Почетна Проповеди Ако го загубиме духовното, ќе се загубиме самите, ќе исчезне и минатото, ќе ја снема иднината.
Ако го загубиме духовното,  ќе се загубиме самите, ќе исчезне и минатото, ќе ја снема иднината.

Ако го загубиме духовното, ќе се загубиме самите, ќе исчезне и минатото, ќе ја снема иднината.

587
0

ЈОСИФ, Митрополит тетовско-гостиварски, на Свети Климент Охридски – Скопје

Личноста и делото на свети Климент Охридски се неисцрпни, но и секогаш актуелни, зашто се осмислени и вдахновени со личноста на Спасителот, Господ Исус Христос, Кој е ист вчера, и денес, и во вечни векови (Евр. 13, 8). Несомнено, свети Климент бил, е и ќе биде инспирација за многу генерации православни христијани на овие простори, но и пошироко, зашто тој е од оние наши херои, вистинските херои, кои фалејќи Го Бога, постанаа омилени кај нашиот народ (Дела 2, 47).  Инспирација и за верниот народ, и за свештенослужителите, и за културните и образовните дејци, и за лидерите, на некој начин за сите. Но тоа се должи, како што веќе рековме, не само на заслугите и достигнувањата на свети Климент, зашто тие немаат смисла без Христа.

Оваа година одбележуваме многузначаен спомен поврзан со овој рамноапостолен светител – 1100 години од неговото блажено упокојување во 916 година. Еден милениум и еден век, а свети Климент не е паднат во заборав, не е само историски факт. Со 916 година тој не престана да живее, а продолжи, и еве го живо присутен и до ден денес. Го има во лекциите во училиштата и на факултетите, го има во проповедите, го има во молитвите, го има во делото и трудот на научниците, уметниците, писателите… Живее, зашто свети Климент се посвети на Бога, но и многу други посвети на Бога Животодавецот. Нам, преку него ни се и верата посеана уште од времето на свети апостол Павле на овие простори, од него ни е и Црквата. И знаејќи го овој факт, зар можеме да заборавиме на свети Климент? Може ли да се заборави оној, кој подражавајќи Го Господа Христа и чувствувајќи се апостолски призван, го утврди во добриот подвиг на верата (сп. И Тим. 6, 12), и го изве својот род од ропството на темнината и незнаењето. Зашто ако го заборавиме, сме ја заборавиле и верата и Црквата, а на тој начин сме се заборавиле себеси. Така, ако го загубиме духовното, сестраното духовно богатство, ќе се загубиме самите, ќе исчезне и минатото, ќе ја снема иднината. А може ли да исчезне од народната меморија оној, кој живеејќи според евангелските добродетели, се стекнал со заслужена небоземна почит. Затоа, ако сме народ мудар и расудлив, ако сме чеда на голем богоугодник и човекољубец, како што е свети Климент, тогаш ќе ги почитуваме неговите дела, ќе живееме по верата во која нè просвети и утврди, ќе покажуваме љубов кон Бога и луѓето, отфрлајќи секое зло и секоја навика и традиција на денешниот духовно дезориентиран свет.

Остварувајќи го, со содејство на благодатта Божја, повикот на кој сите сме повикани и здобивајќи го местото, кое секому од нас е дадено, а треба да го заслужиме, свети Климент уште веднаш по својата смрт беше потврден од народот како свет. Но тој не само во молитвата и начинот на живот, во делата што ги вршеше се потврди како прославен од Бога, туку тој свој начин на живот, согласен на Евангелието, ни го остави и со букви запечатен – предавајќи ни го својот подвиг и својата поука и во делата на неговите раце. Така, до ден-денес ги имаме сочувано словата, поуките и житијата напишани од свети Климент. А тие страници се секогаш актуелни, зашто подучуваат за многу аскетски и морални начела и принципи: за верата, добрите дела, постот, причестувањето, спасението, љубовта, смирението, трпението, пожртвуваноста, разумноста, целомудрието, човекољубието, богољубието, гостопримството итн. Овие пишани дела на свети Климент се значајни и затоа што ни ги објаснуваат и тајните на празниците, а нам свештениците ни даваат инспирација и модел за нашите проповеди, воведувајќи нè омилитичките тајни. Токму во ова негово грандиозно и свето дело ние гледаме колку свети Климент е длабок и поткован во своето теолошко излагање, колку е доследен на кирило-методиевската традиција, колку неговиот стил е близок до народот и колку е живоносно неговото слово. А колку е живо и актуелно неговото слово, ни говорат и следниве зборови: нам друго не ни останува, освен да ги пазиме Неговите заповеди, со љубов да примаме еден друг, како што Самиот Господ ни предаде, и рече: Не убивај, не кради, не прави прељуба, не лажи, не сведочи лажно, почитувај го твојот татко и твојата мајка, сакај го својот ближен како самиот себе, не само блискиот роднина, туку секој што живее со вера; гладниот хранејќи го, жедниот поејќи го, странецот примајќи го и необлечените облекувајќи ги; манастирите посетувајќи ги, кон Црквата брзајќи ден и ноќ, зашто во неа се очистуваме од секаков грев, и се оддалечуваме од секакво зло; со чиста совест да пристапиме кон светите тајни на пречистото тело и крвта Христова, немајќи непријателство против никого; не со јазикот да љубиме, а во срцето злоба да држиме, туку и со срцето и со јазикот еден друг да почитуваме…

Ревносниот проповедник на спасоносната Христова наука, светиоат апостол Павле, ни порачува: Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо и имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна (Евр. 13, 7). Затоа, возљубени и благословени Светиклиментови чеда, да се радуваме зашто сме народ духовно богат, кој, по Божјата промисла, од себе израсна личности, кои со својот живот и дело се забележани не само во историјата, туку се запишани и во вечноста. Соочени денес со многубројните искушенија, треба своето опстојување да го насочиме кон следбата и почитта за оние коишто покажале и докажале и со живот и со дело вистински вредности, и ни дале спасоносна наука. Несомнено, таков е и свети Климент.

josifНека ни е честит и вековит празникот на нашиот рамноапостолен просветител, нека е честито одбележувањето на 1100 – годишнината од упокојувањето на нашиот небесен закрилник, нека  емногулетна и многувековна нашата Црква, државата и нашиот народ.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *