој степен добиваме голема благодат; потоа сме на испит дали сме чеда Божји или наемници; и на крај, ако сме чеда, се случува лично усвојување на благодатта и премин на погорниот степен. Има уште некои разлики и детали, со кои сега нема да ве заморувам, а заради кои ги користев зборовите „слично“, „слична“ и „наликува“.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, ослободи нѐ од секоја прелест и илузија!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(2)

  1. Прекрасна беседа. И слеп ќе прогледа.

    “Ако ни се случуваат искушенија, непријателства од страна на луѓе, а ние ги немаме останатите карактеристики од вториот степен – како на пример, барем аскетската умно-срдечна молитва, тогаш со сигурност треба да знаеме дека некаде многу сме згрешиле, а никако да мислиме за себе дека сме маченици, кои некој ги прогонува заради верата или заради единството на Црквата.”

  2. Суштина срж и срцевина. Да си ни здрав и жив владико свет! Триж достоен! Се менува навистина обликот на овој свет…

Напиши одговор на sgorgiev Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *